Возило влета во маса луѓе во Минстер
7 април 2018Попладнево во центарот на градот Минстер пред еден ресторан на фреквентно место помало транспортно возило влета во група луѓе, при што загинаа три лица, вклучувајќи го возачот. Меѓу 20-тината ранети шестмина се наоѓаат во критична состојба, велат од безбедносни кругови. Полицијата во меѓувреме испитува сомнителен предмет во возилото. Очевидци велат дека возачот на комбето по нападот врз масата луѓе се застрелал самиот со огнено оружје. Наводно станува збор за Германец роден во 1969 година, кој имал психички проблеми. Засега нема информации за можните мотиви на атентатот, но се верува дека не е со терористичка заднина.
Кружат гласини дека возилото го напуштиле две лица и побегнале, но информацијата не е потврдена. Градоначалникот на Минстер Маркус Леве изрази жалење и шокираност поради настанот. Полицијата апелираше до граѓаните да не се шпекулира околу терористичка заднина на инцидентот пред да бидат познати фактите.