1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вечниот опозиционер Албин Курти повторно на прагот на власта

Обработка: Драгослав Дедовиќ
23 декември 2020

Албин Курти „остана идеолог и самонаречен антиколонијалист. Одбива меѓународно мешање, и Специјалниот суд во Хаг. Ја брани УЧК од убедување, но и од сознанието дека тоа е популарно“, пишува печатот на германски јазик.

https://p.dw.com/p/3n9VL
Kosovo Albin Kurti Parteivorsitzender Lëvizja Vetëvendosje!
Фотографија: picture-alliance/AA/U. Sulejman

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува за одлуката на Уставниот суд на Косово да го прогласи за неуставен јунскиот избор на премиерот во косовскиот парламент: „Во изборот на Авдулах Хоти за шеф на владата, според Уставниот суд, учествувал и пратеник кој претходно е правосилно осуден за корупција. За распишување нови избори има рок од 40 дена.“

Весникот потсетува што претходеше на владата на Хоти, за која сега судот утврди дека е нелегално избрана: „По октомвриските избори 2019 година, Демократската лига на Косово на Хоти влезе во коалиција со левонационалистичкото Самоопределување. Коалицијата се распадна по неколку месеци. Токму Самоопределување се обрати до Уставниот суд за да се докаже нелегитимноста на владата. “

Швајцарскиот весник „Ноје цирхер цајтунг“ објавува детална анализа на ситуацијата настаната со одлуката на Уставниот суд на Косово. Дописникот од Приштина, Андреас Рајх, вели дека лидерот на Самоопределување, Албин Курти, е на прагот на освојување на власта. „Јас сум бивш, но ќе бидам и иден премиер на Косово“, рече Курти по одлуката.

„Ноје цирхер цајтунг“ наведува податоци, според кои, Курти не кажува празни приказни, зашто најновите анкети покажуваат дека неговото Самоопределување може да смета со значително подобар резултат. „Сепак, неговата партија мора да пронајде нов коалиционен партнер. Тоа не е лесно. Претходната потрага по коалиционен партенр траеше четири месеци.“

„Подготвеноста на компромис не е негова силна страна. Долго го одликуваше радикалност во стилот и супстанцијата на политиката. Курти и неговите партиски соборци фрлаа солзавец во парламентот за да спречат изгласување посебни права за српската заедница на Косово. Гласно бараше обединување на Косово и Албанија. Тој етнонационализам од него направи непосакувана личност за многу западни дипломати“, пишува швајцарскиот весник.

20 години од потпишувањето на Кумановскиот договор

„До пред неколку години не можеше ниту да се замисли западните амбасадори во Приштина да го прифатат Курти како премиер. Се потпираа на востановениот систем во земјата, особено го сметаа Хашим Тачи за гаранција за стабилност. Премолчено е прифатен и неговиот клиентелистички систем.“

„Но работите се менуваат. Во очи изгласувањето недоверба за премиерот Курти во март, Германија, Франција, па дури и неутралната Швајцарија го повикаа парламентот во Приштина да не изгласа недоверба. Исто така, Курти и неговата партија се променија. Политикологот и професор на Приштинскиот универзитет, Арбен Хајрулаху, нагласува дека Самоопределување се променило, партијата е помалку радикална: Протестната партија се претвори во системска.“

Новинарот на швајцарскиот весник наведува дека стилот на Курти се променил, зашто веќе не бара обединување со Албанија. Но, ако го прашате директно, тој одговара дека за тоа треба да се изјасни народот. „Во суштина, остана идеолог и самонаречен антиколонијалист. Одбива меѓународно мешање, како и Специјалниот суд во Хаг. Ја брани УЧК од убедување, но и поради сознанието дека тоа е популарно. Кога минатата пролет еден негов советник рече дека УЧК вршела злосторства над цивили, тој веднаш го отпушти. Кој не ги следи насоките на партискиот лидер, мора да си замине.“

Србите во енклавите: Огорченост и молк

Во текстот се наведуваат и приоритетите на Курти, во кои се вбројуваат создавањето работни места, борба против корупцијата и криуминалот, но не и дијалог со Србија. Се наведува и неговото очекување од Белград да го промени Уставот: „Косово прогласи независност од Србија, сега е време Србија да прогласи независност од Косово.“

Се наведува дека Курти е против територијални отстапки во замена за признавање, додека Тачи беше поотворен за такви предлози, но тој сега е во хашкиот истражен затвор.

„Дали со тоа се завршува влијанието на Куртиевиот смртен непријател? Политикологот Хајрулаху вели дека ѕвездата на Тачи бледее, зашто оној кој не е на власт, губи и меѓународна поддршка. Но, професорот Хајрулаху сепак се оградува: Ако Специјалниот суд го ослободи Тачи, тоа би можело да му донесе нов политички подем. Јасно е единствено дека Албин Курти, вечниот опозиционер, сака да ја преземе главната улога и дека не сака да биде уште еднаш вратен од прагот на власта.“

Исчезнатите на Косово- 20 години подоцна