Венецуела: Гуаидо стави сѐ на една карта
1 мај 2019По вчерашните насилни судири со војниците кои ѝ се верни на владата на Николас Мадуро, опозицискиот лидер Хуан Гуаидо ги повика своите приврзаници на најмасовни демонстрации денеска со цел да се собори власта. Мадуро „нема контрола над воените сили и нема контрола врз венецуелскиот народ“, изјави Гуаидо вчеравечер во видео порака. „Продолжуваме со Операција Слобода. Остануваме на улица сѐ додека не ставиме крај на незаконското владеење“, рече тој.
Вчера се случи бунт во делови од армијата, но не и преврат како што се надева опозицијата.
Повеќе:Гуаидо за ДВ: Армијата веќе не го поддржува Мадуро
Венецуелскиот претседател Мадуро во телевизиско обраќање рече дека се работи за „мала група“ која сака „насилство во Венецуела“. Безбедносните сили успешно му ставиле крај на обидот за пуч, рече Мадуро, додавајќи дека армијата му е лојална.
Американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео во интервју за Си-Ен-Ен изјави дека Мадуро бил подготвен да ја напушти Венецуела. „Авионот му беше на писта. Сфативме дека е подготвен да си замине денеска изутрина. Но, Русите му рекле дека треба да остане“, рече Помпео, додавајќи дека Мадуро наводно сакал да замине за Хавана.
Вчера во Каракас имаше улични борби помеѓу војниците верни на Мадуро и приврзаниците на опозицијата. Според опозициски извори, во повеќечасовните борби се повредени најмалку 69 лица. Во целата земја на демонстрации се уапсени најмалку 83 луѓе, соопшти организацијата за човекови права Форо Пенал.
Гуаидо има поддршка од меѓународната заедница. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас за време на своето патување во Латинска Америка ја нагласи поддршката за Гуаидо, но предупреди од насилство. „Не сакаме говор на оружјето. Потребно ни е политичко, а не воено решение“, напиша Мас на Твитер.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Куба да запре со поддршката за Мадуро. Во спротивно против Куба ќе бидат воведени нови санкции и земјата ќе се соочи со целосно ембарго, напиша на Трамп на Твитер.