Вистината за македонските Евреи
25 декември 2010Mакедонија не ги заборави своите Евреи. Приказната за 7.148 еврејски сограѓани, кои бугарските окупатори на 11 март 1943 ги депортираа во логорот на смртта Треблинка, ќе биде во средиштето на Меморијалниот центар на холокаустот, лоциран во некогашното Еврејско маало во Скопје.
Со неговото отворање, како што вели авторот на концептот професор Мајкл Беренбаум, инаку создавач на ентериерот на американскиот Меморијален центар во Вашингтон, на виделина ќе излезе вистината за македонските Евреи, со која барем до сега, бугарската страна никако не сакаше да се соочи: „Бугарите сакаат да се помни спасувањето на нивните сопствени Евреи и да се заборави учеството во убивањето на Евреите во Македонија. Сакаат кредит за спасувањето на нивните и заборав на одговорноста за убивањето на другите. Сега имаме ситуација во која тие ќе мора да се соочат со двете работи, со што нивната сопствена историја ќе мора да се раскаже покомплексно. Ќе биде фасцинантно да се види како ова ќе успеат да го направат“, изјави за македонската програма на Дојче веле Мајкл Беренбаум, кој го презентираше македонскиот Меморијален центар на холокаустот во Европската академија - Берлин.
Тој подвлече дека негова одговорност како историчар и научник е да каже што навистина се случило со Евреите, кои биле дел од македонската историја, кои биле присутни уште од времето на Филип Македонски и нашле сигурност на таа почва во времето кога биле прогонети од другите народи. Во Битола, Скопје, Штип ги создале своите огништа, учествувале во живеењето на градовите, помогнале Македонија да стане дел од светскиот трговски свет.
Оригинален концепт
Меморијалниот центар како комплекс ќе биде завршен на 70 годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија. Идеја е во него да се раскажува преку слики. Како на филм, кој ќе биде разбирлив за секого, како за оние што не знаат ништо за холокаустот, за Евреите и Македонија, така и за оние кои знаат многу.
Поставката ќе има тридимензионална улога: интелектуална - да поучува, емоционална - да го трогне посетителот и визуелна - да се запомни виденото преку впечатливи слики. „Ова ќе биде единствен музеј во светот каде ќе бидат претставени сите жртви од земјата, име до име, слика до слика, личност до личност. Оние кои биле во Музејот на холокоауст во Вашингтон ќе се сетат на познатата ’Кула на лица’, која ги претставува луѓето од само една заедница. Во Јад Вашем, симбол на шестте милиони жртви на холокаустот, се запишани имињата на жртвите на ’Страницата на сеќавања’. А во Музејот на холокаустот во Скопје ќе бидат изложени фотографии на сите жртви снимени пред војната. Со тоа симболично ќе се претстави сеќавањето на секој од нив, раскажува Беренбаум, кој како историчар учествувал и во проект за Евреите од Бугарија и создавањето на филмот „Празни вагони“.
Со оглед на тоа што Меморијалниот центар во Скопје ќе ја презентира вистината, која бугарската страна до сега не сакаше да ја прифати, го прашуваме Мајкл Беренбаум дали очекува посебни реакции од Софија? „Не. Секогаш сум подготвен да дебатирам во дијалог! И се надевам дека посетителите на Музејот и многу други ќе ја осознаат историјата.“
Автор: Силвера Падори-Кленке
Редактор: Александра Трајковска