1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во посета на салафистите кои делат Коран

Наоми Конрад/ Жана Ацеска30 октомври 2014

Една петтина од германските џихадисти кои се приклучија на Исламска држава, имале контакти со кампањата „Lies!“(читај). Се работи за бесплатно делење на Коранот заради ширење на ислмаот. Кои се луѓето кои тоа го прават?

https://p.dw.com/p/1DeTE
Фотографија: dapd

Над месарницата, во која една овца непрекинато блее, летаат два гаврани. Нивното гракање одѕвонува низ нечистиот двор, во кој се наредени стари автомобилски гуми покрај бродски контејнери и метални буриња за нафта. На едниот крај двајца мажи со грибла собираат слама и ја фрлаат во огнот во кој очигледно гори и пластика. Непријатниот мирис на густиот чад кој го исполнува дворот стигнува и низ отворениот прозорец на такси-возилото. Возачот, постар љубезен господин, се згрозува. Додека од Келн патувавме низ зелената околина, ниви засадени со маслена репка и идилични села, тој само се смееше и се шегуваше. Сега се намурти. Сето тоа, вели тој, покажувајќи на дворот, тие мажи и гавраните, изгелда како сцена од некој хорор-филм. А потоа ми ја дава својата визит-карта:

„Ве молам, ако нешто се случи, јавете се. Во секое време“. Тој би дошол да ме земе, веднаш!

Geschäftsstelle der salafistischen Gruppe Lies!
Централата на кампањата „Читај!“Фотографија: DW/N. Conrad

Кампања „Читај!“

Додека такси-возилото си заминуваше, ветрот силно ја затвори металната врата покрај која што стои неупадлив бел натпис. На него со големи портокалово-црвени букви пишува „Читај!“, а под него - „Издавачка куќа“. Одовде со бродови се испраќаат примероци на Коранот кои млади, често брадати луѓе бесплатно им ги делат на минувачите во центарот на Минхен, Берлин или Келн, а од пред неколку месеци и на Косово, во Мароко, Велика Британија. Наскоро би требало да бидат опфатени и Италија и Полска, како и Дубаи и Бахреин.

Значи,тука, во навидум беспатието недалеку од Келн се наоѓа централата на организацијата чии членови Ахмад Мансур ги нарекува „радикални салафисти“. Салафизмот е конзервативна струја во исламот која се придржува на раното исламско учење од времето на пророкот Мохамед, а подоцнежните интерпретации ги одбива. Тоа е значи строгото толкување на исламот, кое Мансур го смета за опасно. Овој психолог има долгогодишно искуство во работа со радикализираните млади луѓе. Често телефонски го повикуваат родители чии деца се радикализирале преку кампањата „Читај!“, започната од палестинскиот проповедник Ибрахим Абу Наги. Централата е и под будното око на Германската служба за заштита на уставниот поредок. Според наводите на Мансур, секој петти џихадист кој заминува од Германија за да се придружи на Исламска држава во Сирија или во Ирак, има врска со кампањата „Читај!“.

„Јас не гарантирам за тие луѓе!“

„Ах“, ќе рече подоцна Абу Наги, гледајќи сериозно во камерата која ја држи неговиот пријател. Околу 2500 доброволци, браќа, се коригира брзо, само во Германија секојдневно на 70 или 80 штандови делат бели, зелени и црвени примероци на Коран, кои во малиот магацин се сместени на големи палети. Тој го смета за „неправедно“ тоа што сега на кампањата „Читај!“ се сака да и‘ биде припишана одговорноста за нешто што луѓето го прават во приватниот живот. Ако некој сака да оди во Сирија или Авганистан, тогаш тоа е негова работа, некој кој сака да се бори не го прашува него за дозвола, вели Абу Наги. „Јас не гарантирам за тие луѓе“, додава тој, што е со другите џихадисти, каде се радикализирале тие, прашува.

Абу Наги не сака да се изјасни дали Исламска држава, кон која се приклучуваат толкумина млади луѓе, од кои веројатно многумина учествувале во кампањата „Читај!“, е исто така дел од исламот. Тој вели-дома нема ни радио ни телевизија, па не е доволно информиран за да може да даде свое мислење. И воопшто, продолжува, не е негово да донесува суд за другите муслимани, зашто не е „доволно учен за тие прашања“. Но, во едно е сигурен: „Ние сме мирољубиви“. Ако понекогаш и дојде до некои судири, тоа е зашто муслиманите мораат некако да се одбранат.

„Во тој случај насилството е легитимно“, вели салафистот Наги. Но тогаш ја менува темата. Повеќе сака да зборува за политичарите и медиумите кои со задоволство ги извртуваат неговите зборови. Кампањата „Читај!“ е трн во окото на сите исламофоби, значи на медиумите, политичарите, но пред се‘ на Ватикан, кој неговата акција сака да ја спречи со сите средства, зашто стравува од пропаст на западната цивилизација. Ме нарекуваат „проповедник на омразата“ само затоа што се обидувам да ги спасам луѓето од пеколот, вели Абу Наги, вртејќи со неверување со главата и додавајќи дека медиумите неговите соработници често ги поистоветуваат со терористи. Притоа, како што повторува, нема ништо помирољубиво од стоење на студ и делење Коран на граѓаните.

Koranverteilung in der Bonner Innenstadt
Делење Коран во БонФотографија: DW/I.Azzam

Сон за шеријатско општество

Абу Наги и неговото општество се обидуваат немуслиманите да ги преобратат во ислам. Тоа го нарекуваат повик кон ислам. Неговиот најсилен аргумент: оној кој не припаѓа на „вистинската вера“, ќе биде меѓу губитниците што ќе завршат во пеколот, како што стои во Коранот. Најголем сон на Абу Наги, кој е роден во еден палестински бегалски логор во близина на Газа и од својата 18. година живее во Германија, чиј државјанин станал во 1994 година, е еден ден граѓаните на Германија да преминат во ислам. Според него, тогаш шеријатското општество и „Божјата држава“ би настанале сами од себе. Толку долго, продолжува, муслиманите мораат некако да живеат во германското општествено уредување. Но, тоа не е проблем, зашто и сега муслиманите можат да се држат подалеку од се‘ „што ни има забрането Алах“. Во тоа спаѓа неморално однесување кое „овде е целосно легално“. За да го оствари својот сон, Абу Наги, со кого германското државно обвинителство интензивно се занимава веќе со години, не само поради поттикнување верска омраза, туку и поради сомневање за злоупотреба на социјалниот систем, поради својот сон се претворил од стопанственик (неуспешен) во вистински муслиман. Прво преку интернет и проповеди и он-лајн семинари, а потоа и со конкретни акции, преку делење Коран по германските пешачки зони. Досега се поделени околу 1,6 милиони примероци само во Германија. Кој го финансира тоа? „Сето тоа се донации од граѓаните на Германија“, тврди Наги, како и тоа дека има се‘ побројни следбеници. Службата за заштита на уставниот поредок во меѓувреме зборува за над 3600 салафисти. Само еден дел од нив се насилни, но според Службата, линијата меѓу салафистите и џихадистите е многу тенка.

Тенка линија

Подоцна во автомобилот на патот кон железничката станица, Ерман Оруч, соработник на Абу Наги, зборува и малку покритички за акцијата „Читај!“. „Ние ги преобратуваме овие луѓе кон ислам, а потоа ги оставаме сами на себе“, вели Оруч. Можеби би било подобро, продолжува, некој да ги води и натаму за да не стигнат во погрешна џамија, во некоја во која проповедаат џихад, каде главен збор имаат радикалите кои регрутираат борци за ИД.

„Тоа често се деца, седумнаесетгодишни кои немаат поим“, се лути Оруч. И тој самиот понекогаш бил нарекуван неверник, зашто преминувал семафор на зелено, зашто се придржувал на правилата на „неверниците“. Со таквите кампањата „Читај!“ не сака да има ништо заедничко. Но, сепак се случува некои да се радикализираат.

„Неодамна со едно момче во Минхен делев Коран. Два дена подоцна слушнав дека со сопругата заминал за Сирија. Да насетував нешто, веројатно би и‘ кажал на полицијата. Но, кога луѓето се радикализирани до толкава мера, веќене можеме многу да направиме“, заклучува салафистот Оруч.