1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Скопје се крои владата, во Софија пристапот кон Скопје

10 јануари 2022

Опозициската ГЕРБ го критикува денешното заседавање на Консултативниот совет за национална безбедност на тема Северна Македонија, а ВМРО-БНД повика на мирен собир.

https://p.dw.com/p/45KoK
Bulgarien I Wahlen I Rumen Radew
Бугарскиот претседател Румен Радев закажа состанок на Консултативниот совет за национална безбедност (КСНС) Фотографија: Olivier Hoslet//Pool EPA/AP/picture alliance

Додека во Скопје привршува компонирањето на новата македонска влада, чиј премиер на 18-ти јануари треба да биде домаќин на бугарскиот колега Кирил Петков, во Софија се одвива важен состанок кој ќе биде првиот лакмус - дали решението на спорот меѓу двете земји ќе се помести од мртва точка.

За денеска, во 14 часот по локално време, бугарскиот претседател Румен Радев го закажа состанокот на Консултативниот совет за национална безбедност (КСНС) на тема „Интеграција на Западен Балкан во ЕУ; Улогата на Република Бугарија во проширувањето на ЕУ и во процесот на стабилизација и асоцијација: Република Северна Македонија и Албанија“.

Во пресрет на заседанието на КСНС, опозициски политичари не покажаа разбирање за потребата од заседавање на тоа тело, и состанокот го оценија како беспредметен и пи-ар кампања на претседателот. Тие потсетуваат дека токму по последниот состанок на КСНС во 2019 година, била усвоена рамковната позиција и декларацијата на Народното собрание во однос на РСМ.

„Не гледам дека е нешто сменето од 2019 година, кога на 10-ти октомври Народното собрание ја донесе Декларацијата за членство на РС Македонија во ЕУ, а оваа тема е една од малкуте нешта за кои земјата постигна национален консензус“, изјави за БНТ поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева и актуелна пратеничка на ГЕРБ.

Таа праша зошто се свикува КСНС во време кога ништо не е сменето во односите Скопје-Софија, особено што тоа тело две години воопшто не било свикано иако имало многу важни прашања - справувањето со пандемијата, енергетската криза, Украина, Казахстан... Според Захариева, какви било нови идеи за решавање на спорот треба да поминат низ народното собрание, а не за нив да се дознава од медиумите и од статуси на Фејсбук. Во изјава за „Труд“ таа потсетува „дека западната сосетка не почнала да ги исполнува обврските од Договорот за добрососедство од 2017 година, дека во Софија требало да дојде новиот македонски премиер Димитар Ковачевски, а не Кирил Петков да оди во Скопје, но и дека македонскиот претседател Стево Пендаровски две години не стапнал во Бугарија“.

bulgarische Außenministerin Ekaterina Zaharieva
Захариева прашува зошто се свикува Консултативниот совет за национална безбедност во време кога ништо не е сменето во односите Скопје-СофијаФотографија: BGNES

Сомнеж за кршење на консензусот

Денешната владејачка коалиција во Бугарија ја сочинуваат четири партии, од кои, освен БСП, останатите три (Продолжуваме со промената, ИТН и Демократска Бугарија) не учествуваа во Народното собрание кое ја донесе споменатата Декларција во 2019 година. Но, од партијата на Бојко Борисов, која сега е во опозиција, се залагаат да биде зачуван консензусот од 2019 година.

„Не разбирам што се бара со свикувањето на КСНС, бидејќи во Бугарија има национален консензус на темата РСМ и никој не изразил намера да го разруши тој консензус и да предложи нов“, изјави за БНР заменик-претседателот на ГЕРБ и атуелен пратеник Даниел Митов, кој беше и министер за надворешни работи во кабинетот „Борисов 2“.

„Со свикувањето на КСНС може да се скрши овој консензус. Јас не знам дали не е тоа целта. Претседателот Радев очигледно преземал некои обврски за време на двете службени влади и сега се обидува да ја префрли одговорноста врз политичките партии за неуспехот од неисполнувањето на тие обврски“, изјави тој.

Според Митов, Румен Радев е должен да го поддржува консензусот на тема „Северна Македонија“:

„Треба да се води многу активен разговор со ЕК, за да стане јасно дека ЕУ не може да ги затвора очите во однос на неспроведувањето на Договорот за добрососедство од страна на Скопје и дека мора да застане на страната на Бугарија. Постепено да почне да разбира дека во претстојната преговарачка рамка е неопходно да се вклучат барањата на Бугарија како дел од преговарачкиот процес“, порача Митов.

Тој оцени дека посетата на премиерот Петков на РСМ е гест што дава основа да се мисли дека има намера да се смени бугарската позиција.

„Кога се прави таков гест важно е да се објасни дали тоа ќе промени нешто, а не да се оставаат можности за шпекулации, да се појавуваат намери од трети страни кои не кореспондираат со реалноста“, порача заменик претседателот на ГЕРБ.

- повеќе на темата: Дичев за барањата на Трифонов: Додека не добие Нобелова награда, Бугарија да ги блокира сите одлуки на ЕУ!

Втроиот заменик-претседател на ГЕРБ и поранешен долгогодишен вицепремиер, Томислав Дончев, на прес-конференција изјави дека првата надворешнополитичка посета на Петков на РСМ „е грешка“.

„Првата посета требаше да биде во Романија, бидејќи ако треба да се исполни ветувањето дека до крајот на мандатот ќе има 5 или 6 моста на реката Дунав, ние треба да сме готвови со меѓувладиниот договор најдоцна следната недела“, го објаснил Дончев бугарскиот приоритет.

Bulgarien |  neuer Premier Kiril Petkov
Посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на РСМ е грешка, критикуваат опозициски политичари во БугаријаФотографија: BGNES

Повик за мирен собир

Противници на денешниот состанок се и од опозициската ВМРО-БНД, која повика на мирен собир додека заседава КСНС. Од партијата предупредија дека ако бугарските власти им го свртат грбот на националните интереси поради деловни зделки со Скопје, партијата ќе почне процедура за национален референдум по тоа прашање. Како што соопштија од ВМРО-БНД, повод за мирниот собир се „противречните изјави на премиерот Кирил Петков, како и некои негови постапки“.

„Една од нив е испраќањето на неговата советничка Весела Чернева во Скопје во првите денови од јануари, без никаква јасност со каква цел е направена посетата и што било разговарано. Според информација на ВМРО, на тие разговори не бил повикан бугарскиот конзул, што ја прави ситуацијата уште позагрижувачка. Исто така, потсетуваме дека г-ѓа Чернева беше еден од најголемите критичари на ветото наметнато од Бугарија за членството на РСМ во ЕУ. Нема да дозволиме правата на Бугарите во Македонија и нашата историја да станат разменлива монета за нечии нечисти политички интереси. Повторно ги повикуваме сите партии во парламентот да не отстапуваат од веќе поставените услови: да бидат гарантирани правата на Бугарите од другата страна на границата, да запрат репресиите и малтретирањето врз нив“, потенцираат од ВМРО-БНД, додавајќи дека не може Бугарите во РСМ „да бидат истргувани за визи, авионски линии или финансиски коридори“.