1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вносен медицински туризам во Германија

Матијас фон Хајн
20 јануари 2018

Околу 250.000 илјади пациенти-туристи уплатуваат 1,2 милијарди евра годишно во благајните на германските болници. Медицинскиот туризам во Германија е во подем, вели експертот Јенс Јушчак во интервју за Дојче веле.

https://p.dw.com/p/2qrgX
Leipzig Hightech-Operationssaal am IRDC
Фотографија: picture-alliance/ZB/W. Grubitzsch

Дојче веле: Колку медицински туристи стигнуваат годишно во Германија?

Јенс Јушчак: Секоја година помеѓу 230 и 250 илјади пациенти од 177 земји во Германија се подложуваат на некој медицински третман. Околу 100.000 пациенти поминуваат по неколку дена на клиниките. Притоа, мора да се прави разлика меѓу планиран и непланиран болнички престој. Зашто, и странците кои се изложуваат на некој третман, а во Германија дошле како туристи, на пропатување се или на службен пат, влегуваат во статистиките како странски пациенти, иако не дошле планирано на лечење во Германија.

ДВ: Може ли да се каже колкав е бројот на оние кои намерно доаѓаат во Германија на некој лекарски третман?

За жал, не. Но, се проценува дека од вкупниот број, отприлика 40 до 45 проценти од пациентите стигнале во Германија исклучиво поради медицински третман.

Од каде доаѓаат воглавно пациентите?

Мнозинството доаѓа од соседните држави како Полска, Холандија или Франција, и тоа првенствено од пограничните подрачја. На второ место се пациенти од Русија, земјите од бившиот Советски Сојуз и од земјите од Персискиот Залив.

Deutschland Medizin Klinik für Diagnostik in Wiesbaden
Оваа клиника во Висбаден со години привлекува бројни пациенти од странствоФотографија: picture-alliance/ dpa

ДВ: Дали се забележуваат некои промени во поглед на земјите на потекло на пациентите?

Тука постојано доаѓа до промени. Пред неколку години тежиштето беше на арапските земји. Треба да се каже дека бројот на пациенти од овие држави зависи од политичките или економските промени, па од една до друга година бројот може да се удвои или препопови. Последните години преовладуваа пациенти од Русија. Но, по избивањето на руско-украинскиот судир, тоа драстично се смени. ЕУ-санкциите во голема мера влијаеја на бројот на пациенти, веќе во 2015. година стигнаа 30 проценти помалку пациенти од Русија. Кон тоа треба да се додадат и останатите фактори како слабиот курс на рубљата и падот на цената на нафтата.

ДВ: Што значи медицинскиот туризам во економски смисол, колкави суми се во обрт?

Сметаме дека странските пациенти на германските болници им донесуваат 1,2 милијарди евра дополнителен приход. Тоа се пари кои стигнуваат однадвор, а не се од системот на германското здравствено осигурување. Значи, дополнителни пари на располагање на нашето здравство. Болниците со нив можат да вработат дополнителен персонал, да набават нова опрема, од што корист имаат и германските пациенти. Но, покрај тие 1,2 милијарди евра кои се влеваат директно во здравството, треба да се придодаде и барем исто толкава сума која оди во туризмот и трговијата.

Dipl.-Kfm. Jens Juszczak
Јенс ЈушчакФотографија: Paul Bossauer

ДВ: Во кои клиники одат пациентите? Дали пред сѐ приватните клиники го собираат кајмакот? 

Сигурно профитираат и приватните клиники, посебно оние каде се врши рехабилитација. Но, тука се и универзитетските болници како онаа во Фрајбург или големите градски клиники како Вивантис во Берлин. Тие по правило се најатрактивни адреси за странските пациенти.

ДВ: Во кои делови на Германија престојуваат најмногу странски пациенти?

Секако предничат градовите со големи универзитетски клиники како Минхен или регионот Келн-Бон-Диселдорф. Тука треба да се спомене и регионот Рајна-Мајна и Хамбург.

ДВ: Кои зафати се најчести кај странските пациенти? 

По правило, тука странските пациенти не се разликуваат премногу од домашните. Зборуваме за ортопедија, интерна медицина, кардиологија и хирургија. Пациентите од бившиот Советски Сојуз воглавно доаѓаат на онколошки третмани, што е поврзано со катастрофата во Чернобил. Пациентите од Персискиот Залив првенствено доаѓаат поради болести поврзани со неправилна исхрана и недоволно движење. Тоа е поврзано со кардиологија, ендокринологија, окулисти и ортопеди. Пациентите избораат и клиники какви што нема во нивните земји, каде предничат детска неурологија и рехабилитација.

Јенс Јушчак од Факултетот Бон-Рајн-Зиг со години истражува на подрачјето на медициснки туризам.