Википедија протестира
18 јануари 2012„Замислете си свет без слободно знаење“. Под ова мото започна интернет штрајкот на англиската верзија на онлајн енциклопедијата Википедија. Поради протест против два планирани закони против интернет пиратеријата, страницата на лексиконот денеска е црна. Од 6.00 часот по средноевропско време информациите на илјадници страници не се достапни. На место тоа на темна странициа со карактеристичното „W“ следува објаснувањето „Замислете си свет без слободно знаење. Повеќе од една деценија инвестиравме милиони часови да ја изградиме најголемата енциклопедија во човечката историја. Сега американскиот Конгрес размислува за законска регулатива, која може да нанесе значителна штета врз слободниот и отворен интернет“.
Основачот на Википедија Џими Валес кон ова надополнува: „Денеска, Википедијанците од целиот свет го подигнаа својот глас против уништувачката законска регулатива“. Блекаутот на Википедија тој го најави уште во понеделникот преку Твитер и ги повика граѓаните на САД кај своите пратеници да се жалат за намерите за новиот закон. Во отворено писмо, покрај Википедија до Вашингтон се обратија и основачите на интернет страниците како Гугл или Твитер и критикуваа дека американската влада со помош на закони го цензурира интернетот со методи кои инаку би биле применети во држави како Кина или Иран.
Интернет заедницата со акцијата сака да изврши притисок врз американскиот конгрес. Таа е насочена конкретно против два планирани закони, со кои би требало да се спречи проширување на пиратски копии во странство и да се заштити авторското право: против законските предлози „Стоп за интернет пиратеријата“ и „Заштита на интелектуалната сопственост“. За двата законски предлози во тек се советувања во американскиот Конгрес. Пред се’ филмската и музичката индустрија ги поддржуваат плановите. Според нивните гледишта илегалната продажба на нивните производи уништува работни места во САД.
Критичарите напротив стравуваат дека ќе биде ограничена слободата на изразување и долгорочно своеволно би биле блокирани интернет понуди. Во законската иницијатива тие гледаат можност да се цензурира мрежата. Камен на сопнување е пред се’ можноста со законот да се блокира пристапот до странски интернет страници, кои нудат пиратски копии. Со едниот од двата предложени закони на американските власти би им било дозволено да направат црна листа со веб страници, кои наводно го повредуваат авторското право. Со тоа на граѓните на САД делумно би им бил ограничен пристапот на интернет.
Предлог законите на викендот беа критикувани и од американската влада под претседателот Барак Обама. Во едно соопштение се вели, дека ќе има соработка со Конгресот да се спречат пиратските копии, меѓутоа истовремено мора да се зачува слободата на интернетот.
Автор: АТ/ НМ/ дпад/ афп/ дпа
Редактор: Жана Ацеска