1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воени фантазирања во Русија

Роман Гончаренко/Ж.А.6 декември 2015

Една рок-група пее за заземање на Берлин, политичари и медиуми се закануваат со атомски напад: воинствената реторика во Русија станува се‘ поочигледна. Меѓутоа, расположението во општеството е поинакво.

https://p.dw.com/p/1HHtV
Фотографија: Getty Images/AFP/K. Kudryavtsev

Омилената руска рок-група Ва-Банк неодамна објави ново музичко видео со наслов „А потоа Берлин“, што е коверверзија на песната „Прво ќе го заземеме Менхетен“ од канадскиот пејач Леонард Коен од 1980-те години. Рускиот текст содржи актуелни политички пораки, се споменуваат санкциите на Западот, Крим и советскиот диктатор Сталин, за во рефренот да се каже: „Ќе го заземеме Менхетен, а потоа Берлин.“

По анексијата на Крим, воинствените и освојувачки фантазии во Русија се речиси секојдневие. Може да се чујат од политичари, експерти, новинари. Во социјалните мрежи курсираат апокалиптични фотомонтажи за идна војна со Европа и САД. На една ваква фотографија се гледаат руски тенкови во уништениот Париз, под неа стои наслов: „Тенковски тури во Европа.“

Атомски закани на телевизија

Секој ден наново се вршат закани со атомско оружје. Тоа досега во Русија се избегнуваше. Како ден на пробивање на табуто се смета 16 март 2014 година, денот кога на украинскиот полуостров Крим, окупиран од руските трупи, се одржа меѓународно непризнатиот референдум за припојување. „Русија е единствената земја во светот која вистински е во состојба, покрај САД, светот да го претвори во прашина“, изјави во државната телевизија познатиот модератор Дмитриј Кисељов. Од тој момент, атомските закани се во подем. Посебно десиот популист и заменик-претседател на Парламентот Владимир Жириновски предничи во тоа - час се заканува во прав и пепел да го претвори Киев, час Берлин, час - Вашингтон. Неодамна од говорницата на државната Дума дури размислуваше околу фрлање атомска бомба во Црното Море пред Истанбул, што би предизвикало турската метропола да ја однесат огромни бранови.

Wladimir Wolfowitsch Schirinowski
Жириновски сака Берлин, Вашингтон и Истанбул да ги срамни со земјаФотографија: picture-alliance/dpa

Социологот Денис Волков од реномираниот Левада - центар, институт за испитување на јавното мислење во Москва, ваквите изјави ги смета за обид за тестирање на јавното расположение. „Многу посериозно е што Путин во документарен филм изјави дека бил подготвен да употреби атомско оружје во екот на Кримската криза“, вели експертот за Дојче веле.

Во воздухот лебдат воени исчекувања

Деновиве во Русија буквално во воздухот лебди „очекување на војна“, смета московскиот новинар и блогер Алексеј Плучев. Ова расположение го шират главно медиумите, вели Плучев за Дојче веле.

Соборувањето на рускиот борбен авион од страна на турската воена авијација на границата кон Сирија од крајот на ноември се чини дополнително ја разжести воената реторика. Реномираната московска „Новаја газета“ предупреди од вистинска нуклеарна конфронтација. „Оние кои повикуваат на употреба на атомско оружје во функција на одмазда, а не на инструмент за одвраќање, се вистински злосторници“, пишува весникот, кој е критички настроен кон Кремљ. Весникот апелираше до читателите да потпишат онлајн-петиција за донесување закон за санкционирање на јавните закани со атомско оружје. Ваква петиција мора да има најмалку 100.000 потписи за владата да се зафати со неа.

Загриженост манифестираат дури и некои верни на Кремљ новинари. Уљана Скојбеда од булеварскиот весник „Комсомолскаја правда“ на крајот на ноември го доведе во прашање „ура-патриотизмот“ во поглед на конфликтот со Турција. Зборот „војна“ веќе се слуша насекаде, напиша инаку безрезервната приврзеничка на Путин, прашувајќи: „Дали навистина ни е потребна оваа војна?“ Нејзината колумна исчезна од интернет страницата на весникот само неколку часа по објавувањето.

Мнозинството Руси се против војна

Скојбеда го кажа она што сигурно го мисли мнозинството Руси. Според анкетите на јавното мислење, војната е најголема грижа на руските граѓани. Последните анкети на Левада-цантарот покажуваат дека околу две третини граѓани (59 проценти) во идните години сметаат на војна меѓу Русија и терористичката милиција Исламска држава. Секој четврт граѓанин (28 проценти) верува во вооружен конфликт со НАТО, констатираше Левада-центарот во ноември. „Мнозинството не сака никаква војна“, вели социологот Волков. „Но, околу 20 проценти од т.н. соколи се залагаат за радикални и агресивни чекори против Украина, Западот, САД и Турција“. Овие бројки се стабилни.

Jens Siegert
Јенс Зигерт: обичните луѓе не сакаат војнаФотографија: Heinrich Böll Stiftung/Andrea Kroth

Воените фантазирања во Русија не се многу раширени, вели за Дојче веле Јенс Зигерт, раководител на московското биро на фондацијата Хајнрих Бел. „Ако ги прашате, дали сакаат војна, најмногу од луѓето ќе одговорат негативно: ние, Русите, сме ориентирани кон мир, но кон војна не‘ принудуваат однадвор“, вели политикологот. Зигерт потсетува на државната пропаганда која над десет години и‘ дава на Русија печат на „опседната тврдина“. Освен тоа, постои и „десензибилизација“. Во руските медиуми насилството во меѓународната област се претставува повеќе како норма отколку како исклучок, вели Зигерт.

Путин и‘ се заканува на Турција

„Државно контролираната телевизија го подгрева хистеричното расположение толку многу, што на крајот ќе предизвика ’мечкина услуга’“, предупредува блогерот Плучев. Владата во вакви случаи речиси нема шанса за брза промена на курсот без да ги разочара своите „одушевени следбеници“. Конфликтот со Турција Русија нема да може да го заврши без „длабоко понижување на противникот“.

Во оваа насока беа изјавите на Путин во обраќањето до нацијата. На адреса на турското раководство во конфликтот настанат поради соборениот руски авион, Путин упати отворени закани. „Ние знаеме што треба да направиме“, рече рускиот претседател, без да наведува детали.