1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Турција е загрозена демократијата

Хелен Баерс/бг8 март 2016

Со преземањето на весникот „Заман“, турската влада го издигна заплашувањето на новинарите на ново ниво, вели турскиот експерт Јасар Ајдин во разговор за ДВ. Демократијата е поткопана.

https://p.dw.com/p/1I91A
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Yaman/Zaman Daily News

ДВ: Турската полиција упадна во просториите на Заман и ја презема контролата врз весникот. Весникот е познат по своите врски со движењето на Ѓулен, кое е во судир со Реџеп Таип Ердоган. Што се крие зад владината мерка?

Јасар Ајдин: Бизнис групацијата која го поседува „Заман“ беше обвинета за финансиска поддршка на терористичка група. Секако, нормално е што ваква вмешаност е истражувана и спречена. Но, се работи за критичен весник кој во моментов е раководен од администратор и е трансформиран во владин поддржувач. Позадината е во судирот со движењето Ѓулен. Претседателот Реџеп Таип Ердоган смета дека тоа ги става под прашање неговата желба за моќ и стилот на раководење, точки кои се оспорени и меѓу некои негови приврзеници.

Yasar Aydin Türkei Experte bei SWP Berlin
Јасар АјдинФотографија: privat

Според вашата проценка, дали преземањето на Заман е само изговор за затворање на опозициските медиуми?

Сметам дека турските лидери сакаат да ги заплашат опозициските медиуми и критичните новинари. Сега тие се обидуваат да извршат политички и економски притисок врз медиумите, паралелно со обидите да ги стават под принуда. Овие обиди сега достигнаа ново ниво. Загриженоста за слободата на медиумите во Турција е оправдана.

Што значи упадот во Заман за слободата на печатот во Турција?

Слободата на медиумите во Турција е многу ограничена. Треба да се знае дека АКП контролира најголем дел од медиумите и ги користи медиумите како средство за заплашување на политичките противници и за замолчување на јавната дебата во Турција. Друг фактор е начинот на кој се испреплетени медиумите и бизнисот. Медиумските компании инвестираат во други сектори како градежништвото, транспортот и индустријата, и нивните бизнис зделки ги спречуваат да играат објективна медиумска улога, како што е случајот во етаблираните демократии.

Како луѓето во Турција го интерпретираат преземањето на Заман, апсењето на двајцата новинари на „Џумхуриет“ и другите напади врз медиумите?

Различно е. Поддржувачите на АКП не се жалат. Тие се убедени дека владините обвинувања против овие медиуми се оправдани. Но постои и критичен дел на населението кое не мисли дека ова е добро - тие се симпатизери на „Заман“, а претходно беа симпатизери и на „Џумхуриет“. Во Турција има силен бран на солидарност со критичните новинари и опозициските медиуми.

Türkei Istanbul Protest Übernahme Zeitung Zaman
Протести во Истанбул против упадот во ЗаманФотографија: picture-alliance/dpa/S. Suna

Дали нападите врз критичните медиуми ја ставаат Турција на патот на диктатурата?

Турција е демократска земја, но владеењето на правото е сериозно загрозено. Не би можел да говорам за диктатура, но дефинитивно можеме да кажеме дека во Турција се загрозени владеењето на правото и демократијата, и тоа е загрижувачки.

ЕУ зависи од Турција за решавање на бегалската криза. Дали Ердоган ја злоупотребува таа ситуација?

Бегалската криза секако му даде добра можност да презема акции против новинарите на домашен терен. Не треба да се заборави, дека вакви нешта се случуваа и пред бегалската криза, слободата на говорот беше ограничена во Турција и претходно. Значи, тоа не е единствената причина.

Може ли, во светло на нападите врз слободните медиуми, Турција реално да се смета за земја кандидат за членство во ЕУ?

Важно е да продолжат разговорите за ЕУ членство со Турција.Но мора да се испрати јасен сигнал до владините лидери дека Турција мора да се врати на патот на демократијата. Не смееме да заборавиме: во 1970-те кога започнаа разговорите со источниот блок и тие не беа демократии. Турција застранува од демократијата, но доколку ЕУ ги суспендира разговорите со Турција, тогаш повеќе нема да може да врши влијание и да ги поддржува демократските процеси.

Д-р Јасар Ајдин е социолог и предавач на Универзитетот во Хамбург. Тој е член и на Турскиот европски центар во Хамбург