1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вработените од СЈО планираат да тужат

7 ноември 2019

По разрешувањето на Јанева и згаснувањето на нејзините овластувања, вработените во СЈО поминаа два месеца во агонија и неизвесност. Разочарани се што досега не е најдено решение за нив

https://p.dw.com/p/3SbMN
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski DW/P. Stojanovski

Наизглед се` е во ред, но реално ништо не е во ред. Секој нов ден во згаснатото СЈО е приказна за себе. Навидум фреквенцијата е иста како во „старите денови", но ентузијазмот на лицата на вработените е заменет со грижи и неспокојство. Доаѓаат редовно на работа, ги извршуваат нивните обврски, но стравуваат дека тој процес наскоро може да запре ако во институцијата биде исклучена електричната енергија. Два месеци се без плата и здравствено осигурување, а за исто толкав период стојат неплатени и сметките за струја, вода, греење... На сметката имаат финансии, но нема овластен потписник кој ќе го одобри нивното користење.

„Не се во прашање само сметките за струја, вода, греење, одржување на хигиената... Не можеме да ги платиме и вештачењата кои се нарачани пред згаснувањето на  СЈО,  а во меѓувреме се изготвени и доставени до нашата институција. Не можеме да ги користиме возилата за службени потреби. Нема кој да одобри средства за гориво. Солидарно собираме средства единствено за чистење на просторите два пати неделно. Што друго да направиме  кога доаѓаме со празни паричници на работа", велат вработените, кои се`уште имаат важечки договори за работа.

Преодно решение

Во моментов тие се буквално „заглавени“  во СЈО.

„Не можеме ни да заминеме одовде. Нема кој да не` одјави од СЈО. Бидејќи немаме здравствено осигурување, не можеме да земеме ни ден боледување. Не можеме да ги користиме дури ни деновите за одмор, бидејќи нема кој да ни ги одобри. Без никаква наша вина, излегува дека сите сме казнети", велат тие.

Овластување за сето ова, претходно имале заменичките на Јанева - обвинителките Ленче Ристоска и Елизабета Јосифовска, но по  разрешувањето на Катица Јанева,  тоа овластување престанало да важи. Од тој ден вработените се соочуваат исклучиво со проблеми. Разочарани се што и по два месеца не е најдено решение и велат дека размислуваат да тужат. Имаат информација дека Министерството за правда изготвило дополнување на законот за јавнообвинителски службеници, со кое надлежностите врз овие вработени би ги презел државниот јавен обвинител. Но, знаат и дека некои од партиите го блокирале таквото решение.

Nord-Mazedonien
По разрешувањето на Катица Јанева, вработените во СЈО се соочуваат исклучиво со проблемиФотографија: DW/P. Stojanovski

„Не веруваме дека не може да се најде решение. Веројатно ова не е прва институција што згаснала. Додека не се усогласи законско решение, зарем Владата не може со заклучок да задолжи лице кое времено ќе биде овластен потписник, за да излеземе од оваа агонија?" прашуваат нашите соговорници. 

Оваа судбина ја делат стручните сорботници, истражителите, вработените во ИТ-секторот и во помошните служби - архивари, доставувачи, портири, хаус-мајстори...

Материјалите се безбедни

Но, она што е многу важно, е дека не е загрозена безбедноста на материјалите кои се чуваат во СЈО, тврдат вработените. Како што е веќе познато, безбедноста на предметите е обврска на јавните обвинители кои од СЈО беа распоредени во основните јавни обвинителства, а беа распределени и  натаму да постапуваат по тие предмети.  За контролата над целокупниот материјал кој е во посебен сеф, и за спроведувањето на безбедносните мерки, се задолжени двајца јавни обвинители - Ристоска и Јосифовска. Дополнително, со цел да се заштитат материјали од предмети кои тековно стојат во компјутерите на стручните соработници, вработените од ИТ секторот направиле дополнителна заштита: за да нема ни опасност, ни шпекулации дека нешто нерегуларно се користи, изнесува или брише од компјутерите, го оневозможиле пристапот до нив. Тоа не важи за обвинителите кои и натаму ги застапуваат тие предмети.

Сепак, останува прашањето - што ако биде исклучена струјата, а со тоа и видео надзорот врз институцијата? Од таму велат дека нема таква опасност бидејќи институцијата има физичко обезбедување.

Од Јавното обвинителство и вчера повторија дека иднината на истражниот центар, вработените, опремата и се што е поврзано со функционирањето на СЈО треба да се реши со нови одредби кои треба да се донесат од надлежен орган, бидејќи Јавното обвинителство нема надлежност да решава за тие прашања.