1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во борба против шумската мафија

Антоанела Димитриевска2 декември 2012

Во Македонија постои шумска мафија, а дивата сеча на дрва е добро разработен бизнис. Државата сега прави големи напори за нејзино сузбивање.

https://p.dw.com/p/16uMg
Фотографија: DW/J. Beck

Велат, ако сакаш да уништиш еден народ, уништи му ги неговите шуми. За жал, во последниве години македонските шуми се‘ повеќе се цел на бесправна, неконтролирана сеча на дивите дрвосечачи. Некои  велат дека тоа се одлично подготвени групи попознати како шумска мафија, а кои организирано ги ништат шумите во своја материјална полза. Шумската мафија  бескруполозно се спротивставува на државните органи како Шумска полиција, дрвочувари и останати, а често кога ќе бидат откриени, дивите дрвосечачи посегнуваат и по огнено оружје. Во овие вооружени пресметки за жал често има случаи на ранување, па и убиства на претставниците на законот. Во борба против ова зло, Шумската полиција, заедно со МВР, ЈП „Македонски шуми‘‘ и Државниот инспекторат  за шумарство и ловство, последниве години водат се‘ подобро организирани акции во негово сузбивање, а за што веќе има резултати, велат од Шумската полиција.

Според  податоците на Шумската полиција дадени за ДВ „во 2010. година биле поднесени 2456 прекршочни и 204 кривични пријави, во 2011. година -  2056 прекршочни и 183 кривични, а од јануари до октомври годинава -1488 прекршочни и 192 кривични пријави.

Во последните години се преземаат повеќе  мерки да се намали дрвокрадството. Една од  тие мерки е испратницата со која се транспортира огревното дрво, појаснува за ДВ, Игор Лазаровски, директор на ЈП „Македонски шуми‘‘.  „Испратницата според која работат и приватните складови и ЈП ’Македонски шуми‘ ја издава и е со печат на Министерството за земјоделство и шумарство и има точна евиденција кој  задолжува и за што се користи. Исто така зајакнати се капацитетите и на шумочуварската служба на „Македонски шуми‘‘ и на Шумската полиција, а имаме и поголема соработка со МВР. Така што транспортот на бесправно исечените дрва од дрвокрадците последниве години е речиси невозможен. Сето тоа  бидејќи има засилени  контроли и подобра  взаемна соработка меѓу  Шумската полиција и сите служби на МВР,  сообраќајна и гранична полиција, а кои  вршат контрола врз транспортот‘‘,  потенцира  Лазаровски.

Symbolbild Wald
Фотографија: Fotolia/Martin Thum

Македонија годишно губи по околу 10 милиони евра од дива сеча на шумата

Бесправната дива сеча на шумите е застапена на целата територија на Македонија. Според Шумската полиција, најмногу во Скопје, Кичево, Струга, Демир Хисар, Прилеп, Битола, Берово, Струмица и Штип. Според податоците на Шумската полиција, дрвокрадците во 2010. година   опустошиле 17 890,20 метри кубни дрва,  во 2011 над 21 701,40 а за само десет месеци годинава  рекордни 25 231,70 метри кубни дрва. Според некои стручњаци, Република Македонија, годишно губи околу 10 милиони евра од дива сеча на шумите.

На новинарско прашање дали во Македонија има шумска мафија за која одамна јавно се говори во медиумите, Ејуп Јаја, раководител на Шумската полиција за ДВ изјави:  

„Не можам јас да кажам дали тоа е шумска мафија, но факт е дека постојат добро организирани и опремени мобилни групи на дрвосечачи, а со кои ние и останатите надлежни, пред се‘ МВР, секојдневно се соочуваме на теренот. Често тие се побројни од нашите служби. Затоа од надлежните бараме поголема екипираност и доопременост, за да можеме и поефикасно да им се спротивставиме без да бидат загрозени животите на нашите  вработени‘‘, потенцира  Јаја.

Тој реагира на, како што вели неефикасноста и неажурноста  на некои од  Основните  и Апелациони судови во земјата: „Некои од нив предметите ги заборават во фиока и по пет - шест години, па делото застарува, а исти дрвокрадци и по неколку пати едноподруго се извршители на вакви дела‘‘, посочува Јаја.

Против дрвокрадците да се воведе и казна затвор

Факт е дека паричните казни  досега се покажале како неефикасни во борбата со дрвокрадците и шумската мафија. Затоа надлежните служби кои секојдневно се соочуваат со овој проблем бараат од надлежните органи измени во Законот за шуми, но пред се‘ на  Кривичниот закон, а за што деновиве се водеше и широка расправа. Игор Лазаровски директорот  на ЈП „Македонски шуми ‘‘ ни појаснува:  „Ние деновиве водиме широки расправи и од надлежните  бараме не само измени на одредби во Законот за шуми, туку пред се‘ одредби на Кривичниот закон, за дрвокрадставото да има и построга казна затвор. Сметаме дека оваа построга казна ќе биде многу поефикасна од досегашните воглавно парични  казни, а кои често и застаруваа‘‘, дециден е Лазаровски.