Во „5 до 12“ и отпечатокот ќе влезе во пописот
28 декември 2020Неколку месеци пред одржувањето на пописот, власта и опозицијата во Северна Македонија се уште не можат да постигнат согласност околу начинот на којшто треба да се спроведе најмасовната статистичка операција во земјата. Последниот предлог на опозицијата за користење на отпечаток од прст предизвика најразлични реакции. Додека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и првиот човек на Заводот за статистика, Апостол Симовски сметаат дека станува збор за нереален и небулозен предлог, премиерот Зоран Заев уверува дека ќе се создадат услови за напролет да се одржи пописот. Тој најавува дека ќе се направат напори за набавка на терминали за отпечатоци, иако факт е дека времето поминува, и останува уште многу малку простор за подготовки на пописот, кој не е спроведен во земјава веќе 18 години.
Заев: Правиме сѐ за да бидете спокојни
„Јас не знам како ќе дадат отпечаток од прст граѓаните што се иселени повеќе од една година, ама правиме напори, ако треба, да се снајдеме и за терминали за отпечатоци“, изјави премиерот во Тетово, кадешто присуствуваше на отворање на новите простории на Државниот пазарен инспекторат. Според него, се прават напори предлозите на опозицијата што се однесуваат на законот за попис да бидат прифатени, со оглед на тоа што опозициските партии во овој процес биле вклучени повеќе од една и пол година. „Имаше работни групи, и од власта и од опозицијата, директорот на Државниот завод за статистика одржа неколку состаноци“, рече Заев. Тој појасни дека има три категории попишување – едниот дел се вкупно сите граѓани, вториот дел се граѓани резиденти, односно сите граѓани што живеат во земјата и третата група се граѓани што се иселени на подолг период од една година. Тоа, според него, ја прави беспредметна и ирационална дебатата за етничка припадност или колкави се процентите и слично.
„Опозицијата даде нов предлог, да користиме отпечаток од прст. Јас не знам како ќе го користат отпечатокот граѓаните што се иселени по една година. Правиме напори. Министерот за правда веднаш стапи во контакт со донатори да видиме дали може да обезбедиме донации, имаме амбасади кои располагаат со преку 20 милиони евра поддршка за изборите во државата, па замолуваме да одвојат пет милиони евра, па да купиме пет илјади терминали за отпечатоци кои ги користиме за изборите, ама еве ќе помогнат и за пописот“, изјави Заев. Пописот треба да се проведе во согласност со стандардите од Евростат.
„Ние знаеме кои граѓани повеќе од една година не се вратиле во државата“, рече Заев и додаде дека тоа може да се дознае само со стискање на едно копче. Тој предупреди дека ако некоја од политичките страни, власта или опозицијата, не даде согласност за законот, пописот може да биде доведен во прашање.
„Наесен имаме избори, а во 2022 е веќе доцна. Ние сме една од ретките држави во светот, а мислам единствена во Европа што 18 година нема попис“,
рече Заев.
-повеќе на темата: Попис по нов метод, но со стари дилеми
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара за пописот да се набават 10 000 терминали за отпечатоци од прсти, во спротивно порачуваат дека нема да поддржат попис „ бидејќи според начинот на кој СДСМ планира да го одржи ќе излезат нереален број на жители односно ќе можат да се избројат дури и 3 милиони“.
„Тие терминали ќе бидат со можност за отпечаток од прст и само така ќе се изврши реален попис, кој ќе ни даде реални статистички информации. Со терминали за отпечаток од прст ќе се изврши реален увид на сите резидентни граѓани, и со тоа ќе се изврши дистинкција од граѓаните кои имаат државјанство, од актуелните резиденти“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Реакциите на опозицијата следат откако во петокот Владата одлучи да го повлече предлог-законот за попис од Собранието и да го поднесе повторно со европско знаменце, за да спречи блокада од опозицијата.
Небулозен предлог
Со предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите е предвидено да се попишуваат: државјани на Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во државата без разлика дали во моментот на попис се во земјава или во странство; странски државјани кои престојуваат тука со одобрение за престој; и лица без државјанство кои во моментов на спроведувањето на пописот ќе бидат затекнати во земјава.
-повеќе на темата: Пописот - заборавена операција во Македонија
Првиот човек на Државниот завод за статистика Апостол Симовски смета дека е небулозен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ граѓаните да се попишуваат со отпечаток од прст. Тој вели дека Заводот ниту има законски овластувања да собира отпечатоци за статистички цели ниту, пак, може да ги дава во институциите за нивни потреби. Додава и дека има категории кои влегуваат во пописот, како што се малолетниците и странците со престој во земјава подолг од една година, но не би можеле да се попишат затоа што немаат отпечаток во базата на податоци во МВР. Дури и да е се ова возможно, обработката на податоците би продолжила за уште најмалку 12 месеци. „Дури и да имаме овластувања да собираме отпечатоци, немаме овластување да го споредуваме тој отпечаток со базата која што ја имаат во МВР. Не смееме согласно законот за попис и законот за државна статистика личните податоци од пописот да ги дадеме во било која институција за да тие проверуваат дали се совпаѓаат отпечатоците. Како да се земе, ваквиот предлог не може да се прифати, еве кажувам, од најобјективни причини“, вели тој во изјава за медиумите.
-повеќе на темата: Северна Македонија ќе се попишува електронски во време на пандемија
Дека попис мора да има, дециден е и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој утрово на телевизиско гостување рече дека попис мора да се направи, затоа што без тоа не не може да се планираме никаков развој во иднина. „Предлозите се добродојдени. Но, прашaње е дали се реални. Дали е реално да се изврши попис со отпечаток од прст како што планира ВМРО-ДПМНЕ, дали е реално да се обезбедат финансиски средства за да можат да се набават ваквите апарати, дали е реално да очекуваме дека некој може да изврши испорака на тие апарати, и најважно сепак е прашањето зошто опозицијата на дебатата која се одвива со години, токму во овој момент се одлучува да поставува некаков нов услов за евентуална поддршка. Затоа ќе кажам, попис во државата мора да има“, вели министерот Спасовски.
Законот за попис кој Владата го достави до Собранието е со европско знаменце и ќе се носи по скратена постапка. Пописот што треба да се спроведе следната година ќе чини осум и пол милиони евра и ќе биде за пет милиони евра помалку од пропаднатиот попис во 2011 година.