1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Во Кашмир одново врие

Бернд Муш-Боровска
5 август 2019

Индија го укина автономниот статус на Кашмир. Во изминатите денови владата испрати и дополнителни 25 илјади војници во провинцијата, откако минатата недела на веќе постоечкиот контингент придодаде 10 илјади војници.

https://p.dw.com/p/3NLWa
Indische Polizisten in Kaschmir
Фотографија: picture-alliance/dpa/ F. Khan

Владата во Њу Делхи како објаснување за тоа наведе безбедносни причини. Имале сознанија дека терористи со поддршка од Пакистан планирале да изведат напади. Во Шринагар тоа го изјавил командантот на индиските сили во Кашмир, генералот Канват Јет Синг Дилон: „Пакистан и пакистанските сили по секоја цена сакаат да го уништат мирот во Кашмир. Но, може да ви гарантирам дека ние со нашите безбедносни сили ќе сториме се за да го спречиме тоа. По секоја цена.", истакна генералот.
Во индиските медиуми се шпекулира за други причини за военото засилување во и онака силно вооружаната провинција Јаму и Кашмир на северот на Индија. Владата во Њу Делхи планира да го смени досегашниот посебен статус на Кашмир. Тоа би предизвикало масовни протести кај локалните жители. Како што се вели, планирано е бришење на еден член од индискиот Устав кој купување на земјиште во кашмирската долина им дозволува само на лица кои живеат во Кашмир. Владеачката хинду-националистичка партија со години се бори за укинување на специјалниот статус на Кашмир.

Кашмир е спорен регион откако британска Индија во 1947 година стана независна и беше поделена на Индија и Пакистан. На двете земји им припаѓа дел од областа во Хималаите, трет дел од Кашмир и припаѓа на Кина. Особено во индискиот дел постојано има борби меѓу индиските безбедносни сили и сепаратистите кои бараат отцепување на претежно муслиманскиот Кашмир од инаку хиндуистичката Индија.

Kaschmir
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Zargar

Турканици на аеродромот во Шринагар, главниот град на индиската сојузна држава Јаму и Кашмир. Илјадници Индуси во изминатите денови избегаа од Кашмир откако властите издадоа безбедносно предупредување. Т.н. Амарант Јатра, хиндуистички аџилак заради кој од почетокот на јули илјадници хиндуистички верници заминаа во претежно муслиманскиот регион, е прекинат. Според медиумите ангажирани се и дополнителни авиони за да ги изнасат луѓето од таму.

Повеќе:

-Повторно размена на оган во Кашмир

-Пакистан собори индиски борбени авиони

-Индија и Пакистан - поразени во меѓусебната војна

Локалното население кое и онака е иритирано од строгите безбедносни мерки во Кашмир, се чувствува загрозено од страна на дополнителните војници. Перзада Шакир, жител на Шринагар вели: „Тоа е заканувачка состојба и само уште повеќе сее страв меѓу луѓето. И чуму сето тоа? Што ќе ни се сите овие војници тука во Кашмир? Што ли планираат пак? Имаме право да дознаеме."
Студентот Иршад Ахмад претпоставува дека индиската влада сака да ги ограничи слободите на луѓето од Кашмир.

„Секогаш кога сакаат да не стават под контрола нас Кашмирците, ни испраќаат се повеќе трупи и разузнавачи. Тие треба да се осигураат дека нема повеќе да се спротивставуваме. Тие сакаат да ни ги одземат уставните права“, вели Ахмад.

Kaschmir | Touristen verlassen Sinagar nach Terrorwarnung
Фотографија: imago-images/ZUMA Press/M. Mattoox

Бришење на членот 35А од индискиот устав, според кој му се гарантира посебен статус на Кашмир може да предизвика насилно востание, стравува и поранешниот премиер на провинцијата, Фарук Абдула. Кај населението владее поголем страв: „Членот 35А не смее да биде укинат. Тоа е еден од камен-темелниците на нашата провинција. Ние се чуствуваме како Индијци, но овој член е многу важен за нас. Исто така нема причина тој да биде избришан. Но, земјава продолжува да се движи во насока на Хиндуизам. Хинду, Хинду, Хинду – се се врти околу тоа. Имаат ли муслиманите во земјава некакви права? И Синтите? Што е со нашиот устав?“, истакнува Абдула. 

Според информаците на дневниот весник „Тајмс оф Индија“, Јаму сака јужниот дел од првинцијата Јаму и Кашмир во кој претежно живеат Индуси, да прерасне во посебна провинција. Се вели дека за Кашмир и пограничниот регион Ладаки треба да се воведе специјална управа. Многу веројатро е дека индискиот премиер Нарендра Моди најдоцна на денот на индиската независност, 15 август, ќе го објави новиот поредок во Кашмир.