1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Везув мирува, а Помпеја е повторно пред катастрофа!

Ф.Цан/ А.Трајковска 2 ноември 2014

Помпеја станува жртва на неодговорниот однос на оние, кои се задолжени да го зачуваат овој фасцинантен град со можеби најдобро зачувани антички урнатини во Италија, но и во светот. Парите притоа не се проблем.

https://p.dw.com/p/1Dc7Z
Фотографија: High Contrast

Најновата историја на Помпејa е трагична! Секоја зима се уриваат ѕидините омекнати од дождот. Листата на штети е долга. Вандализмот исто така е огромен проблем: постојано им се нанесуваат штети на фреските.

Во далечниот Брисел тоа предизвика ужасеност. За да се спаси Помпеја во 2012 година беа ставени на располагање преку 42 милиони евра - под услов: парите ќе се исплатат само ако навистина се работи.

Но, оттогаш многу нешта тргнаа наопаку. Одговорните беа отпуштени.

Од пролетта Масимо Осана е одговорен за спасување на руините: „Во наредните месеци конечно мора да почнат најавените големи зафати, за кои Брисел стави пари на располагање и кои треба да ја спасат Помпеја од пропаѓање. До крајот на годината треба да направиме многу работи!“, вели археолошки директор на Помпеја.

Тој мисли не само на ѕидното сликарство, кое од секогаш било изложено на ветрот и времето, туку и на делови од градот-руина, кои досега не беа ниту откопани.

Заштитните мерки таму треба да обезбедат потпора и одводнување на земјиштето, за при наредниот голем дожд тоа да на притиска врз античките ѕидови и да предизвика нивно уривање.

Планирани беа 115 градилишта на целото наоѓалиште! Но веќе две години се работи само во еден мал дел од градот. Тоа сега ќе се смени за само неколку месеци?! Критичарите се сомневаат.

Архитектот Антонио Ирландо вели: „Повторно се прават старите грешки. Сега задоцнето сакаат бргу-бргу да почнат со реновирањето. Треба да се добие впечаток дека тука насекаде се работи. Но резултот е крпеница со сомнителен квалитет“.

Ирландо со години ги критикува властите во Помпеја дека пасивно гледале како се распаѓа античкиот град и дека и сега недостасува долгорочен концепт.

Pompeii EU Archäologen
ЕУ става на располагање 42 милиони евра - но ако се работиФотографија: AFP/Getty Images

На Маринела Пијано и’ се познати опасностите кои се закануваат при комплексна реставрација. Со месеци таа со својот тим работи со акварел-бои на оваа фреска од првиот век пред нашата ера - реставрација која бара многу време.

Во 2011 година тука се урнаа делови. Влагата предизвика големи штети на мозаиците и фреските.

„Многу камчиња од мозаикот испаднаа поради влагата, подот стана целосно нерамен. Сето тоа моравме да го реконструираме. Досега недостасуваше секаква грижа. А, ќе можеше да се избегнат многу штети, многу трошоци и труд - ќе се избегнеа и трајните штети“, вели реставраторката.

Вакви штети нанесени од човечка рака можеле да бидат спречени само со построга контрола и внимателни чувари!

Впрочем во најпосетените денови во наоѓалиштето има до 20.000 луѓе. Фасцинацијата од Помпеја е огромна, токму како и интересот за зачувување на атничкиот град.

Масимо Осана е свесен за одговорноста што ја има за заштита на Помпеја. „Што и да се случува во Помпеја, го набљудува целиот свет и го поистоветува со состојбите во цела Италија“.

Во Помпеја Италијанците сега се принудени да работат според план. Оти, ако реставрацијата и натаму се одвива бавно, Брисел наредната година ќе ги повлече ветените милиони. Со тоа Помпеја би можел дефинитивно да биде препуштена на пропаста.