1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вечниот претседател

Јури Решето/превод:БГ12 октомври 2015

Белорусите по петти пат го избраа Александар Лукашенко за претседател. Изборите беа инсценирани во најдобар советски манир, смета Јури Решето.

https://p.dw.com/p/1Gmls
Фотографија: Maxim Malinovsky/AFP/Getty Images

Не, не сме изненадени! „Батка“ останува батка, или во превод „тате“ како што Лукашенко го нарекуваат во татковината, останува претседател. Повеќе од 80 проценти гласаа за него. Таа победа ме потсетува на моето детство. Имено, роден сум во Советскиот сојуз исто како и Александар Лукашенко. И се чувствувам денес, 40 години подоцна, како некој да ме вратил во старите времиња, кога комунистите, исто така со 80 проценти победуваа на убаво инсценираните избори.

Ги видов истите свечено украсени автомобили како возат по истите, прилично празни улици на Минск и ги повикуваат луѓето на гласачките места. Ги видов истите телевизиски репортажи, кои ги фалат наводните успеси на „тате“, кој владее повеќе од две децении. Ги видов истите продавници во близина на гласачките места, кои со намаленија ги мамат луѓето да гласаат, истите поп-концерти кои се инсценирани како благодарност за секој глас на народот. Кревање знамиња, „ура“, а вечерта по изборите - огномет!

Убаво недемократски

И, колку што беа убаво советски организирани тие избори, толку беа и убаво недемократски. Да, постоеше опозиција. Цели тројца кандидати, но крајно слаби и непознати. Да, тие смееја да настапат на телевизија, но не без претходна најава и во невозможни времиња на емитување. Да, имаше неколку илјади демонстранти среде Минск, но само на неколку часа.

Rescheto Juri Kommentarbild App
Јури Решето

И белорускиот закон, кој им овозможува на граѓаните да го предадат своето гласачко ливче, без да наведат причина, уште од 6 октомври, или пет дена пред изборите, на Лукашенко му помогна во неконтролираното собирање гласови, бидејќи тоа гласање не го следеше ниту еден единствен странски набљудувач. Тие дојдоа во земјата дури на 8. октомври. А дотогаш веќе беа прегледани речиси 20 отсто од гласовите - и избројани. Но, мора чесно да се признае дека и опозицијата правеше грешки: на изборите излезе без заеднички кандидат, без стратегија и на начин премногу лојален кон власта.

И така на Белорусите им останува сеприсутниот „батка“, вечниот претседател Лукашенко. А Белорусија по нечесните избори останува недемократска земја среде Европа. Изненадување? Во никој случај!