1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Венизелос и Кери разговарале за Македонија

ЖА/миа5 декември 2013

Скопје беше главна тема на тет-а-тет разговорот меѓу Евангелос Венизелос и неговиот американски колега Џон Кери во Брисел, открива денеска грчка „Та Неа“.

https://p.dw.com/p/1ATZT
Фотографија: Reuters/Jason Reed

Како што јави дописникот на МИА од Атина, весникот не открива за што точно зборувале двајцата министри. Според дипломатски извори, Кери веднаш побарал средба по говорот на Венизелос на работната вечера на министрите за надворешни работи на НАТО, на која се дискутираше за проширувањето на Алијансата, а во тој контекст и за Македонија.

Венизелос на вечерата рече дека прашањето за името не е билатерален, туку отворен меѓународен проблем. Тој повтори дека Грција целосно го почитува процесот кој се води под покровителство на генералниот секретар на ОН, преку Метју Нимиц, за решавање на прашањето за името, „што во суштина е прашање на добрососедство, почитувањето на меѓународното право и стабилност во регионот“.

И покрај тоа што официјална Атина, како што секојдневно јавуваат локалните медиуми, чувствува притисок дека големите светски сили своите дипломатски активности ги насочуваат кон евентуален пресврт во однос на Македонија на самитот на НАТО следната година, дипломатски кругови во Атина коментираат дека Венизелос на Кери му ги повторил веќе познатите црвени линии на Грција: Македонија не може да влезе во НАТО под привремената референца ФИРОМ и време е Скопје да преземе чекори за решавање на прашањето за името. Атина постојано тврди дека таа направила сѐ што е во нејзина можност, и оти сега е ред на Скопје.