ВМРО-ДПМНЕ бара со СЈО да „ја снема“ и Русковска
20 јули 2019Владиниот предлог-закон за интегрирање на СЈО во ново Јавно обвинителство за борба против организиран криминал и висока корупција може да го добие потребното двотретинско мнозинство во Собранието, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска се изјасни позитивно за него, но „копјата ќе се кршат“ околу идниот шеф на институцијата.
За ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо спојувањето, но не и именувањето на обвинителката Вилма Русковска на негово чело.
„Зоран Заев со предлогот уште еднаш ја потврди спрегата помеѓу СДСМ, него и 'Русковска обвинителството'. Тој уште еднаш потврди дека неговиот предлог за нов обвинител, наместо Катица Јанева е негов личен избор, односно човек кој што целиот изминат период работел за интересите на СДСМ и на оваа влада“, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Според ВМРО-ДПМНЕ, предлог-законот кој вчера го обзнани премиерот Заев е „потврда оти СЈО било полно со криминал и корупција и дека не можело да одговори на висината на задачата за која што било создадено.“
Заев вчера на прес-конференција го презентираше предлогот.
„СЈО како структура се интегрира во досегашното Јавно обвинителство за организиран криминал и корупција и добива нов назив: Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција. Ова ЈО ќе има надлежност на целата територија на државата и ќе има гаранции за самостојно делување во рамките на сегашните кои ги има СЈО, но во хиерархија и субординација со државното обвинителство“, рече Заев.
Сите случаи на СЈО кои се пред судовите ќе продолжи да ги застапува новото ЈО. Постојните вработени и истражители преминуваат во новоформираното обвинителство, заедно со архивата, средствата и опремата.