1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови избори како игра на среќа

Самира Шекл
19 април 2017

Ќе излезе ли Тереза Меј посилна од предвремените избори? Премиерката на Велика Британија би можеле да ја чекаат и лоши изненадувања, сметаат некои Британци.

https://p.dw.com/p/2bSma
England Theresa May kündigt Neuwahlen an
Фотографија: picture alliance/dap/abaca/K. Green

Иако можеби вчерашната најава најнапред изненади, сепак откако Велика Британија на 23 јуни минатата година гласаше за Брегзит, Дејвид Камерон даде оставка, а Тереза Меј стана премиерка, можноста за предвремени избори лебдеше во воздух. Меј, наспроти тоа, постојано негираше дека планира нови избори.

Во септември минатата година таа потенцираше дека нема да има нови избори: „Потребно ни е време и стабилност, за да се справиме со проблемите на земјата. Изборите треба да се одржат во 2020 година“. И до пред само еден месец Даунинг стрит 10 негираше дека размислува за предвремени избори.

Значи што се промени? Во изминатите месеци Меј ја најави нејзината визија за тврд Брегзит, во кој Велика Британија комплетно ќе се повлече од ЕУ. При најавата за предвремените избори на 8 јуни, таа јасно укажа дека сака да го зајакне мандатот за нејзините намери. „ Ова е момент од енормно национално значење тука во Велика Британија. Во Вестминстер мора да владее единство“. Нејзе ѝ е потребно единство во парламентот, кое во моментов го нема.

Theresa May Premierministerin England
Тереза МејФотографија: picture-alliance/empics/J. Taylor

Бројките упатуваат на тоа дека Меј нејзиното тесно парламентарно мнозинство би можела значително да го зголеми со нови избори, бидејќи Лабуристичката партија е раскината од внатрешни конфликти. Ако се земе просекот од сите анкети, конзервативците на Меј актуелно имаат 42 насто поддршка кај граѓаните, а Лабуристичката партија само 27 проценти. Тоа би било доволно за комотно мнозинство за Меј.

Циничен потег?

Реакциите на најавата на Меј многу се разликуваат. „Брилијантна тактика од страна на премиерката“, вели Метју Брук, инженер од Лидс кој гласал за Брегзит. „Лабуристичката партија не ниту веродостојна опозиција, сите приврзеници на Брегзит - многу од нив и самите гласачи на лабуристите - ќе излезат на избори, ќе гласаат и ќе ја покажат својата согласност“.

Референдумот за Брегзит во јуни минатата година откри длабоки јазови во британската јавност. Некои сега стравуваат дека изборите ќе бидат повторување на референдумот - со слични потреси за општеството. „Ова е циничен потег на Меј, која сосема јасно сака да го зголеми владиното мнозинство, за да може без отпори да го протурка нејзиниот тврд и економски катастрофален курс за Брегзит“, вели Зои Лоренс, која работи за хуманитарна организација во Лондон. „Таа говори за национални интереси, но всушност важни ѝ се само интересите на конзервативците. Како поинаку можеме да ги оправдаме трошоците и раздразнетоста, кои доаѓаат со изборите, толку кратко по референдумот?

И Питер Френклин, писател од Белфаст, гледа бројни ризици: „Се наоѓаме пред политичка криза во Северна Ирска, која во најголема мерка е игнорирана од страна на политичарите во Вестминстер. Шкотите повторно бараат независност“, вели Френклин. „Искрено кажано, изгледа неодговорно, во вакви околности да се одржуваат избори. Што се случи со неопходноста за стабилност?“ 

UK Brexit Protest in London
Фотографија: Getty Images/C. Court

Игра на среќа

Се разбира новите избори претставуваат и коцка за Меј: иако Лабуристичката партија стои лошо во анкетите, на многу нејзини пратеници седиштата во парламентот им се сигурни. Покрај тоа мислењата за Брегзит се поделени и во редовите на конзервативците. Така што парламентарното мнозинство може на крајот да испадне далеку помало отколку што се надева Меј. Либералдемократите, кои во моментов имаат само осум пратеници, покрај тоа со анти-Брегзит платформа се борат за нови избори и се обврзаа да спроведат втор референдум. Шефот на партијата Тим Ферон веднаш издаде соопштение во кое либералдемократите се позиционираат како анти-Брегзит опција: „Ако сакаш да избегнеш тврд катастрофален Брегзит, ако сакаш да ја задржиш Велика Британија во внатрешниот пазар на ЕУ, ако сакаш Велика Британија која е отворена, толерантна и обединета - тогаш ова е твојата шанса“, се вели во прогласот.

Затоа некои гласачи за опцијата за останување на Велика Британија во ЕУ на референдумот во минатата година сега во најновиот развој на настаните гледаат шанса: „Можеви ќе успееме некои пратеници да ги замениме со кандидати кои ќе сторат сѐ за да се остане во ЕУ“, вели Ајша Хазариа службеничка од Единбург. „Се разбира нема да победиме, но барем тоа ќе биде можност одново да се отвори дебатата. Со задоволство би сакала да видам анти-Брегзит алијанси независно од партиското членство“, вели Хазариа.