Вистината на половина пат меѓу правдата и естрадата
24 февруари 2020По вчерашната аудио-снимка, наводно добиена од свиркач, која на прес- конференција ја објави Антонијо Милошоски, се наметнуваат неколку прашања, во чија основа е главното: што е целта на ВМРО-ДПМНЕ, предизборно фрлање сомнеж врз политичкиот опонент, или искрена битка за вистината и правдата?
Според досега прикажаното, постапките одат исклучиво во првата насока. Еве зошто. Антонијо Милошоски неодамна на собраниска комисија презентираше аудио-материјал, наводно добиен од свиркач. Набрзо потоа на собраниска седница побара да презентира и друг таков материјал, но претседателот на Собранието, Талат Џафери, не му го дозволи тоа. Милошоски потоа се обрати до Обвинителството за гонење организиран криминал, но во истата прилика ја достави само првата јавно презентирана снимка. Зошто не ја доставил и втората? И втората можел да ја достави до Рускоска во истата прилика, притоа без да се откаже од правото претходно да ја сподели со јавноста на прес-конференција, како што тоа го стори вчера.
Фак е дека тој не го направи тоа. Сега за втората снимка ќе чека од Обвинителството да реагира по допрен глас, а ако тоа не се случи повторно ќе оди лично да ја достави до Рускоска. Ваквото вртење на кругови индицира дека наводната битка за правда е во длабока сенка на битката за три П: предизборни партиски претстави.
Во спротивно, зошто наместо промптна пријава до Обвинителството, некој би се решил на активности од типот „капка по капка“, осносно „снимки на лажичка“? Политичари или партии чија цел навистина е искрена битка за вистината, буквално би го затрупале Обвинителството со сите докази или индиции што ги имаат.
Но тоа не е така во овој случај, што индицира дека не е примарна цел институционална борба против можни мешања на Заев во правосудството, туку естрадна битка, наменета за сензибилизирање на гласачите до изборите.
Второ, и во двата случаја се објавени разговори во кои соговорникот или соговорниците на Заев се непознати, а неговите реченици се издвоени од контекстот на целокупниот разговор. Оттука и прашањето: дали свесно се емитува снимка осиромашена од контекстот и континуитетот, за утре, доколку врз основа на вештачење таа стане безвредна за Обвинителството, опозицијата да тврди дека некој го штити Заев?
За да нема вакви дилеми, има само едно решение кое може да открие кој за што се залага или кој што сака да сокрие: ако снимките се објават интегрално, од збор до збор. Или, ако е целта да се заштити идентитетот на другите учесници во разговорот, а е од јавен интерес да се објави само ставот на Заев, тогаш нека се објават интегрално барем деловите во кои зборува поранешниот премиер и лидер на СДСМ, без да бидат прекинувани според интересот на оној што ги доставил, или на оној што ги презентира.
Само така ќе се елиминираат овие, но и сомнежите зошто прв странски политичар кој се огласи по прес-конфренцијата на Милошоски е Јанез Јанша, кој од словенечки медиум(и) беше посочен како еден од политичарите поврзан со канали за унгарски пари за финансирање на словенечки медиуми, но и на македонски медиуми блиски до поранешниот премиер Груевски.
Но, она што е поважно, со интегралното објавување на изјавите на Заев ќе се елиминираат и сомнежите дали снимката во која се спомнува Јово Вангеловски, е објавена со една употреба вредност: да обезбеди алиби за ново пролонгирање на седницата на Советот за жалба при Врховниот суд, кој треба да донесе конечна одлука за разрешувањето на Вангеловски. Особено што и Вангеловски во меѓувреме иницирал постапка пред Судскиот совет за разрешување на двајца врховни судии кои се членови на Советот за жалба, и треба да одлучуваат за него. Ова само по себе навестува нови перипетии и купување време. Ако се има предвид дека Судскиот совет го разреши Вангеловски на 10 септември 2019 година, и тоа по влечекање од две години, дали со оваа снимка се обезбедува тотално еутанизирање на постапката? Тоа се прашањата што лебдат над снимката и намерите на опозицијата. Мицкоски пред десетина дена, одговарајќи на прашањето дали опозицијата има „бомби“, порача: Следете нѐ, периодот кој што е пред нас ќе биде исклучително интересен!" Разликата од „интересен“ до „правно вредносен“ до овој момент е прилично занемарена.