Воен ангажман без политичка визија
1 октомври 2015Мораме ли да прашаме кој е виновен? Да, мораме. Ќе се обидам и да објаснам зошто. Имено, талибанците со освојувањето на Кундуз го слават најголем успех по нивното соборување од власт во 2001. година. Со тоа и на последниот берлински политичар кој е склон кон разубавување на вистината му е јасно дека германскиот воен ангажман не донесе мир во Авганистан- и покрај тринаестгодишното вложување на милијарди евра и покрај бројните загубени животи на германски војници.
Но, не се работи само за германската војска и Кундуз. НАТО како целина не донесе мир во Авганистан, иако во земјата беа стационирани и до 130.000 негови војници. Официјално интервенцијата на НАТО заврши минатиот декември. Меѓутоа, во поголемиот број авганистански провинции продолжи крвопролевањето. Жртвите се главно цивили. Падот на Кундуз мора да се разбере во севкупниот контекст на случувања во земјата.
Сите против цивилите
А севкупниот контекст секогаш бил интернационален. Во Авганистан работите не можат да се набљудуваат како црно-бели, со јасна поделба на добри и лоши момчиња. Токму Кундуз покажува колку е сложена и збунувачка вистината во оваа земја. Низ северната авганистанска провинција Кундуз и истоимениот главен град, водат патишта на шверц со дрога и оружје. Тоа носи профит на борците меѓу кои има талибанци, припадници на Ал Каеда или симпатизери на „Исламска држава“, но тука се и бројни паравојски на локалните господари на војната. И владините трупи. Речиси сите имаат свои сојузници во странство: во Пакистан, Иран, Узбекистан, Таџикистан, Русија и на Запад.
Значи, цивилното население во Кундуз има бројни непријатели. Тоа е заробено меѓу многу нејасни фронтови. Така е и во целата земја. Да се потсетиме, кога во октомври 2001. почна воената интервенција предводена од САД, во прв план беше одмаздата и ловот на Осама бил Ладен, а не градењето на демократска држава. На војската и’ беше наменета задача која политиката не можеше да ја исполни. Не постоеше јасна визија со добро формулирани политички цели. Сега тоа се одмаздува, како и фактот дека НАТО ги прогласи локалните господари на војната за партнери. Многумина од нив се збогатија додека нивните луѓе го тероризираа цивилното население. Сето тоа им овозможи на талибанците повторно да ги освојат своите загубени територии.
Што да се прави?
Секако, наједноставно решение би било да се напушти земјата и зад себе да се затвори вратата. Во моите очи тоа би било неморално, тоа би било злосторство. И Германија има одговорност. И ние ги градевме новите структурни власти во Авганистан, давајќи голема надеж на цивилното население. Зарем е тоа случајно, што токму сега бројни бегалци од Авганистан заминуваат во Германија?
На Авганистан му е потребен искрен политички и демократки напор, кој не беше вложен за време на интервенциите во 2001. Дури кога ќе дојде до договор за политички цели, можно е да се одговори на прашањето колку долго би требало Бундесверот да остане во земјата. Доколку повторно ја ставиме војската пред политиката ќе се повтори и нашиот политички неуспех.