1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вајденер: Фотографијата од Тјенанмен го промени мојот живот

Габриел Домингез / Александар Методијев4 јуни 2014

Неговата фотографија со човекот кој се конфронтира со колона од тенкови е симбол на немирите на плоштадот Тјенанмен во 1989 година. Фоторепортерот Џеф Вајденер за Дојче веле ја раскажува приказната зад фотографијата.

https://p.dw.com/p/1CBOk
Фотографија: Jeff Widener/AP

Во јуни 1989 година неколку илјади кинески студенти и незадоволни граѓани од сите сфери на животот се собраа на пекиншкиот плоштад Тјенанмен за јавно да изразат жалење за смртта на реформски настроениот висок функционер Ху Јаобанг, но и да побараат одговорност од владата, слобода во медиумите и запирање на корупцијата во земјата. Како што демонстрациите ескалираа, така кинеската влада распореди војска за задушување на продемократското движење, која отвори оган врз невооружани цивили и, според проценките, уби неколку стотици од нив. Официјални податоци никогаш не беа објавени.

Во услови на страв и конфузија еден човек одеднаш застана пред колоната од тенкови, која минуваше низ плоштадот. Судбината на човекот, кој денес е познат само како „човекот пред тенкот“ („Tank Man“), побудува љубопитство кај многумина, но посебно кај човекот кој го сними овој историски момент - Џеф Вајденер. Во интервју за Дојче веле американскиот фоторепортер вели дека станал свесен за историското значење на неговата фотографија дури многу години по инцидентот и објаснува како фотографијата придонела за наоѓање среќа во приватниот живот.

Дојче веле: Каква е приказната зад фотографијата со „човекот пред тенкот“?

Jeff Widener Angola
Џеф Вајденер смета дека неговата фотографија на некој начин е и благослов и клетваФотографија: Jeff Widener/AP

Џеф Вајденер: „Утрото на 5. јуни, односно денот по немирите, добив наредба од Асошиејтед прес во Њујорк да се обидам да го фотографирам плоштадот Тјенанмен, кој веќе беше окупиран од војската. Тоа беше предизвикувачки, имајќи ги предвид настаните што се случија таму еден ден претходно. Најблиско место од каде се гледаше беше хотелот ’Пекинг’. Јас се качив на велосипед и некако успеав да минам низ безбедносната стража. Откако се протнав во хотелот, со помош на американски студент, успеав да добијам прилично остра слика од балконот на петиот кат и тоа со помош на 800 милиметарска фокусна леќа. До крајот на денот, не само што ја доловив сликата од плоштадот Тјенанмен, туку излезе и бонус - ’човекот пред тенкот’“.

Дојче веле: Што мислите, кој беше „човекот пред тенкот“?

Џеф Вајденер: „Сметам дека тоа е момче кое веројатно беше излезено да пазарува и кое можеби беше инволвирано во инцидентот од четврти јуни. Можеби имал девојка која била убиена или ранета за време на немирите. Сметам дека можеби му беше едноставно прекуглава. Тој излезе на улицата, виде дека тенковите доаѓаат, не му беше грижа за него самиот и сакаше неговите размислувања да бидат почувствувани. Ако беше емоционално вознемирен поради убиство на пријател или роднина, веројатно беше тоа, тогаш во тој момент тој не мислеше на него. Во такви случаи ништо друго на светот не е значајно, освен загубата на некого“.

Дојче веле: Што мислите дека се случи со него, откако беше тргнат настрана од четворица мажи?

Џеф Вајденер: „Можеби нема никогаш да дознаеме. Јас верувам, како и да е, дека некој знае, но не ни кажуваат“.

Дојче веле: Како беше во Пекинг тој ден кога ја снимивте фотографијата?

Jeff Widener und Liu Hueng Shing Tiananmen Mai 1989
Џеф Вајденер (лево) фотографиран во Пекинг во мај 1989 годинаФотографија: Jeff Widener/AP

Џеф Вајденер: „Никој не сакаше да излезе на улиците. Сите беа исплашени по настаните во претходните неколку дена. На пример, јас мислев дека ќе умрам во ноќта на трети јуни, кога бев удрен во лицето од заскитана цигла фрлена од некој демонстрант. Бев преплашен до смрт и потоа, кога дојде полн камион со војници и тие отворија оган. Бегав како преплашена ученичка низ алеата, но на половина пат морав да запрам, бидејќи бев задишан. Си помислив дека ќе умрам, бидејќи бев надвор од форма. Тоа беше едно од најужасните искуства за време на тие денови. На крајот тропнав на вратата на американската амбасада. Кога конечно ме пуштија внатре, јас буквално се тресев. Чудо е што оттаму излегов жив“.

Дојче веле: Што си помисливте кога ја снимивте фотографијата со „човекот пред тенкот“ и што мислите сега за тоа што таа и натаму е забранета во Кина?

Џеф Вајденер: „Првата работа што ја помислив беше дека овој човек ќе ми ја зафркне композицијата. Потоа бев шокиран како и секој друг. Сметав дека ќе биде убиен. Но, не беше. Сметам дека тоа беше неверојатно искуство. Ова е засрамувачко за кинеската влада. Не разбирам зошто не ги расчистат работите. Грешки беа направени на двете страни. Речиси е смешно што фотографијата и натаму е забранета. Јас за кратко време знаев дека таа има влијание, оти весници и магазини ширум светот ја ставаа на половина страница. Ама мислам дека за нејзиното значење станав свесен дури подоцна кога АОЛ ја избра како една од десетте најпознати слики на сите времиња, веднаш до фотографиите од слетувањето на месечината и уривањето на германскиот цепелин Хинденбург“.

Дојче веле: Како оваа фотографија со „човекот пред тенкот“ влијаеше врз вашиот живот?

Џеф Вајденер: Како фотограф би сакал луѓето да ме знаат и по другите фотографии, а не само по нешто што во основа беше снимка на среќа. Се надевам дека еден ден ќе биде препознаена и мојата останата работа. Приватно, таа фотографија ме донесе до Корина. Откако БиБиСи ме однесе во Пекинг за снимање документарец по повод 20-годишнината од немирите, шетав низ булеварот Шанган и видов Германка како седи на улицата. Разговарав со неа и кога почна да врне отидовме во чаиџилница. По пет часа препознавме дека меѓу нас има љубов, па следната година во Хонолулу, на Хаваите, стапивме во брак. Ако некој ми речеше за време на тоа крвопролевање дека ќе се вратам на истото место по 20 години и дека ќе ја најдам идната сопруга, немаше да верувам во тоа“.

Џеф Вајденер е американски фоторепортер. Неговата фотографија од немирите на плоштадот Тјенанмен во 1989 година го направи еден од финалистите за „Пулицеровата награда“ во 1990 година. Тој во моментов работи како слободен соработник во Хамбург, Германија.