Верски пост насекаде во светот
Доброволно откажување од јадење, пиење или одредени навики - многу луѓе тоа го прават повеќе од религиозни мотиви отколку од здравствени причини. Време на пост има во сите големи верски заедници во светот.
Преку откажување до продлабочување на верата
Доброволно откажување од јадење, пиење или одредени навики - многу луѓе го прават тоа повеќе од религиозни, отколку од здравствени причини. Притоа има големи разлики меѓу верските заедници: Некои прецизно ги пропишуваат правилата од што треба да се откажат луѓето, други оставаат простор за индивидуален пост. Заедничка им е целта, преку откажувањето да се продлабочи верата.
Религиозни примери
Исус постеше 40 денови во пустината, пред да почне јавно да дејствува. И други основачи на вера се повлекувале во самотија, за да постат: Мојсеј се искачи на планината Синај, каде ги прими Божјите заповеди. Исто така и Мохамед се повлече во планина, за преку постот да стигне до покајание. Притоа му се појави архангелот Габриел, кој му даде налог да ја прошири верата.
Свест за верата
Времето на постот е поврзано со молитви. Во христијанството верниците преку воздржување и медитација треба да се свртат кон себе, да се покаат и да бараат блискост со Бога. Во оваа вера постот е по слободна волја: верникот самиот може да одлучи од што ќе се откаже. Едни се откажуваат од алкохолни пијалоци, слатки или цигари, други се откажуваат од телевизија и мобилни телефони.
Од среда пепелница до Велигден
Во средата по карневалот во католицизмот започнува постот. Тој трае до Велигден. Како знак за покајание порано се истурала пепел врз главата. Тое е и потеклото на денешниот крст од пепел, кој католичките свештеници го цртаат на челото на верниците. Вториот пост, пред Божик, денес има помало значење.
„Чист понеделник“
Во Грчката православна црква постот почнува 48 денови пред православниот Велигден, односно на "Kathara Deftera" (чист понеделник). Овој прв ден од постот во Грција е празник. Во јужниот пристанишен град Галаксиди тој започнува со традиционалната „војна со брашно“. Потоа при постот верниците мораат да се откажат од јајца, брашно и масло.
Лутер и Цвингли
Реформаторите свесно го намалија значењето на католичката традиција на постот: Мартин Лутер постеше, но нагласуваше дека човекот не се приближува до Господ преку постот, туку преку верата. Швајцарскиот реформатор Улрих Цвингли беше порадикален: тој постот го започна со демонстративно јадење на колбаси. Во поново време сепак многумина евангелисти одново го откриваат постот.
Божја заповед
Рамазан, деветтиот месец во исламскиот месечев календар, претставува еден од петте столбови на исламот. Во овој месец на постот муслиманите не смеат да јадат, пијат и пушат од изгрејсонце до зајдисонце. Исто така се забранети и интимни односи. На 27. ден, т.н. Lailat al-Qadr - муслиманите ја слават ноќта, кога архангелот Габриел на пророкот Мухамед му ги отвори првите стихови од Коранот.
Заеднички молитви
За Рамазан треба да се прочисти и облагороди душата. Затоа муслиманите интензивно се занимаваат со Коранот. Покрај заедничките молитви во џамиите треба да се зајакнат и односите со другите луѓе. Тука спаѓа гостопримството, како и помошта за сиромашните.
Кршење на постот по зајдисонце
Од заповедта за постот се исклучени болните, луѓето што патуваат и децата. Исто така и жените во текот на бременоста, доколку дојат или имаат менструација не треба да постат. Секој ден кога ќе дојде вечерта, се крши постот. За да се истакне семејниот и карактерот на заедницата, на овие оброци се присутни многу луѓе.
Еврејски пост
На големиот еверејски ден на помирувањето, Јом Кипур, не смее да се јаде, пие, пуши, бања или работи. Освен ова има уште пет други празници на кои Евреите се сеќаваат на тажни историски случувања. Најважниот е Тиша беав, кој меѓу другото потсетува на два пати уништување на Ерусалимскиот храм. Ортодоксните Евреи тогаш бдеат цела ноќ.
Пат до внатрешен мир и просветлување
Буда го проповедаше средниот пат, тој одбиваше самопокор. Затоа за будистите не се препорачува ниту прејадување, ниту гладување. Експлицитни упатства за пост нема. Меѓутоа да се јаде малку, според будистичкото учење, ја олеснува медитацијата на патот кон внатрешен мир и просветлување. Будистичките монаси и монахињи затоа се откажуваат од оброци по дванаесет часот напладне.