1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вилдерс сака Холандија да истапи од ЕУ

Јирген Клајкамп / Александра Трајковска 18 јули 2012

Десниот популист Герд Вилдерс го одбра курсот на целосна конфронтација со Европа. Тој сака Холандија да истапи од еврото и од Европската унија. Тоа сосема јасно го нагласува во неговата изборна програма.

https://p.dw.com/p/15Z5o
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Холандија претстојат предвремени избори, бидејќи холандскиот десен популист Герд Вилдерс ја откажа поддршката за малцинскиот кабинет на конзервативите либерали и христијанските демократи.

Толку јасно и недвосмислено Вилдерс со неговата Партија на слободата досега нема побарано истапување на својата земја од европската заедница. Надвор од еврото, надвор од целата Европска унија бара сега Вилдерс и во изборниот спот кој делува борбено, појаснува: „Еврото не е пари, тоа не‘ чини пари. Европската унија е несреќа за Холандија".

Вилдерс особено се противи на натамошни плаќања во европскиот спасувачки чадор. Затоа во април годинава ја откажа поддршката за малцинскиот кабинет од либералите и христијанските демократи и со еден потег ја испрати владата на нови избори. На неговите сограѓани им појаснува: „Мораме да плаќаме милијарди за Грција. Сега на Шпанија и‘ е потребна поддршка од нас, како и на Португалија и на Кипар, можеби наскоро и на Италија, пропаднати банки, банкротирани земји, а вие морате да плаќате“.

Според последните анкети на реномираниот холандски институт за истражување на јавното мислење „Маурис де Хонд“ од неделава, десните популисти како и досега би биле трета политичка сила во парламентот во Ден Хаг во кој се застапени десет партии, зад конзервативните либерали на премиерот Марк Руте и социјалистите. Социјалистите досега во Холандија никогаш немаат поставено премиер. Љубезниот наставник и шеф на социјалистите Емил Ремер, би можел да биде првиот. Руте и Ремер во моментов би ги имале зад себе речиси половината од 150 пратенички мандати во парламентот. Но дека нивните две партии ќе формираат коалиција е неверојатно, повеќе може да се исклучи таква можност.

Jahresrückblick 2010 International September Niederlande Regierung
Со еден потег Вилдерс ја испрати владата на Руте на нови избориФотографија: picture alliance/dpa

Непријателскиот тон кон Европа на Герд Вилдерс меѓутоа не наидува на големо одобрување кај неговите сограѓани. Според анкетите, тој губи гласови. Малку, но континуирано. Неговиот главен проблем е друг: никој не сака да коалицира со Моцарт, како што го нарекуваат поради неговата фризура. На конзервативците им е преку глава, а левичарите во секој случај и натаму ќе седат во опозициските клупи, отколку да коалицираат со Вилдерс.