Време е за промени во преговорите за името
26 октомври 2013Пат позицијата во спорот за името и по последната рунда преговори во Њујорк помалку или повеќе е епилог што не ги изненадува познавачите кои одблиску го следат дводеценискиот спор. Изјавата на Метју Нимиц дека има простор за модифицирање на неговиот априлски предлог, но не и напредок во разговорите, според аналитичарите е само потврда на цврстите позиции на двете страни од кои не се отстапува ниту милиметар. По ова логично е прашањето - како натаму? Дали е можен пробив или процесот ќе се тегне до недоглед!? Како и со што работите да се поместат од мртва точка? Поранешниот министер за надворешни работи Денко Малески во изјава за Дојче веле коментира дека по ваквиот неуспешен обид на Њујорк и Брисел за пробив, станува јасно дека Македонија ќе добие уште едно вето на самитот на Унијата во декември. Во вакви услови тој предупредува дека е клучно политичките фактори во Македонија да постигнат внатрешен консензус околу прашањето за името:
„Преговорите не е можно да се водат кога политиката што се води дома е во расчекор со онаа на меѓународен план и ако тоа не се отстрани не е можен излез од тој маѓепсан круг. Потребна е дебата помеѓу политичките фактори и градење на национален консензус. Дебата во која ќе учествуваат сите политички фактори, вклучително и владејачките националисти. Меѓутоа тоа не допира до ушите на власта, така што сметам дека состојбата ќе стане уште потензична и ќе се рефлектира на внатрешнополитички план. Власта ќе се најде во незавидна позиција, ќе има реперкусии врз демократските процеси и ќе се изострат внатрешните конфликти. Многу е важно сите политички фактори да бидат внимателни, да се научат на демократско поведение. Водачот на опозицијата рече дека за нив сега е неприфатливо кое било друго име и може да се случи тие сега да се дистанцираат и да ја остават власта сама во процесот“, коментира Малески.
Да се констатираат како неточни грчките „аргументи“
Средбата во Њујорк според поранешниот амбасадор Ристо Никовски е само нова потврда дека посредувањето на Нимиц е веќе потрошено и не може да понуди никакво решение. Тој смета дека е крајно време да се извести генералниот секретар на ОН за ќорсокакот во кој е доведена медијацијата и да се бара предметот да се врати на Советот за безбедност:
„Советот треба да изврши евалуација на проблемот, да ги преиспита сите ’аргументи’ со кои се инсистираше на суспендирање на уставното име на Македонија и да утврди дека сите тие се покажаа како неточни и лажни. Познато е дека Грција и нејзините сојузници тврдеа дека од Македонија се заканува иредентизам затскриен во името на државата, која, поради тоа, ќе ја доведе во прашање безбедноста на целиот регион. Сето тоа излезе обична измислица. Поминаа преку 20 години кои јасно потврдија дека во реалноста нема ништо од сето тоа. Неспорен факт е дека преку 20 години немало ниту еден безбедносен инцидент меѓу двете земји. Имајќи го сето тоа предвид, СБ на ООН мора да ја исфрли од употреба референцата и во комуникациите во ООН за Македонија да се користи нејзиното уставно и историско име“, смета Никовски.
Директни преговори со Грција
Против продолжување на преговорите во ваква форма е и професорот Лазар Лазаров. Македонија според него треба да инсистира на директни преговори со Атина и паралелно да ги засили дипломатските активности:
„Ова за мене не се преговори, туку јалови разговори. Потребни се преговори на ниво на експерти од двете страни кои би биле вклучени во подготвување на теренот, а на министерско или премиерско ниво директно да се преговара. Лично сметам дека Метју Нимиц го нема тој капацитет, секоја чест на неговите квалификации како правник, но неговите претходници беа поквалитетни од него. Овие преговори треба да се замрзнат, посебно по изјавата на Самарас дека нема отстапување од црвените линии. Паралелно треба да се води активна и интензивна дипломатија посебно во земјите во Јужна, Средна Америка, Азија, Африка кои што не‘ немаат признато под уставното име. Тие да не‘ признаат и да ги доведеме пред свршен чин во Генералното собрание и едноставно со двотретинско мнозинство плус еден да се заврши работата“, смета Лазаров.
Две стратегии на македонската влада
Позиционираноста на процесот во условно кажано мртва точка, според универзитетскиот професор Здравко Савески, создава дилема кај Владата, која, според него, размислува и тактизира околу две стратегии. Дали да го држи спорот замрзнат поради големиот потенцијал во одвлекување на вниманието на населението преку него, или да го користи како адут за анулирање на критиките од меѓународната заедница за актуелните процеси во земјата:
„Првата стратегија е постоење тенденција да не се реши спорот, бидејќи тој е доста поволен од гледна точка на македонската влада бидејќи секогаш кога ќе се јави некој проблем кај граѓаните може да се одвлече вниманието посочувајќи на спорот со името. Таа е една голема предност во спорот, поради која владата нема волја да го реши истиот. Но, од друга страна токму поради последните процеси на намалување на демократијата, што се случуваат во земјата, можеби ќе се случи своевидна трампа, владата да попушти во делот на името со договор со меѓународните фактори да не ја критикуваат за она што се прави во земјата. Тоа се две различни стратегии и мислам дека македонската влада во моментов тактизира бидејќи нема конечен став околу двете позиции“, смета Савески.
Инаку, Метју Нимиц отворено рече дека и доколку биде постигнат договор за името сериозно ќе се проблематизира опсегот на неговата употреба. Сепак, предлогот според него останува на маса и има простор за негова модификација и подобрување. Атина инсистира на решение ерга омнес со географска одредница пред Македонија, Скопје не сака да слушне за решение што би ги проблематизирало идентитетските обележја.