1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во барабанот на промените над 20 директори

31 мај 2019

Според партиски извори, премиерот не бил подготвен за компромис со кадри кои не покажале резултати.

https://p.dw.com/p/3JWd6
Griechenland Nord-Mazedonien Regierungskonsultationen in Skopje
Фотографија: Regierung der Republik Nord-Mazedonien

Од четири до шест министерски и околу 25 директорски имиња на „важни институции“, неофицијално се вртат како бројки најавените промени за највисоките раководни позиции. Во владиниот кабинет акцентoт на промени бил ставен на економските ресори, но се бараат и кадровски решенија за испразнетите места во ресорите култура и земјоделство, како и раководен кадар за новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, кое треба да го замени Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор.

Премиерот Заев веќе најави дека опфатот на промените ја надминува постапката за владина реконструкција и дека ќе се гласа за нова влада. Тој вчера потврди дека разговорите на коалициските партнери се во тек и очекува првите промени се очекува да се случат најдоцна до средината на јуни. Засега не открива имиња, но изјави дека знае кои лица би ги поставил на позициите што ќе бидат подложени на промени.

„Веќе разговарам со луѓе особено нови луѓе кои треба да дојдат на позиции кои ќе бидат променети и испразнети. Разговорите течат. Секое слободно време го користам за да разговарам со тие луѓе за да можам да потврдам дека се нафаќаат и прифаќаат да ја работат таа работа, така што верувам дека ќе стигнам не подоцна од крајот на првата половина на јуни“, изјави Заев.

Според партиски извори, премиерот бил решен да направи темелни промени. Уверувањето го темелат на сознанија дека наводно „на списокот за промени биле негови долгогодишни соработници и лични пријатели“.

NATO Gipfel in Brüssel Zoran Zaev Premierminister Mazedoniens
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Zenkovich

Затворени 90 проценти од прашањата

Заев вчера изјави дека коалициските односи со ДУИ се стабилни и дека е голема довербата меѓу него и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„Свесни сме дека имаме одредени слаби кадри во нашите редови, затоа и зборуваме за промените, и тие се случуваат“, вели премиерот.

Потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити за ТВ „Алсат- М“ потврди дека разговорите финишираат и дека во наредните денови се очекува да биде познат новиот формат на Владата, која според него, би се нарекувала „Влада Заев 2“ и би се концентрирала на економијата и капиталните инвестиции.

„Мислам дека 90 проценти од прашањата се затворени. Очекуваме наредните денови да заврши договорот и да излезе во јавноста новиот формат на Владата. Ако ме прашувате за имиња, не ги знам“, рече Меџити.

Повеќе на темата:

-По промените во СДСМ, на ред е Владата

-Името на промените: едни за метла, други за ветинг

-„Метлата“ ќе ги чисти економските ресори

Она што засега останува непознато, е дали и колку врз промените во извршната власт ќе влијаат „бомбите“ што деновиве беа објавени на Фејсбук на приватен профил под името Ел Чека, а кои се однесуваат на разговори на лица од раководството на ДУИ. Според аналитичари, не е исклучено тие да имаат посредно влијание во целиот процес, односно дека без расчистување на криминал и корупција во сите партии, незадоволство ќе тлее без оглед на кадровските промени.

Politik Skopje, Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Враќање на успешните

Во меѓувреме, во општинските организации на СДСМ тече постапката за предлагање и самокандидирање за избор на нови претседатели на 78 општински организации (ОО), кои партискиот лидер Зоран Заев ги разреши ред две недели во ист ден. Течат и консултации за избор на нови членови на најтесното партиско раководство - потпретседатели, партиски секретари, претседателка на Форумот на жени и нов состав на Извршниот одбор. Дел од нив самите си поднесоа оставки пред минатонеделаната седница на Централниот одбор, со цел на лидерот да му дадат одврзани раце за спроведување на промените и во партијата.

Но, извесно е дека дел од нив повторно би можеле да се најдат на исти или други функции. Заев веќе најави дека дел од разрешените претседатели на ОО кои имале добри резултати може повторно да се кандидираат. Партискиот портпарол Костадин Костадинов не го исклучи ни враќањето на дел од партиските  финкционери кои сами си поднеле оставки, како што беа, на пример, партиските потпретседатели.

„Не ја исклучувам можноста дел од функционерите кои што депонираа оставки да бидат вратени на позиција“, рече тој.