Владата некомплетна, се чека Села да се врати од САД
15 декември 2017И покрај најавите дека брзо ќе бидат пополнети испразнетите места во Владата, каде најкритично е неколкумесечното неименување на министер за здравство, неизвесноста и натаму продолжува. Пратеникот на ДУИ, Артан Груби вчера изјави дека разговорите за владиниот состав се завршени меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на интегративците, Али Ахмети. Но, дознаваме дека разговорите сѐ уште не се завршени меѓу Заев и раководството на коалицискиот партнер, Алијанса за Албанците (АА). Вицепремиер за реформи - тоа е последната и актуелна понуда доставена до АА, за која сѐ уште се чека одговор, бидејќи се пролонгирало враќањето на лидерот Зијадин Села од САД. Се очекува тој да се врати до крајот на неделава, и по разговорите со Заев, да се премине кон пополнување на испразнетите места во Владата.
Според понудата доставена до АА, извесно е дека по заминувањето на нејзиниот кадар Арбен Таравари од министерската позиција во здравството, СДСМ планира да даде свој кадровски предлог за тој ресор. Како што дознаваме, АА во досегашните разговори инсистирала нејзин кадар и натаму да раководи со здравството, но изразила и подготвеност за замена на тој ресор со друг, но „со иста тежина“. Според партиски извори, АА повеќе сака „конкретен ресор“ отколку вицепремиерското место, без оглед што станува збор за висока функција во екот на планираните реформи. Дилемите треба да бидат решени викендов, поточно во недела, кога партискиот лидер на АА, наводно ќе се врати од САД каде е на престој од приватен карактер. Од АА во меѓувреме стигнуваат сигнали дека не е исклучено и да заминат од Владата, а извори од СДСМ тврдат дека тие се заинтересирани да се одржи сегашното коалициско партнерство. Од ДУИ не ги коментираат ваквите можни пресврти. Нејзините односи со партијата на Села се влошија во екот на локалните избори, кога од раководството на АА стигнаа бројни обвинувања на адреса на ДУИ, за кои Ахмети побара извинување но до денес не го доби.
Големи или мали турбуленции?
Претстојните помени во владиниот кабинет ги најави и вчерашниот потег на министерoт без ресор, Самка Ибраимоски, кој беше задолжен за имплементација на националната стратегија за подобрување на состојбата на Ромите. Тој вчера соопшти дека решил министерската функција да ја замени со пратеничката, затоа што Ромите немаат претставник во парламентот.
„На мојата министерска функција исто така ќе биде Ром, адвокат со големо искуство и сметам дека ќе ја продолжи мојата и програмата на мојот кабинет“, изјави Ибраимовски.
Повеќе на темата:
Алијанса за Албанците добила понуда - вицепремиер за реформи
Македонската и бугарската влада на седница во Струмица
Реформскиот булдожер не смее да биде во лер
Тој во парламентот ќе влезе на местото на пратеникот од СДСМ, Васко Ковачевски, кој поднесе оставка на пратеничката функција бидејќи ќе раководи со комбинатот РЕК Битола. Пратеничките клупи ги напушти и Стево Пендаровски, кој пред две недели беше именуван за Национален координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО, а на неговото пратеничко место доаѓа Далибор Богдановски.
Ибраимовски вчера најави дека „ќе има доста новини и турбуленции“ во Владата, но владини извори за ДВ тврдат дека нема да има големи промени. Ќе се пополнат испразнетите места кои беа раководени од кадри на ДУИ - еден министер без ресори и заменик-министер за образование, а ќе се донесе одлука чиј партиски кадар ќе раководи со здравството. Иако се шпекулира дека во Владата постојат забелешки за бавното темпо на работа во одредени ресори со кои раководи ДУИ, засега нема потврда дали Ахмети во договор со Заев ќе направи одредени промени во министерската постава.
На седница во Поградец
И додека ни по три месеци Владата не успева да ги затвори кадровските позиции во нејзиниот кабинет, за помалку од еден месец одржува втора заедничка седница со влада на соседна земја. По заедничката седница со бугарската влада одржана на 23-ти ноември во Струмица, денеска во Поградец, Албанија претставници на македонската влада ќе одржат заедничка седница и со албанската. Во 14 и 30 часот пред хотелот „Химети Палас“, премиерот Рама и членови на неговиот кабинет ќе организираат свечен пречек за премиерот Заев и македонската владина делегација. Во истиот хотел ќе се одржи и седницата, на која воведни обраќања ќе имаат двајцата премиери, а ќе се разговара за унапредување на билатералната соработка во инфраструктурното поврзување, за изградба на Коридорот 8, за олеснување и интензивирање на размената на стоки и услуги и за зајакнување на соработката во областа на безбедноста. По седницата ќе следува свечено потпишување на документи за соработка: план за консултации помеѓу министерствата за надворешни работи на двете држави, меморандум помеѓу министерствата за внатрешни работи за соработка во областа на внатрешната контрола, за соработка во борбата против насилен екстремизам и радикализам, договор за соработка во спречување на кризи, како и за формирање на мешовит комитет за економска соработка. Во ресорот образование и наука ќе се потпише меморандум за билатерална соработка преку Институтот за културно и духовно наследство на Албанците од Република Македонија. Во 16 и 30 часот двајцата премиери ќе одржат заедничка прес конференција, а утре, во придружба на владини претставници ќе го посетат Пустец, каде ќе се сретнат со претставници на локалната самоуправа и ќе донираат опрема за учениците во локалното училиште.