1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австрија: Карл Нехамер треба да биде нов канцелар

ЖА / агенции
3 декември 2021

По повлекувањето на лидерот на Австриската народна партија и екс канцелар Себастијан Курц од политиката, кормилото треба да го преземе досегашниот министер за внатрешни работи, Карл Нехамер.

https://p.dw.com/p/43niy
Österreich I PK Verteidigung und Sicherheit in Wien
Фотографија: Hans Punz/APA/picture alliance

Претседателството на Австриската народна партија едногласно го избра Карл Нехамер за вршител на должноста партиски лидер и кандидат за иден канцелар, потврди денеска самиот Нехамер пред новинарите во Виена. По повлекувањето на  Себастијан Курц,  вчера и неговиот наследник, австрискиот канцелар  Александер Шаленберг  поднесе оставка. По обвинувањата за корупција против Курц, Австриската народна партија спроведува обнова во своите редови.

„За мене лично е голема чест што добив толкава доверба“, изјави Нехамер. Според  него, Шаленберг ќе се врати на својата претходна функција – министер за надворешни работи, со оглед што „одлично ја извршуваше“, како што изјави новиот лидер на АНП.

Нехамер најави и други промени во владиниот кабинет – функцијата министер за внатрешни работи теба да ја преземе Герхард Карнер, нов министер за финансии треба да биде Магнус Брунер, а за образование – Мартин Полак.

Номинацијата на Нехамер треба да ја потврди австрискиот претседател  Александер ван дер Белен,  но тоа се смета за формална работа. Австриската новинска агенција АПА јави дека полагањето заклетва на Нехамер и неговите министри ќе биде в понеделник.

49-годишниот Нехамер ќе биде петти австриски канцелар од 2016 година наваму.

Екс канцеларот Курц објави неочекувано целосно повлекување од политиката, образложувајќи го со тековната истрага против него за корупција, но и со раѓањето на неговиот син пред една недела. Со нужната одбрана од низа обвиненија, подметнувања и тековни истражни постапки, неговата страст за политика осетно се намалила, изјави Курц, кој постојано ги демантира обвинувањата.

Курц на 9 ноември поднесе оставка од канцеларската функција по подигнатите обвинувања за проневера и подмитливост. Му се префрла дека неговиот тим го поттикнал неговиот подем во 2016 година преку фризирани анкети на јавното мислење и купени извештаи во медиумите. За возврат, високи суми, од кои дел и пари од данокот на граѓаните биле исплатени во форма на реклами во одделни медиуми. И министерот за финансии Гернот Блимел, близок соработник на Курц, синоќа најави повлекување од политиката, укажувајќи и на добиени закани со смрт против неговото семејство.