Се бара притвор за пет лица за „крвавиот четврток“
20 февруари 2019Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Кривичниот суд доставило наредба за притвор на пет лица, осомничени за организирање на настаните од 27-ми април 2017 година, дознаваме од извори во истрагата.
Официјално нема податоци за кои лица се бара притвор, а се очекува официјално соопштение. Но, според неофицијални информации, две од лицата за кои се бара притвор се надвор од државата. Се претпоставува дека станува збор за поранешниот премиер Никола Груевски и за поранешниот вработен во УБК, Никола Бошкоски, кој повеќе од една година е во Грција.
Под сомнение за наводна вмешаност во организацијата на насилствата од „крвавиот четврток“ медиуми веќе објавија дека попладнево веќе бил приведен поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, а по него и ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески, како и ексминистерот за труд во владата на ВМРО-ДПМНЕ, Спиро Ристовски.
Дел од лицата кои ги бара обвинителството беа посочени во сведочењето на Александар Василевски-Нинџа пред судот.