Водечката улога на Германија во ЕУ во опасност?
30 мај 2022Пред една година, кога се ближеше крајот на мандатот на Ангела Меркел, таа беше фалена ширум светот како најважна политичка фигура во Европската унија и една од клучните политичари на Западот.
Сепак, во достигнувањата на нејзиното шеснаесетгодишно владеење се вклучува и спречување на Украина да се приклучи на НАТО, како и изградба на Северен тек 2 од Русија до Германија, иако во времето кога беше издадена дозволата за градба Русија веќе го имаше анектирано Крим. Ова речиси никој не го интересираше во времето кога германската канцеларка се збогуваше со политиката.
Поинаков свет
На првиот ден од рускиот напад врз Украина, германската министерка за надворешни работи Анелена Бербок рече: „Се разбудивме во поинаков свет“.
Руската инвазија врз Украина не само што го уништи европскиот поредок по Втората светска војна, туку ја промени и оценката за германската политика кон Русија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски на почетокот на април по убиствата во Буча ја покани Ангела Меркел да дојде и да види „до што доведе политиката на отстапки кон Русија во последните 14 години“.
Украинскиот писател Андреј Курков за ДВ вели дека во Украина се шират „многу антигермански емоции“. „Ангела Меркел отворено се нарекува виновник“, вели тој. Слични обвинувања доаѓаат и од Полска и од балтичките земји. Тие не се однесуваат само на Ангела Меркел, туку на цела германска генерација политичари кои се потпираа на теоријата „пресврт преку трговија“ односно дека историското непријателство со Русија може да се намали ако се тргува со нив. Поранешниот германски министер за надворешни работи и актуелен претседател Франк-Валтер Штајнмаер призна дека се направени „погрешни проценки“ кои му наштетија на кредибилитетот на Германија.
Најсрамна е улогата на поранешниот канцелар и лидер на Социјалдемократите, Герхард Шредер. Тој не сака да се дистанцира од Путин и се уште работи за руските енергетски концерни.
Дали е вистинска „пресвртница“?
На почетокот на војната во Украина, канцеларот Олаф Шолц во Бундестагот прогласи „историска пресвртница“ и на тој начин нагласи дека германската влада ја научила лекцијата.
Од друга страна, тој предупреди дека е можна Трета светска војна и се двоумеше во однос на испораката на оружје за Украина и воведувањето обемни мерки за бојкот на руските енергенси. Затоа не сите му поверуваа дека навистина се работи за „промена на епохите“. Премиерот на Полска, Тадеуш Моравјецки, му префрли на германскиот канцелар дека блокира дополнителни, построги санкции на Европската унија против Русија.
Има и други знаци за губење на угледот на Германија. На почетокот на април, во главниот град на Литванија, Вилнус, имаше демонстрации пред германската амбасада поради тоа што Берлин не воведува целосно ембарго на рускиот гас и нафта. Во балтичките земји, на добрите односи меѓу Германија и Русија отсекогаш се гледало со одредена недоверба, бидејќи тие земји самите се гледаат како следни можни жртви на Владимир Путин.
Неделава чешкиот весник „Лидове новини“ констатираше дека Шолц остава впечаток „како да се брани“ и дека неговиот одговор на барањата за испорака на оружје во Украина е „да, но...“. Според авторот, Шолц има лоша комуникација и променливо мислење.
Експертот за Источна Европа Фолкер Вајксел смета дека воздржаноста на Шолц не помогнала ниту за сликата за Германија во Москва: „Погрешна е претпоставката дека таканаречената трезвеност има позитивни ефекти врз имиџот на Германија во Русија. Напротив, пропагандата на Москва порано претерано ја претставуваше Германија како најдобар пријател, а сега претерано ја претставува како непријател“.
Недоверба кон Берлин
Хенинг Хоф од Германското друштво за надворешна политика гледа „недоверба“ и кај балтичките земји и Полска. „На крајот, Берлин сакаше да прави бизнис со Москва“, вели тој, што според него во тие земји буди асоцијации со пактот меѓу Хитлер и Сталин од 1939 година, со кој овие диктатори ја поделија Европа меѓу себе.
Повеќе: Војна во Украина: Канцеларот повеќе не сака да се колеба
Вајксел смета дека двоумењето за воведувањето ембарго и за испорака на оружје, како и во однос на желбата на Украина да се приклучи на ЕУ, не е добро прифатено од другите Европејци. „Од Германија се очекува да игра водечка улога во ЕУ. Но, без оглед на било кое од политичките прашања кои ги покрена во однос на Русија или Украина, германската влада започна да делува многу доцна и тоа го стори под притисок“, смета тој.
Украинскиот амбасадор во Германија Андриј Мелник изрази сомнеж дека „канцеларот не сака да го испорача“ ветеното оружје. Тој додаде: „Може да се добие впечаток дека чекаат примирје. Тогаш нема повеќе да има притисок врз Германија, па нема да има потреба ниту од храбри одлуки“.
Падот на угледот на Германија може да се види и во сосема друга област. На овогодинешниот избор за песна на Евровизија политиката имаше веројатно најголемо влијание досега. Публиката ширум Европа и даде најмногу поени на Украина, а најмалку на Германија.
Не расте ниту влијанието на Париз
Ако германското влијание опаѓа, тогаш влијанието на другите земји може да се зголеми. Во вторникот (17 мај) украинскиот претседател телефонски разговараше со германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон.
Зеленски го опиша разговорот со Шолц малку неволно како „навистина продуктивен“, а разговорот со Макрон како „суштински и долг“. Темата беше желбата на Украина што поскоро да влезе во ЕУ.
И покрај тоа, Хенинг Хоф не очекува дека Макрон ќе стане нов лидер на ЕУ.
„И недовербата кон Франција е голема“, вели тој, потсетувајќи дека од 2019 година францускиот претседател се обидуваше да воспостави стратешки дијалог со Путин, без договор со источноевропските членки на ЕУ.
Хоф вели дека европската политика кон Русија ионака не може да и се препушти само на Франција, односно Германија.
„Средна и Источна Европа, како и Балтичките земји и Полска исто така мора јасно да се слушнат."
Што треба да направи Германија?
Вајксел смета дека Германија мора да направи три работи: „Со сите сили да го поддржи барањето на Украина за кандидатски статус во ЕУ и да даде доследна поддршка за одбраната на Украина“.
Третата работа ја нарекува Херкулова задача - тоа е успешен енергетски пресврт. „Загубата на угледот од претходните недели брзо ќе биде заборавена доколку Германија покаже дека има модел за иднината."
Алудирајќи на политиката на поранешниот германски канцелар Вили Брант од 1970-тите, Хоф вели дека на Германија и треба некаква нова источна политика. Според него, таа политика треба да биде насочена пред се кон блиските соседи, партнерите во ЕУ и НАТО, а потоа како втор чекор кон постпутиновска Русија, за која Хоф вели дека се надева дека ќе дојде наскоро. „Довербата може да се врати само преку вистинска европеизација на политиката кон Русија“, вели тој.
Фолкер Вајксел смета дека е потребно и ново поимање на политиката. "Германското општество во 70те години сметаше дека во светот може да нема војни само ако тие никогаш повеќе не бидат агресори. Идеата дека некој друг би можел да биде агресор и дека на жртвата конкретно мора да и се помогне со оружје, а да не се извинуваат за делата од минатото - тоа за добар дел од германското општество беше незамисливо. Промената на начинот на размислување само што започна".