Во Хрватска нема да има кој да работи?
27 февруари 2018Хрватска рапидно го губи населението, а главно заминуваат луѓе во полн напон на работната сила, кои имаат знаења и лесно можат да ги применат во странство и да најдат работа. Уште полошо за демографската слика на земјата е што заминуваат цели семејства и Хрватска веќе бележи алармантен пад на бројот на новородени деца. Сите се сложуваат дека оваа криза би требало да биде тема број еден, но додека политичарите зборуваат, на пример, за „создавање услови за зголемување на платите“, не говорат дека тоа треба да значи намалување на трошењето од страната на државата, односно помалку вработени во државната администрација, помалку службени автомобили, секретари и секретарки, советници, реорганизација на територијалниот систем на земјата, поефикасно правосудство, реформа на образованието. Сите овие се прекрупни залаци, а за состојбата во тој сегмент сведочи и неодамнешната драматична оставка на државниот советник за демографија, д-р Марин Стрмота, изведена театрално пред камери. Што и да се мисли за неговиот потег, тој покажува дека состојбата во Министерството за демографија, семејство, млади и социјална политика е - очајна.
Исчезната генерација
„Имам чувство дека цела една генерација е исчезната. Еден ден кога ќе отидеме во пензија, нема да има кој да работи“, вели за Дојче веле Никола Ковачевиќ, сопственик на автомеханичарски сервис во Нов Загреб. Овој 40-годишен претприемач со години маки мачи со пронаоѓање работна сила, иако нуди пристојна плата и услови. Заминувањето на лекарите веќе стана пракса, исто како и на градежниците, но на земјата ѝ недостигаат и стручњаци и мајстори од сите видови, автомеханичари, готвачи, келнери.
„Се пријавувам на МојаРабота, преку Фејсбук страница и преку Агенција за вработување. Преку берзата ми испраќаа и по седум имиња на луѓе кои требаше да дојдат на разговор, па не се појавуваше ниеден“, раскажува Ковачевиќ. „Еднаш преку берзата ми се јавија двајца. Едниот не дојде на разговор, а другиот дојде само по потврда дека бил на разговор, за да го задржи статусот на невработено лице поради здравственото осигурување, а пари заработува работејќи на црно“, вели Ковачевиќ, кој доживеал луѓе да не се појават ни на денот кога требало да почнат со работа.
Астронаути на мешалка
Неодамна вистинска медиумска сензација предизвика огласот на еден задарски градежен претприемач, кој напиша дека бара астронаути и психијатри за работа на мешалка. За Дојче веле објаснува дека огласот го објавил фрустриран од фактот што на огласи за мајстори ѕидари, армирачи и друго му се јавуваат луѓе кои не знаат да работат. „Кога ќе чујат за дневница од 400 куни, сите знаат сѐ, а не знаат. Сѐ што нешто вредеше, замина во странство“, вели човекот кој сака да остане анонимен, зашто и онака има доволно проблеми со виралната објава на Фејсбук. Тој вели дека му се жалат луѓе кои заминале во странство и таму спијат по осуммина во соба, без кујна, а работат од утро до мрак. Кога ќе го одбијат износот што го плаќаат за кирија и трошоците, излегува дека имаат иста плата како во Хрватска. Но, вели дека тој не ги прима назад: „Ако си заминал, јас веќе не те примам“.
Повеќе на темата:
Хрватска: нема персонал во туристичкиот рај
Подобро илегален, отколку легален
Овој градежник од Задар сѐ уште бара луѓе, а мора да одбива понудени работи зашто нема доволно работници. Тој ја поздравува владината најава за засилен лов на работа на црно. „Денес е подобро да се биде илегален, отколку легален. Ако дојде инспектор, илегалецот само вели дека не сака да разговара, си ги собира работите и го напушта градилиштето. Јас морам да поставам табла на градилиштето со име на инвеститорот и изведувачите на работите и ако нешто не е како што треба, инспекторот веднаш пишува казни.“ За тоа време групи работници од Босна и Херцеговина нудат градежни услуги во огласи, без фирма, без данок, додава тој.
Мерки кои се добри...
На наше прашање, Хрватскиот завод за вработување, ХЗЗ, не одговори, но одговори кабинетот на министерот за труд и пензиско осигурување Марко Павиќ. Министерот се пофали со рекордно ниска невработеност, раст на БДП, економско опоравување, даночни реформи и успешна туристичка сезона. За мерки за образование на невработени лица за занимања кои се дефицитарни на пазарот на труд, владата обезбедила 200 милиони куни, а ХЗЗ се обидува невработените да ги насочи кон туризмот, каде владее голем недостиг од работници, напишаа од Министерството. Освен тоа, Владата ги зголемила квотите за вработување странци за занимања каде има недоволно работници. Дозволено е вработување 22.000 странски работници во градежништвото (10.770), туризмот (4.600) и бродоградбата (1.408), а оваа година првпат е дозволен увоз на работна сила за помошни занимања во туризмот и угостителството.
Хрватското здружение на работодавачи пак нагласува дека ова се само мерки за гаснење пожар, а потребно е сеопфатно намалување на трошоците на работење, парафискалните давачки и сите други оптоварувања кои го кочат економскиот раст. За долгорочно решение се бара и коренита реформа на образованието.
И мерки кои се смешни...
Со други зборови, треба да се направи повеќе и подобро. Колку се владините мерки половични, сведочи раководителот на еден ресторан во Загреб. Тој за топол оброк на своите работници мора да ги плати сите давачки, зашто тоа е плата во натура, а за сезонците на море тоа не важи. Владината мерка, имено, не важи во Загреб, каде летоска угостителите не можеа да најдат работници. „Сакам на работникот да му дадам топол оброк, но ме казнуваат ако го направам тоа. Не можам да го спроведам тоа ни како репрезентација, но ако изнајмам јахта на една недела и глумам дека сум го шетал деловниот партнер, тоа ми се признава како трошок во стропроцентен износ.“ Посебно бесмислени се мерките со кои државата реши да им олесни кај придонесите на работодавачите кои работниците една година ги држеле на минималец. „Јас сум казнет зашто на луѓето им давав повисока плата и ја исплатував според закон, со сите давачки“, заклучува нашиот соговорник.