1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во среда ќе се знае името на кандидатот за уредник во МТВ

Катерина Блажевска29 август 2016

Два дена пред лидерската средба, во партиите владее уверување дека Македонија е пред сигурна одлука за избори. СДСМ во среда ќе го соопшти името на кандидатот, номиниран за нов уредник во МТВ.

https://p.dw.com/p/1JrRJ
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Thissen

Утре треба да биде договорен терминот во кој лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, задутре, на 31 август ќе ја одржат лидерската средба за да оценат дали се исполнети условите за одржување фер-избори, согласно со преземените обврски од договорот од 20 јули. Ако оценката биде позитивна тие треба да го одредат датумот за избори, а според сите досегашни изјави, тоа би бил 11 декември. Во среда се очекува да биде соопштено и името на кандидатот, номиниран за уредник во МТВ. Од опозициската СДСМ потврдуваат дека „изборот е направен и дека името ќе го соопштат во среда“. Според договорот, уредникот требаше да биде номиниран од најголемата опозициска партија и да стапи на функција 100 дена пред изборите. Сто дена пред изборите и парламентот треба да ја изгласа новата техничка влада. Мандатот на сите министри и дополнителни заменици министри кои се именувани според договорот од Пржино, ќе заврши на денот кога ДИК ќе ги објави официјалните резултати од изборите.

Сите се за избори

Според уверувањата и атмосферата што владее речиси во сите партии, Македонија е на чекор пред сигурна одлука за избори. Во ДИК завршија роковите и процедурите во кои т.н спорни гласачи можеа да го потврдат нивното избирачко право, а последна шанса за тоа ќе имаат при јавниот увид во Избирачкиот список. Останува да се комлетира ад-хок телото за медиумски мониторинг. Два дена пред лидерската средба, четворицата членови на ова тело денеска повторно ќе заседаваат, бидејќи изборот на петтиот член во комисијата е блокиран од минатата недела. Дел од членовите се надеваат дека партиите ќе помогнат да се дојде до решение. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вчера им порача изборот да го направат сами.

Macedonian Radio Television, MRT
Изборот е направен, името на нов уредник во МТВ ќе биде соопштено во средаФотографија: Petar Stojanovski

„Аман од политичките партии. Преку глава им е на граѓаните. Како еден од претседателите на поголемите партии, апелирам до четирите члена да го изберат петтиот член“, изјави Заев.

Според него, проблемите што се јавија при изборот на петтиот член, не ја доведуваат во прашање одлуката за избори во декември.

„Не е крај на светот, и навистина не треба да дозволиме поради една ваква мала причина да се одложат заклучоците за исполнување на условите, во согласност со кои ќе биде фиксиран датумот за избори. Јас верувам дека ние претседателите на поголемите партии на 31 август ќе објавиме дека 11-ти декември ќе биде датумот на изборите“, дециден беше Заев.

Тој објасни дека во однос на медиумските реформи, за СДСМ најприфатлив бил законот предложен од меѓународната заедница, а кој ЗНМ го предложи во парламентот.

„Но, ние сме само една од четирите страни во преговорите. Моравме да избереме дали ова ќе трае бесконечно, или конечно ќе ја завршиме оваа политичка криза. Сакајќи брзо да се оди на избори, се решивме да имаме барем нешто што ќе направи исчекор кон враќање на независноста на медиумите. Ова ад-хок тело може да направи убав и квалитетен исчекор 100 дена пред изборите и да испрати порака дека претставувањето и на политичките партии може да биде избалансирано. Верувам дека она што е договорено, е минимум услов за да одиме на избори. Мој личен став е дека ова ад-хок тело не може да биде причина за да не се одржат изборите“, повтори Заев.

Категорични ставови „за“ избори, доаѓаат и од владејачките партии. Од ВМРО-ДПМНЕ повторуваат дека одлуката зависи само од СДСМ, бидејќи нивната партија секогаш е подготвена за избори, исто како што била подготвена и за избори на 24-ти април, и за избори на 5-ти јуни. И според ДУИ избори треба да се одржат, бидејќи тие ќе ѝ стават крај на политичката криза. Од четвртиот потписник на пржинскот Договор - ДПА, беа недостапни за коментар.

Опасност од скриени сценарија

Од друга страна, во политичките кулоари сѐ погласно се коментира дека лидерската одлука за избори не мора да значи дека тие и навистина ќе се одржат. Според овие шпекулации, зад категоричните изјави за избори се кријат неколку варијанти на едно клучно сценарио, кое е поврзано со судбината на Специјалното јавно обвинителство, односно со изјаснувањето на Уставниот суд за уставноста на законот за СЈО. За оние кои се засегнати со неговите постапки, очекуваниот ефект би бил опозициско незадоволство од одлуката на Судот, односно од евентуално изрекување времена мерка за престанок на неговите активности сѐ до изрекувањето на конечната одлука, што би поттикнало протести, а опозицијата би била принудена да го ревидира ставот дека има услови за фер - избори.

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Лидерската одлука за избори не мора да значи дека тие и навистина ќе се одржат?Фотографија: Petr Stojanovski

Во опозицискиот кампус велат дека се надеваат оти нема да се случи такво нешто, бидејќи на таа институција треба да ѝ се овозможи непречена работа, со цел да се дојде до правна разрешница за случаите кои произлегуваат од незаконски следените комуникации.

„Но, доколку се случи нешто што ќе го загрози тој правен процес, констатацијата дека не се можни избори ќе биде најбенигната варијанта, а тие што работат на вакви сценарија ќе мора да го прифатат ризикот од таквиот исход“, велат од СДСМ.

Состојбата може дополнително да се наелектиризира и ако биде оспорена одлуката на ДИК за бришење на спорни гласачи, но засега никој не сака да коментира како би реагирале во таков случај.

Од опозицијата велат дека се посветени на програмата и на интензивни консултации за профилирање на опозицискиот блок. Односно, дали ќе се формира широк заеднички фронт од опозициската левица и од опозициската десница („Обединети за Македонија“, Демократски сојуз, ВМРО-НП, „Достоинство“ и други партии) или сепак на изборите ќе настапат одвоено, но со заедничка цел - да го поразат режимот. Но, она што е извесно, е дека на кандидатските листите на опозицијата предводена од СДСМ, ќе се најдат активисти на „Шарената револуција“ во сите шест изборни единици.