Во САД владее страв од еболата
17 октомври 2014Стравот кај неа е голем исто колку и огорченоста: Џовита Лин 10 години работела како медицинска сестра во станица за итна помош и добро ја познава тежината на работата.
Но, таа никогаш досега не почувствувала толкава беспомошност како сега, откако две нејзини колешки во Далас неочекувано се заразија со вирус на ебола.
„Немаме соодветна опрема, обука и вежби за да можеме да ги третираме овие пациенти“, вели таа за Дојче веле. Притоа, се чувствува, таа не ја одразува само острата критика на синдикатите и растечкото незадоволство на Американците, според анкетите, од кризниот менаџмент на здравствените служби. Таа и самата е длабоко погодена, со широко отворени очи и цврст глас вели: „Се плашиме, не сме подготвени“.
Џовита Лин работи во католичката болница Провиденс во Вашингтон, која со над 400 болнички кревети е една од најголемите во американскиот главен град. Нејзиното кредо е-згрижување на пациентите на најдобар можен начин, во духот на христијанската традиција: „Радост, грижа, совесност и почит“. Лин не е сигурна во придржувањето кон ова. Раководството на болницата од нејзино гледиште покажува малку почит и грижа за соработниците: „Искрено кажано, не верувам дека менаџментот сериозно го сфаќа целиот случај со еболата“.
Хју Хил, долгогодишниот лекар - раководител на Итната помош во болничкиот центар Џон Хопкин Бејвју, го оправдува незадоволството на болничкиот пресонал. Можно е во одделни болници да немале соодветна заштитна облека, вели тој за Дојче веле. Но, недостатоците брзо се кoригираат, се праваат планови и обуки за ракувањето и чистењето на заштитната облека.
Обуките почнаа предоцна
Хил меѓутоа признава-во неговата болница предоцна започнаа обуките за заштитните мерки. Релативно доцна, дури по инфекцијата на првата медицинска сестра во Далас, стигна сознанието дека треба да се „направи повеќе“.
„Навистина верувавме дека дотогаш воведените заштитни мерки се соодветни“, се обидува тој да го објасни временското доцнење.
„Требаше да научиме дека овој вирус е високо пренослив и дека пациентите, посебно кратко пред смртта, во себе имаат неверојатен број на вируси“.
Болницата Џон Хопкин, според Хил, со својот персонал практикува т.н. „Бади систем“, во кој се инволвирани тројца соработници кога еден болничар ја облекува заштитната облека.
„Еден кој ги чита упатствата и се осигурува дали заштитната облека се облекува и соблекува според прописите. Втор, кој исто така има на себе заштитна облека и не прави ништо друго освен да внимава да не дојде до контаминација“. Третиот е всушност болничарот кој доаѓа во контакт со пациентот.
Хил не е сигурен дали другите болници тренираат ваква сложена постапка. Понекаде упатствата едноставно се проектираат на зидовите, а кај нив се читаат за да се запази секој детал.
Жестока критика на сметка на американските власти за борба против епидемии
Хил чувствува компетентна поддршка од централната американска служба за епидемиологија. Џовита Лин има сосема поинакво мислење. Оваа служба постојано ги променува насоките, тврди таа.
„Мојата болница уште не успеала да ги примени ни веќе испратените упатства, а уште помалку оние кои следат потоа“. Лин доаѓа до остар заклучок: „Немаме ништо со што можеме да работиме“.
Освен тоа, нејзината болница од надлежната служба во Вашингтон добила само препораки, без упатства за нивно спроведување, а уште помалку обука за нив.
Тековно учење
Хју Хил напротив има разбирање за постојаната промена на препораките на американските власти за борба против епидемии.
„Ние за вирусот учиме во од. Мислам дека сите експерти во САД се на мислење да се промени нашата реакција на болеста по она што се случи во Далас“.
Само четири болници во САД ги имаат највисоките можни стандарди за заштита, меѓу кои тие во Атланта и во Вашингтон, во кои сега се преместени двајцата пациенти со ебола. Другите големи болници имаат исто така добри, но не „перфектни“ можности за изолирање на пациенти, смета Хил. Бидејќи четирите високоспецијализани болници на располагање имаат само ограничен број кревети, од повеќе други се бара да се опремат во најмал можен временски рок. Притоа, истакнува Хил, нема единствен стандард во САД, туку секоја болница работи индивидуално во подготовката за прием на итни случаи.
Во болницата каде работи Хил во Балтимор, на пример, договорено е следното: оној кој ќе дојде во станицата за итна помош, прво го прашуваат дали бил на патување. А ако има температура и симптоми слични на маларија, евентуално предизвикани од ебола, веднаш ќе биде испратен во станица за карантин.
„Тогаш ќе ги повикаме локалните епидемиолошки власти, ќе го собереме нашиот сопствен тим за инфективни болести, ќе побараме во од специјалниот тим на болницата Џон Хопкинс да испрати претставник во рок од едне час“.
Секогаш се можни грешки
Но, никогаш неможе да се биде перфектен, признава Хил.
„Можеме само да се приближиме до перфекција“. Тој многу добро ја разбира загриженоста на луѓето во САД, но неговите соработници и тој продолжуваат со работа, иако сега се во свесни за зголемената опасност.
„Ова е мојата работа, ова е мојот живот, тоа што ме исполнува“, вели тој.Пред неколку години, при слична ситуација, тој на своето семејство му соопштил дека „тато неколку дена нема да дојде дома. А во екстремен случај, може да се случи, воопшто да не се врати дома“.