ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не сакаат на „свадба без невеста“
2 март 2014Не постојат никакви реални причини поради кои Македонија треба да влезе во циклус на предвремени парламентарни избори, но кога целта е тоа, повод секогаш може да се „најде“, оценуваат политичките аналитичари кои ги консултираше Дојче веле. Според нив, формалниот повод на ДУИ – да не одат на претседателски избори без консензуален кандидат, односно „на свадба без невеста“, кој заврши со барање за предвремени парламентарни избори, е само покритие за обновување на мандатот, слично како во народната поговорка „се мажела мома, да не седи дома“. Во прилог на ваквата оценка на аналитичарите, оди и изборната хронологија, која покажува дека во последните осум години Македонија е во перманентен изборен процес. Откако во 2006 година на парламентарни избори власта ја освои ВМРО-ДПМНЕ, во 2008 година се организираа вонредни парламентарни избори, а во 2009 редовни претседателски и локални избори. Во 2011 повторно се организираа вонредни парламентарни избори, во 2013 локални, а годинава редовни претседателски и вонредни парламентарни. Од 2006 година до денес, вклучувајќи ги и двата изборни циклуси во април годинава, произлегува дека за осум години граѓаните на Македонија осум пати излегле на гласање - пет пати на редовни избори и три пати на вонредни, или во просек- гласале еднаш годишно. Во изминатите осум години, избори не се одржаа само во 2007 и 2012 година.
Уцена од „математичарите“
Со оглед дека од базата-граѓаните, досега не произлезе никакво барање, апел или иницијатива за парламентарни избори, аналитичарите оценуваат дека интерес од нив имаат само владејачките елити, со цел да обезбедат нов мандат во момент кога ќе проценат дека е најповолен момент за тоа. Политиколозите и претходно предупредуваа на непотребноста од вонредни избори. Според Владимир Мисев од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС) во Македонија нема никаква политичка криза, а и меѓународен стандард е една година по измени во изборното законодавство да не се прават избори.
„Одржувањето чести предвремени избори создава политичка неодговорност и има единствена цел да го мотивира гласачкото тело да гласа на избори, за партијата да не го изгуби работното место“, предупреди тој. Но, она што сега најмногу ги загрижува аналитичарите, е реториката која индицира дека изборите кои се инцирани за наводно спречување криза меѓу коалициските партнери, всушност може да предизвикаат реална криза во меѓуетничките односи.
„Ако веќе чувствувате кој ќе победи, тогаш дајте му ја довербата на тој со цел да добие најмалку 62 пратеника и претседател. Да не може после некои математичари да не уценуваат како партија, како коалиција, како македонски народ и нација. Во спротивно, ДУИ ќе ни ја кројат судбината“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски на вчерашната партиска конвенција.
„Тоа е многу опасна реченица, дури и во контекст на таканаречениот 'патриотизам'“, оцени аналитичарот Исмет Рамадани. Според него, таа порака е неразбирлива за граѓаните, ако се има предвид дека е упатена кон долгогодишен коалициски партнер, а звучи како да е упатена кон некој кој е повеќе од противник. Тој смета дека на Македонија не и се потребни избори, а апсурдно е што нив постојанo ги бараат токму владејачките партии. Раководството на ДУИ не ја коментираше изјавата на Груевски, што остава простор за сомневање дека по случаите „Кале“, „споменикот на цар Душан“ и меѓуетничките тепачки меѓу учениците, изборниот терен се подготвува за креирање нови „кризи“, кои се проверен рецепт преку кој и двете партии само си го јакнат рејтингот во своите гласачки атари.
Да се намали дистанцата
Владо Поповски, професор и советник на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, се согласува дека потребата за избори не произлегува од граѓаните, туку од потребата за проверка на легитимитетот на партнерите во коалицијата.
„За ВМРО-ДПМНЕ мотивот за избори произлегува од најавена опструкција во албанскиот електорат на претседателските избори и претпоставената криза од тој чин. Кај ДУИ, мотивацијата е објаснета и со решавање на крупни прашања во сферата на евроатлантските интеграции, кои бараат проверка на легитимитет, па ако го добие, да се посвети на нивно решавање“, констатира Поповски. Изјавата на премиерот за неопходно мнозинство од 62 гласа против уцените од ДУИ, тој ја смета за дел од предизборната реторика која коалициските партнери можат да си ја простат меѓу себе, како инструмент за обезбедување гласачки рејтинг. Но, предупредува дека мора да се внимава, бидејќи тоа може да предизвика психолошки и емотивен расцеп во меѓуетничките односи, поголем отколку што реално го има.
„Дистанца на меѓуетнички план не смее да има, особено не кај помладите, бидејќи тоа не е од интерес на Македонија. Таа дистанца треба да се намалува, бидејќи во земјава не се конфигурирани проблеми од тој тип, а и таа аргументација еднаш мора да згасне, бидејќи во спротивно дистанцата може да стане непремостлива“, вели Поповски.
Поради веќе познатата изборна реторика и видените сценарија за создавање „кризи“, засега не можат да се идентификуваат никакви позитивни промени што ќе ги донесат овие избори, освен натамошна доминација на примарниот интерес власта да си го обнови мандатот. Но, може да произведат продлабочени етнички поделби и загрозени интеграциски процеси, смета аналитичарот Ибрахим Мехмети.
„Иако коалициските партнери кои го сочинуваат мнозинството во Парламентот се обидуваат да создадат впечаток дека предвремените парламентарни избори се резултат на нивна кавга околу консензуалниот претседателски кандидат, сѐ она што и претходеше на оваа одлука зборува дека всушност ова беше очекувано. Наводната 'фрлена ракавица' е премногу проѕирна теза која открива дека на овој начин коалициските партнери всушност се обидуваат да ги зајакнат позициите кај својот електорат. Ова, како и повикот на ВМРО-ДПМНЕ кон својот електорат дека му требаат барем 62 пратеника за да може самостојно да формира влада, може да се смета како најава дека повторно предизборната кампања ќе биде фокусирана на етнички терен. Ова и не претставува особено изненадување, ако се има предвид дека евроинтеграциските процеси се во застој и повеќе не носат политички поени. Но од друга страна, етноцентричната кампања може да ги продлабочи етничките поделби, а во исто време уште повеќе ќе ги загрози токму овие евроинтеграциски процеси“, предупредува Мехмети.
Цена и „цена“
Засега единствен аргумент кој оди во прилог на предвремени парламентарни избори, е временската и финансиска заштеда. Професорката Тања Каракамишева-Јовановска укажа дека предвремени парламентарни во пакет со редовните претседателски избори е пожелна варијанта и од финансиска и од политичка логика. Според неа, со спојувањето на двата изборни циклуса, до 2017 година кога се наредните локални избори, Македонија ќе може целосно да се посвети на реформите во системот и на имплементирање продуктивни политики кои нема да имаат изборен предзнак. Во спротивно, по претседателските избори годинава, ќе следуваа парламентарни во летото 2015 година, па локални во март 2017 година. Но, дали за сите изборите носат заштеда? Стопанствениците со години повторуваат дека по непишано правило во изборен период сите економски активности замираат, започнатите реформски зафати се пролонгираат, а планираните инвестициии се одложуваат. Притоа, самиот податок за толку чести изборни соочувања во која било земја рефлектира извесна политичка нестабилност, што ги доведува во прашање и бизнис зделките кои биле на чекор пред договор. И додека точно се знае колку пари ќе ја чинат изборите државата и колку пари ќе добијат партиите што влегле во парламентот по освоен глас, она што не може да се пресмета е колкава штета ќе претрпи Македонија ако поради изборната реторика и меѓупартиски игри се уназадат демократските процеси и меѓунационалните односи. Премиерот не ги спомна математичарите кои ќе ја пресметаат таа штета.