1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе работа, помалку пари

ЕМФ / дв
22 август 2018

Работниците во источниот дел на Германија работат подолго од оние во западниот дел. И, заработуваат помалку! Генерално, други нации работат значително подолго од Германците.

https://p.dw.com/p/33Te7
Deutschland, Bingen: Dem Handwerk geht der Nachwuchs aus
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Работниците во западниот дел на Германија во текот на изминатата година работеле во просек по 1279 часови. На истокот на земјата, пак, вклучително и Берлин, се работело 1346 часови, што значи 67 часови повеќе.

Истовремено, годишните бруто плати на работниците во западна Германија изнесувале во просек 35.084 евра, односно биле за околу 5.000 евра повисоки од просечната годишна бруто заработувачка на работникот на истокот - 30.172 евра.

Според податоците на заводите за статистика на сојузот и покраините, во 2017 година најдолго работеле вработените во покраината Тирингија - 1371 часови, додека најкратко работеле работниците во покраината Рајнланд Пфалц - 1255 часови.

Што се однесува до платите, најголеми годишни бруто плати примиле работниците во Хамбург - во просек по 40.771 евра. Најмалку се заработило во покраината Мекленбург Предна Померанија - 27.520 евра просечна годишна бруто плата.

Symbolbild Gehalt
Фотографија: picture-alliance/chromorange/Bilderbox

Притоа, во „работниот волумен“ се пресметани изработените работни часови, а не се вклучени платениот одмор, породилното отсуство, празниците, или отсуството поради боледување.

Статистичарите предупредуваат дека при собирањето на податоците и анализата не се обрнувало внимание ниту на „интензитетот“ ниту на „квалитетот“ на работењето. Оттука, не е коректно да се заклучува дека на истокот на земјата работниците се „повредни“ или стојат „повеќе на располагање за работа“.

Дали Германците навистина се многу работливи?

Во меѓународни размери - Германците се „мрзеливи“

Доколку Германците се споредат во меѓународни рамки, тогаш се констатира дека тие работат релативно малку. Тоа го покажуваат податоците на ОЕЦД. Организацијата за економска соработка и развој собира и анализира податоци по малку поинакви методи отколку германските власти, но резултатот до кој доаѓа е недвосмислен: во ниту една друга земја членка на ОЕЦД не се работи толку малку, како во Германија - 1356 работни часови во 2017 година.

Просекот на работни часови во ОЕЦД изнесува 1759 часови годишно. Најмногу работни часови има Мексико (2257 часови), а потоа следуваат Костарика (2179 часови), Јужна Кореја (2024 часови) и Грција (2018 часови).