ВМРО-ДПМНЕ на протест, власта возраќа со декларација
18 јуни 2022Опозициската ВМРО-ДПМНЕ в сабота излегува на протест најавувајќи „борба за промени“, а владините коалициони партнери в недела ќе седнат на заедничка маса за да ги потврдат ставовите дека не е време за предвремени избори.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во петокот (17.06) на 32. годишнина од формирањето на партијата, најави во кој правец ќе се одвива делувањето на партијата во наредниот период. Порачувајќи дека овој роденден го одбележуваат во знакот на борбата за промени, тој вели дека ВМРО-ДПМНЕ се враќа на стабилни патеки и заедно со народот повторно се крева.
„Овие 32 години се времиња поминати на постојана борба, жртва и работа за Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија чиј код, своето постоење и своето делување го има посветено на постоењето и делувањето на Македонија. Таквата причинско последична состојба е папочната врвка која го прави ВМРО, сопатник низ времето со сите падови и подеми на нашата Македонија“, рече Мицкоски во видео обраќање.
Протест за обединување
Тој повикува на масовен протест и „обединување против лошата власт која ги загорчува животите на илјадници луѓе“. Според него, ВМРО-ДПМНЕ е партија на народот, но и главната сила која во периодот што следи ќе ги предводи промените. Вакви и слични пораки се очекува Мицкоски да испрати и од митингот во Скопје кој ќе започне во 20 часот.
„Се гледаме на улиците, со срце и сила за Македонија“, вели Мицкоски.
Барањето за одржување на предвремени избори оваа еден е едно од главните барања на опозицијата веќе подолго време. Но, според нив, чашата ја прелеала инфлацијата, лошиот живот и лошата економија. Имајќи предвид дека за неколку месеци од сега нема да се живее подобро, од тој аспект најдобро решение се избори, на кои оваа Влада ќе биде срушена, децидни се од опозициската партија.
„Оваа власт која силно ги узурпира институциите и процесите не е можно да падне со еден протестен собир. Целта на протестот е да испратиме порака на масовност, дека овој народ има свој став, но и да дадеме јасна порака дека вака повеќе не може. Воедно ќе испратиме и порака дека Владата не смее да го игнорира народот и неговата волја, и затоа во периодот што следи ќе бидеме уште погласни и уште поприсутни, и во тој аспект сите опции се возможни“, најави деновиве Мицкоски за ДВ.
Декларација за единство
Додека опозицијата најавува мобилизација и масовен активизам, владејачката коалиција в недела (19.06) ќе одржи состанок на кој се очекува да го реафирмираат ставот дека на земјата во овој момент не ѝ се потребни парламентарни избори.
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека на средбата ќе направат рекапитулација на чекорите преземени за справување со кризата. „Ќе информираме за мерките што ќе бидат преземени, а се вцртани во ребалансот, ќе направиме и осврт на енергетската криза, кризата со растечките цени на светските берзи во однос на храната, на енергенсите предизвикани од нападот на Русија врз Украина“, вели Ковачевски.
Најавите се дека претстојните разговори меѓу владините партнери треба да резултираат со заедничка изјава/декларација дека заедно остануваат на ставот дека парламентарните избори треба да се одржат во 2024 година.
Средбата се одржува во еден неизвесен период на голема економска криза и очекување на расплет околу европските интеграции, по последниот предлог којшто го испрати Франција во обид за кревање на ветото. Ставот на владините партнери е дека сега е време за фокусирање на крупните прашања пред коишто е исправена земјата, а не за избори кои не во интерес на граѓаните и државата. Ваквиот став го потенцираше неодамна и шефот на дипломатијата од редовите на ДУИ, Бујар Османи, кој изјави дека парламентарни избори ќе има - но во мај 2024 година, заедно со претседателските.
„Тоа треба да го тргнеме од маса како можност за разговори“, рече Османи, потенцирајќи дека фокусот сега треба да се стави врз тоа како да се менаџира кризата.