Војна во Персискиот залив би имала само губитници
15 јуни 2019На треперечката црно-бела видео снимка американската војска наводно покажува тим на Иранската револуционерна гарда во брз чамец кај нафтен танкер во Хомуршкиот теснец. Според американските тврдења, оваа иранска елитна едница отстранува неексплодирана магнетна мина од трупот на танкерот. Во американското официјално читање, Иранците така ги отстрануваат доказите, а тоа значи дека Техеран стои зад нападот на двата танкери.
Дали е тоа познатиот „пиштол кој чади“, значи „доказ“ оти некој е фатен на дело со кои политички би можела да се оправда воена одмазда? Треба ли воопшто да му веруваме на видеото и на приказната која со неа ја сервираат САД?
Сомнежот е повеќе од оправдан, бидејќи војната против ирачкиот диктатор Садам Хусеин во 2003 година се темелеше на целосно лажни тврдења на американските власти. Освен тоа, денеска живееме во дигитално време кога манипулацијата со снимките и сличните доказни материјали е уште полесно отколку тогаш.
Повеќе на темата:
-„Треба да се подготвиме за американско-иранска војна“
-Нов инцидент во Оманскиот залив
На прв поглед делува нелогично дека Иран - дури и тамошните тврдокорни - подготвено на САД им испорача повод за можна војна во која, со оглед на односот на силите, Техеран на крајот може само да загуби. Тоа е една страна на приказната.
Втората е дека стручњаците тврдат оти Иранската револуционерна гарда навистина има „експертиза“ во ракување на магнетни морски мини. Потсетуваат дека Техеран повеќепати се закануваше дека во случај на конфликт ќе го саботира сообраќајот низ Хормушкиот теснец кој е од витално значење за трговијата со сирова нафта и за светската економија.
Нападот на танкерите така би можел да се интерпретира како обид Иран да покаже мускули, да им демонстрира на Американците: Ние имаме свои начини, нема да се предадеме.
Сето тоа се шпекулации. Исто како и теориите дека зад нападот се крие американски, саудиски или израелски заговор. Точно е оти, со оглед на стратешките интереси во САД, Израел и во државите од Арабискиот полуостров, можат да се препознаат повеќе мотиви за подметнување повод да се обвини Иран.
Но, има еднакво исто показатели кои зборуваат против тоа сценарио - на пример Доналд Трамп. Тој е избран за претседател со ветување дека САД воено ќе се повлече од Блискиот исток. Војната против Иран веројатно би донела бројни загуби и не би била добиена без копнени трупи. Мртвите американски војници секако не би ги зголемиле шансите на Трамп наредната година повторно да биде избран за претседател.
На крајот останува горливото сознание дека, кој и да стои зад провокациите во теснецот, очигледно постојат сили кои и покрај секаков политички разум и хуманост ја земаат војната лесно или дури тоа го гледаат како „решение“ за конфликтот. Тоа е опасно.
Војната во Персискиот залив би имала разорни последици за многу земји во регионот, особено за оние во кои делуваат проиранските паравоиски - Јемен, Сирија, Ирак, Либан. Веројатно би биле погодени и Израел, Саудиска Арабија и Обединетите Емирати.
Таквата војна би имала само губитници. На Германија и на Европа, со нивното ограничено влијание, им останува само да сторат се' да не дојде до војна. Па сепак останува стравот дека се ближи војна која наводно никој не ја сака.