1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ без Мицкоски на пратеничките листи

БГ
10 март 2020

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва го соопшти составот на пратеничките листи во шесте изборни единици. Професорката Силјановска-Давкова и оперскиот пејач Дурловски новини на листите.

https://p.dw.com/p/3ZBQv
Hristijan Mickoski PK Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Христијан Мицкоски ни во новиот состав на Собранието нема да седне во пратеничките клупи. Одлуката, иако подолго најавувана, денеска ја официјализираше самиот Мицкоски на прес-конференција на која ги најави кандидатите за пратеници на неговата партија.

„Можам да соопштам дека ВМРО-ДПМНЕ излегува на овие избори со огромен број на нови имиња, свежи кадри, и врвни индивидуи кои се обединуваат околу нашата мисија за обнова на Македонија“, порача Мицкоски.

Поранешниот претседателски кандидат Гордана Силјановска-Давкова извесно се враќа во политиката и во Собранието, откако е поставена за носител на листата во првата изборна единица. Во втората изборна единица листата ќе ја предводи партискиот потпретседател Владо Мисајловски, а во третата генералниот секретар Игор Јанушев. Вториот партиски потпретседател Александар Николовски е носител во четвртата, а оперскиот пејач Игор Дурловски во петтата изборна единица. Во „шестката“, опозициската партија ќе биде предводена од досегашната пратеничка Дафина Стојаноска.

Од досегашниот пратенички состав и понатаму остануваат Антонијо Милошоски и Јохан Тарчуловски, но ги нема долгогодишните пратеници Влатко Ѓорчев и Илија Димовски. Меѓу новите имиња на листите се и разрешената техничка министерка за труд Рашела Мизрахи, несудениот технички министер за внатрешни работи Драган Ковачки, како и поранешниот пратеник на СДСМ, Сафет Бишевац.

„Можам да соопштам дека идниот пратенички состав, а потоа и идната влада ќе ја сочинуваат најголем број на нови лица досега, докажани индивидуи. На сцена даваме шанса на нова генерација која мора да се избори за подобра иднина“, рече Мицкоски.