Владата на Ципрас преживеа
17 јуни 2018Одмерувањето на силите во грчкиот парламент заврши во полза на владата на Алексис Ципрас. 153 пратеници вчеравечер му дадоа доверба на неговиот кабинет, додека 127 беа против.
Конзервативната Нова Демократија со барањето да се изгласа недоверба на владата сакаше да го спречи договорот за решение на спорот за името, со кој треба да му стави крај на спорот со Македонија кој трае четврт век.
Повеќе:
Потпишување на договорот за решавање на спорот за името
Пред парламентот со часови демонстрираа околу три илјади луѓе. Дел од нив се обидоа да влезат во парламентарната зграда за да извршат притисок врз пратениците да му изгласаат недоверба на Ципрас. Тие го обвинуваат премиерот дека во спорот за името направил лош компромис.
Договорот за решението на спорот за името се потпишува денеска во Псарадес, на грчката страна на Преспанското Езеро. Потпис ќе стават шефовите на дипломати на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас, како и посредникот на ОН во спорот, Метју Нимиц. Обраќање ќе имаат премиерите Заев и Ципрас. Потоа официјалната средба на двете делегации ќе продолжи на македонската страна на Преспа, во Отешево, каде што двете делегации ќе имаат билатерален разговор и свечен ручек.