1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вето за ЕУ и обединета Европа

20 ноември 2020

Фактот дека Македонија е во сфера на интерес на САД и Германија, нуди надеж дека нејзиниот интегративен процес во ЕУ и кон Запад можеби накратко ќе биде закочен, но стратешки не може да биде запрен. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/3lalb
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

По ланското вето на Макрон, дојде и очекуваното вето од „Микрон". Европски ситната Бугарија ја блокираше Македонија во отворањето на преговори со ЕУ. Во исто време Унгарија и Полска, на кои сега им се придодаде и Словенија на Јанша, го блокираат буџетот на ЕУ, бидејќи не им се допаѓа неговото поврзување со клаузулата за владеење на правото. На тој начин се блокираат 1800 милијарди евра помош за земјите-членки, нешто што заедно со неопходната ратификација на договорот од националните парламенти, кажува дека ако блокадата продолжи, членките нема да ги видат парите барем до пролетта 2021 година.

Сега веќе се’ е кажано околу националистичкиот, негационистички и ревизионистички потег и однесување на Бугарија кон Македонија. Бугарија нанесува директен удар врз основните вредности на Унијата како и врз самата основа на која ЕУ е формирана по нацистичкото искуство во Европа и двете катастрофални Светски војни. Да не заборавиме дека прекршува билатерален договор, се меша во внатрешните работи на Македонија, им нанесува штета на нашите меѓуетнички односи, покрај интеграциските процеси кон ЕУ. Унгарија и Полска веќе од поодамна нанесуваат сличен вредносно-идентитетски удар врз ЕУ, со фактот дека со години ги кршат демократските принципи на кои се базира Унијата. Односно, повеќе од вето на Бугарија кон Македонија, или вето на Полска и Унгарија за буџетот на ЕУ, ние сме сведоци на вето за ЕУ и пообединета Европа.

Ќе отидам уште подалеку во својата теза и ќе кажам поконкретно, со овие политики на вето, кои многу земји отворено ги користат, а уште повеќе земји тајно ги уживаат, ова е последниот и најнов судир во Европа, каде всушност одредени земји членки, што поради само свои државни интереси, што поради надворешно влијание – ставаат вето врз германското водство со ЕУ. Не зборувам само за германското претседателство со ЕУ во моментов, кое доколку не успее да ги реши овие два големи проблеми за иднината на Европа, секако ќе доживее историски дебакл. Зборувам за поширокото водство на Берлин и нивниот обид за поголема независност на ЕУ од САД, Русија и Кина, преку европска хегемонија на Германија, и серија на политики кои дополнително би ја обединиле Унијата.

ЕУ се наметна повеќе како финансова и правна, а не како политичка огранизација

Планот за опоравување на ЕУ наречен „ЕУ на следната генерација“, претставува епохална промена во парадигмите на ЕУ, и особено во премин од економското/меркантилистичко сфаќање на Унијата од страна на Берлин во потребата од трансформација на Унијата во политичка реалност. Берлин се откажа од досегашната догма на штедливост и меркантилистички пристап кон Унијата, сфаќајки ја потребата од поголема политичка, фискална и одбранбена унификација на Стариот континент. Ова забрзано и засилено водство на Германија, кое беше мотивирано од протекционизмот и непријателството на Трамп, од се’ поголемото влијание на Москва и Пекинг врз ЕУ, Брегзитот, како и од последиците на ковид-кризата, сега гледаме дека е предизвикано од сили внатре и надвор од Унијата.

Други колумни од авторот:

Поважно е здравјето на граѓаните или економијата?!

Поделена Америка

Бугарија како Големиот брат на Џорџ Орвел

Иронијата е дека обединета Европа каква што е изградена досега, со актуелната институционална архитектура, е претежно дело на ордолибералната култура од германско потекло. Опсесијата за монетарна стабилност има свое потекло во траумата од Вајмарската Република, како и во идејата дека европските институционални механизми треба максимално да ја ограничат одлучувачката моќ на политичките сили. На тоа особено влијаело искуството со тоталитаризмите и оттука идејата е дека основна задача на европските регулативи е да го заштити пазарот и општеството од штетните мешања на државата. На бранот на победата на либералната демократија над комунизмот, неолибералното едноумие разви клучно влијание врз процесите на создавање на единствениот пазар, еврото и процесот на интеграција. Тоа придонесе за се’ поголемо откажување од суверенитетот од страна на државите, но не кон една наднационална политичка моќ, туку во името на еден комплексен институционален модел на управување базиран на европската илузија дека е возможно наметнување на владеење преку правила и механизам на носење на одлуки кој тотално е деполитизиран. Таквата идеја за управување со ЕУ, ја издава технократската, а не политичката позадина на функцијата владејачки механизам. Тоа е и причината за блокадата на носење одлуки во рамките на ЕУ.

Со тоа ЕУ се наметна повеќе како финансова и правна организација, а не како политичка огранизација која води кон поголема интеграција и обединување. Европската комисија се претвори во орган чија задача е да наметнува почитување на правила, наместо да е огран кој спроведува план на влада. Од националните држави се бараше само да си ја завршат домашната задача, без воопшто некој да се грижи како тие „задачи“ влијаат врз општествената клима и граѓанскиот консензус. Со други зборови, во Европа предолго доминираше идеологијата според која европското управување е базирано на техничка неутралност, а не како израз на политичка волја која мора да одговора пред граѓаните. Тој пристап на крајот имаше такви политички и општествени ефекти кои што го начнаа општествениот договор во многу земји членки и потоа беа злоупотребени од националните лидери и влади за еродирање на демократските вредности на Унијата.

Европа мора да остане отворена

Оваа состојба на Унијата сега се менува благодарение на растечкото и помалку срамежливо водство на Берлин. Германија постепено се откажува од концептот на стабилократија, на Балканот, но и пошироко, и низ промени го продолжува проектот на трансформација на континентот преку брз процес на создавање политички структури и идентитетска култура која ги надминува националните идентитети. За таа цел Европа мора да остане отворена, како во своите интегративни процеси, така и кон миграциските политики, како едно транснационално и постнационално општество и заедница.

Унгарија, Полска, исто како и Бугарија, имаат сосема поинаков филозофски и национален пристап. Нивниот се базира на концептот на стабилизација и конзервација, на чиста нација, на супрематистички и ексклузивен Запад, на културна и етничка доминација на поголемиот над помалиот или над тие што ги сметаат за домашни или надворешни малцинства. Оттука и произлегува нивното контрирање и предизвикување на политиките и процесите кои пред се’ ги предводи Берлин.

Бунт против се’ поголемата централизираност

Во исто време, во рамките на ЕУ се одвива судир Север-Југ и Исток-Запад. Штедливите земји кои прво се спротивставуваа на економската помош, а потоа го наметнаа правилото буџетот на ЕУ да биде поврзан со новата клаузула за владеење на правото, се всушност тивките поставувачи на вето. Нивните мотиви за спротивствување на Берлин се сосема поинакви од оние на источните земји.

Нивното контрирање не е детерминирано само од стриктно економските или идеолошки логики, туку напротив, од геополитички резони. Овие земји имаат огромен интерес Германија да остане тоа што била до сега, како една неутрализирана земја во своите најамбициозни и најагресивни обиди за креирање на своја зона на влијание. Сите овие земји имаат свој историски преседан кој ги заплашува како земји инглобирани во Третиот Рајх, која преку Аншлуз како Австрија, која преку квинслишка власт и инвазија како Холандија и Данска, која во заробеничка неутралност како Шведска. Оттука овие земји не сакаат да завршат како сателити на Германија, тие и покрај големата културна блискост и афинитет со Германија имаат свои национални посебности кои сакаат да ги задржат. Другата логика е дека сите овие земји сакаат Германија да остане само економски гигант, а ЕУ да остане економска унија, затоа што во овие услови нивните интереси се прекумерно задоволени. Сите овие земји профитираат од актуелната структура на ЕУ, како големи извозници, пример, БДП на Холандија дури 85% се полни од извозот, и оттука не сакаат Унијата да фати некој нов, повеќе политички пат на функционирање.

Со други зборови можеме да кажеме дека се случува своевиден бунт против се’ поголемата централност на Берлин. И во двата проблеми, Германија има огромно влијание. ЕК не може да работи автономно без влијание од Берлин, исто како што Германија е главниот арбитер во билатералниот и национален спор помеѓу Софија и Скопје. Во случајов не е во прашање само стратешката определба на Германија и Меркел, Балканот да биде контролиран благодарение на европската перспектива, ниту задржување на економските интереси на Берлин на полуостровот. Германија се бори за своето севкупно водство со Унијата и не може да си дозволи да тропне на Балканот. Тешко дека може да се дојде до брзо и дефинитивно решение на спорот со Бугарија, но Германија мора да најде компромис кој решавањето ќе го помести некаде во иднина. Со Полска и Унгарија пак потребно е решение веднаш, во спротивно ќе биде загрозен наративот за се’ поблиска и пообединета Европа.

САД да помогнат за излез од кашата

Македонија останува геополитичка монструозност на Балканот, земја со лимитиран суверенитет каде преседанот со Грција, иако на сосема други правни основи, каде не бевме признавани како субјект поради спорот со името, ја подгреа дрскоста на Бугарија на наш грб да ги оствари своите националистички и ревизионистички интереси. Нашата позиција, како единствена мултиетничка држава со експлозивен капацитет, до пола интегрирана во НАТО, но не и во ЕУ, е проблемот кој ќе продолжи да го балканизира регионот. Однесувањето на Бугарија е последица на таа наша системска слабост.

Овие процеси неминовно внесуваат геополитичка несигурност на Балканот и продолжена можност за опортунистичка пенетрација на големите светски сили. Полска е најголемиот сојузник на САД и нејзин главен сателит во Европа и ЕУ. Унгарија на Орбан е длабоко зависна од Москва и Кина, не само економски, туку и идеолошки. Бугарија очигледно е полна политичари чија лојалност и понатаму лежи во Москва, во спротивно не може да се објасни овој политички и геополитички автолезионизам.

Во евентуалниот излез од оваа каша, би требало да помогне вмешувањето на САД и новата администрација на Бајден која барем реторички би барала поголема соработка со ЕУ, односно со Берлин. Пораката од Стејт департментот дека спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија треба да се решава надвор од пристапниот процес за ЕУ, оди токму во таа насока и буди надежи дека кога ќе заврши транзицијата на моќ во САД, Вашингтон подлабоко ќе се инволвира. Тогаш Бугарија ќе сфати каква грешка направила. За Вашингтон е клучно Балканот комплетно да стане дел од евроатлантските институции и сфера на влијание, со што руското и кинеското влијание би се минимизирале, турското би било контролирано, а германското влијание би се намалило кога и овие држави би имале своја релативна тежина во рамки на европските институции.

Оттука можеме да изведеме два кратки заклучоци. Ветото кон нас е дел од поголема проблематика и тоа ќе придонесе да биде решено од поголемите сили. Второ, фактот дека Македонија е во сферата на интерес на двете најголеми сили на Балканот, САД и Германија, нуди надежи дека нашиот интегративен процес во ЕУ, како и кон Западот, можеби на кратко ќе биде закочен, но како таков стратешки не може да биде запрен.