1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воинот со беспилотни летала Барак Обама

Клаус Кастан / Елизабета Милошевска Фиданоска6 јуни 2012

Во напад на американско беспилотно летало во Пакистан убиен е вториот човек во Ал Каеда. Владата на Обама е задоволна, во изборната година единственото што делумно функционира е борбата против терористите.

https://p.dw.com/p/158ba
Фотографија: picture alliance/dpa

На викендот дојде информацијата дека американскиот претседател е за кибер-напади врз Иран, а вчера (05.06) јавноста дозна дека во напад со американско беспилотно летало загинал вториот човек во Ал Каеда, Абу Јахиа ал Либи. Приврзаниците на Барак Обама сега го фалат претседателот како успешен командант во борбата против меѓународниот тероризам и против непријателските влади.

Тоа на медиумските стратези во Белата куќа многу добро им се вклопува во концептот. За Американците убивањето на осомничениот топ-терорист Ал Либи е огромен успех. Тоа така го претставува и портпаролот на владата Џеј Карни:

„Тој беше водач и топ менаџер за оперативните дејности на Ал Каеда“, рече портпаролот на Обама, додавајќи дека поради неговото огромно искуство на терористичката мрежа ќе и‘ биде тешко да најде соодветна замена на Ал Либи.

Ал Либи за Американците беше еден од најопасните терористи. Тој повеќепати во видео-пораки повика на напади врз американски цели и убивање на Американци. По него беше распишана потерница со награда од милион долари.

Тајните војни на Обама

Тоа што и Ал Либи сега загина во напад со беспилотно летало покажува колку е ефикасна новата стратегија на Обама. Секое целно убивање терористи мора да биде лично одобрено до претседателот, а Обама беше и тој што форсираше употреба на беспилотни летала во својот мандат.

Така претседателот и носител на Нобеловата награда за мир во политичкото секојдневие ја покажа својата втора страна, а за тоа има добра причина. Безбедносниот експерт и поранешен соработник на Белата куќа Вали Наср оценува:

„Секој мислеше дека единствен стремеж на Обама е да ги повлече трупите од Авганистан и Ирак и дека тој е анти-воен претседател, дека не посакува натамошен воен ангажман во овој кризен регион.“

Но тука многумина се излажаа. Новинарот Дејвид Сенгер неделава објави книга за тајните војни на претседателот. За телевизијата Си-Ен-Ен тој рече:

Barack Obama NATO-Gipfel in Chicago 2012
Барак ОбамаФотографија: Reuters

„Претседателот има стратегија која гласи: мора да излеземе на крај со непријателите на Америка без да испраќаме 100.000 војници во кризен регион и да трошиме милијарди долари, и уште згора на се‘ - да окупираме друга земја.“

Вистинска стратегија?

Обама има намера да го победи тероризмот со војна со беспилотни летала. Неговата втора тајна војна се води на интернет - со компјутерски вируси и други програми тој се бори против иранската атомска програма.

Војната со беспилотни летала и кибер-нападите се во моментов најсилното оружје на американскиот претседател во борбата против тероризмот и опасните влади. Дали тоа на долг рок ќе издржи? Критичарите се скептични и аргументираат дека со напади со беспилотни летала може да се постигнат краткорочни успеси, но долгорочно САД на тој начин добиваат нови непријатели. Белата куќа пак, контрира дека само во последно време при напади со беспилотни летала биле убиени дванаесетмина терористи на Ал Каеда и дека САД со тоа станале малку побезбедни.