Владата ќе санира, пропагандата ќе бетонира
15 август 2016Без подготвеност кај владејачкото мнозинство да разговара за одговорноста и за пропустите кај надлежните институции, но и без консензус за главните заклучоци, синоќа заврши седницата на парламентот посветена на мерките за справување со последиците од поплавите. Собраниското мнозинство не ги прифати заклучоците предложени од СДСМ, и ги изгласа оние што беа предложени од координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Илија Димовски и Талат Џафери. Пратениците од опозицијата не гласаа за овие заклучоци.
Прашањето за одговорноста и за задоцнетата реакција на надлежните стана табу - тема, а од страна на владејачкото мнозинство дискусијата беше претворена во глорификација и благодарност до надлежните за успешно справување со последиците од невремето. Во редовите на опозицијата владее незадоволство од ваквиот однос, но и стравување дека земјата може повторно да се соочи со слични последици поради евидентното игнорирање и на проблемите и на одговорноста.
Лидерот на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов, вели дека пропагандата и овој пат ја завршила работата.
„Владејачките партии сами си формулираа и си усвоија заклучоци, кои се пропаганда и во функција на манипулација на јавноста, обидувајќи се со народни пари и евтин популизам да печалат политички поени од маката и страдањата на поплавените граѓани. Тоа се протоколарни заклучоци, без обврзувачка сила и обид да се релативизира одговорноста на партиските кадри кои не одговорија на задачите“, оценува Трајанов.
Смета дека мора да се покрене постапка за политичка, но и друг вид одговорност, со оглед дека колабирал системот за рано предупредување и намалување на последиците од невремето.
„Затоа ВМРО-ДПМНЕ не прифати да се формира Парламентарна комисија која ке го надгледува спроведувањето на заклучоците, како и одржување на надзорна расправа за пропустите на функционерите кои раководат со институциите задолжени за справување со природни непогоди. Сведоци сме на невидена манипулативна кампања од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски и злопотреба на маката на илјадници граѓани, кои нивната негрижа ги дави во калта“, констатира пратеникот на ДС.
„Доколку е потребно“
Со усвоените заклучоци, Собранието се заложува државните и сите надлежни институции да продолжат да излегуваат во пресрет на жителите од погодените подрачја се до конечно отстранување на последиците од временската непогода. Се бара Владата да го реализира заклучокот за авансно обесштетување на семејствата погодени од поплавата и да продолжи да се ангажира за брза проценка на штетите. Владата треба да изврши проценка, и доколку е потребно, да пренасочи средства од одредени тековни буџетски ставки во надлежни институции со цел справување со последиците од катастрофалната временска непогода. Средствата за кои досега не се преземени договорни обврски преку склучени договори, а се предвидени за набавка на возила кои не се поврзани со основната дејност на буџетскиот корисник, изградба на репрезентативни објекти, купување мебел и друга опрема, како и средства за репрезентација, доколку е потребно делумно или целосно да бидат пренаменети за оваа намена. Заклучено е да се дезинфицираат поплавените подрачја, да се направи анализа на дивата сеча на шумите, да се преземаат превентивни мерки за справување со идни непогоди, а Владата до Собранието да достави тромесечен извештај за преземените активности.
Пратеникот и портпарол на СДСМ, Петре Шилегов, уште на седницата реагираше на формулациите од типот „доколку е потребно“, нагласувајќи дека „сигурно е потребно“ и дека мора да се реагира веднаш. Но, Собранието не ги прифати предлог -заклучоците на СДСМ секое домаќинство погодено од невремето веднаш да му се исплатат неповратни средства во висина од 1.500 евра, законски да се регулира исплатата на оштетата и веднаш да се евакуира населението со цел да се спречи појава на заразни болести.
„Заклучоците предложени од опозицијата воопшто не оставаа простор за импровизации, за разлика од оние што ги предложи и усвои владејачкото мнозинство. Со стриктни рокови и стриктни обврски на Владата и на државните органи во справувањето со последиците, оштетените немаше да бидат оставени на милост на Владата, туку ќе имаа законско право за обештетување, а државните органи - обврска за исплата на штетата. На тие семејства им е неопходна првична неповратна финансиска помош веднаш, бидејќи сега немаат ништо. Ја намаливме и првично предложената сума од 3.000 на 1.500 евра, но и тоа не помина. Не помина ни предлогот предвидените 19 милиони евра за изградба на Панорамско тркало за да бидат пренасочени во Фонд за помош на семејствата погодени од поплавата“, реагира Шилегов.
Владини мерки
Непосредно, пред почетокот на вчерашната собраниска седница, Владата усвои пакет од осум мерки наменети за настраданите во поплавените подрачја. Според првата, се што Комисијата за проценка ќе го евидентира за оштетено, стопроцентно ќе биде надоместено. Ќе биде покриена партиципацијата за здравствени услуги на жителите од поплавеното подрачје, домаќинствата ќе бидат ослободени од плаќање месечни издатоци за вода и ѓубретарина во период од три месеци, а децата во основно образование ќе добијат еднократна парична помош за набавка на училишен прибор. Се овозможува бесплатна изработка на елаборат за легализација на куќите на оние кои досега не го направиле тоа, а во следните три месеци за 50 проценти се зголемуваат средствата на примателите на социјална помош, детска заштита, додатоци за мобилност, слепило и глувост, помош и нега од трето лице и посебниот додаток за деца со пречки во развојот. Без надомест ќе се обезбедат 30 тони јачмен од државните резерви наменети за сточна храна, а на оние кои имаат земјоделски посеви ќе им се овозможи бесплатна анализа и испитување на почвата, за да се утврди дали има потреба за нејзино прочистување.
Жителите од кризниот регион се задоволни од одлуката, но велат дека не е важна должината на списокот со мерки, туку брзината со која тие ќе бидат реализирани. „Сега е завршен само процесот на евидентирање на штетите. Проценката допрва ќе се прави. Не знаеме колку време ќе трае таа и кога ќе ни биде исплатен надоместокот за штетата. Еве, битолчани се жалат дека уште не добиле оштета за поплавите од пред две години. Ветен ни е аванс, ама не знаеме кога ќе го дадат. За да ги санираме куќите колку толку, нам ни треба помош веднаш. Немаме многу време. Есента доаѓа, ќе дојдат и нови врнежи. Тоа се нови проблеми и стравови за нас“, велат жители од Стајковци. Се надеваат дека власта ќе ја разбере итноста на нивните потреби.