1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ватерло- мајката на сите порази

Фолкер Вагенер/бг18 јуни 2015

Пред 200 години тоа беше битката која ја одлучи иднината на Европа. Наполеон ја загуби битката кај Ватерло, а последиците од поразот беа далекусежни. Кратка приказна за мајката на сите порази

https://p.dw.com/p/1Fj3t
Фотографија: DW/G. Matthes

Како што вели поговорката, оној кој ќе го доживее своето „Ватерло“ не можел да доживее поголем неуспех. Фактот дека малата белгиска општина јужно од Брисел на тој начин стана бесмртна, има врска со светската историја. Во летото 1815 година, Наполеон ја започна својата последна битка, која ќе стане и неговиот последен пораз. Со неа, ткн. Наполеонова ера дојде до својот крај, и стана дел од историјата.
Речиси две децении, малечкиот корзиканец ја држеше цела Европа во костец. Но на крајот, 100-часовната битка која се случи пред 200 години, од 15 до 18 јуни, го запечати политичкиот поредок во Европа.

По превирањата од Француската револуција која го потресе целиот континент и стариот социјален поредок, поразот на Наполеон во Ватерло во 1815 година наизглед го врати тркалото на историјата назад. Реставрацијата и враќање на старите односи. Одлучувачка улога во тоа имаа победниците од Ватерло: Англичанецот Артур Велесли, попознат како Прв војвода од Велингтон, и Прусот Гебхард Леберехт фон Блишер, познат како „Маршалот Напред“.

Napoleon
Наполеон БонапартаФотографија: picture alliance/Imagno

Раздели, па победи

Тактиката на Наполеон за победа над сојузничките Англо-Холандски и Пруски армии во одделни битки беше условена од бројната супериорност на противниците. Околу 72 илјади војници на Наполеон пред себе имаа двојно повеќе британски, холандски и пруски непријатели, а притоа од исток доаѓаа и дополнителни австриски и руски трупи.
Воените историчари сметаат дека Наполеон можел одделно да ги порази противничките војски. Неговиот најголем квалитет била неверојатната моќ да донесува брзи и квалитетни одлуки. Но во Ватерло, тој квалитет повеќе не го красел.

На 16 јуни 1815 година, околу 160 илјади војници се соочиле во жестока битка во која Прусите биле бројно надмоќни од Французите. За седум часа, благодарение на неговата Стара гарда, Наполеон ја натерал на повлекување пруската армија. Цената на победата биле 10 илјади загинати француски и двојно повеќе пруски војници. Велингтон следниот ден коментирал дека „Блишер добил добар ќотек“. Но и тој самиот за малку избегнал пораз. На само неколку километри од Лињи, каде прусите ја загубиле битката, Велингтон бил лице в лице со третина од француската северна армија, под команда на маршалот Мишел Неј. Велингтон успеал да ги задржи позициите само благодарение на неодлучноста на Неј.

Gemälde Schlacht von Waterloo Sadler
Битката кај ВатерлоФотографија: gemeinfrei

Двете клучни грешки
Во секој случај, Наполеон успеал да ги раздвои и да напредува меѓу линиите на англо-холандските и пруските армии. Но тогаш, според воениот експерт Ханс-Вилхелм Мозер, кој детално ја проучувал битката кај Ватерло, Наполеон направил две грешки кои му ја запечатиле судбината.
„Најпрво не издал наредба да се гонат прусите кои ги поразил кај Лињи. Поради тоа, потоа немал поим каде се наоѓаат и што прават и морал стратегијата да ја прави на слепо“.
И потоа, објаснува Мозер, „утрото на 17 јуни, му дозволил и на Велингтон да побегне од Катр-Бра и со тоа ја пропуштил можноста, да ги порази двата противника еден по друг, согласно оригиналниот план за битката“. Ништо не ја објаснува состојбата подобро од славната реченица на Велингтон: „Или ќе падне ноќта, или ќе дојдат Прусите“.
Потоа на сцена стапуваат Прусите. Доцна, но не предоцна. „Маршалот Напред“ си го оправдал прекарот. Додека трупите на Наполеон се повлекувале преку широкиот фронт, офанзивната на Блишер ги натерала Французите во хаотично бегство. Само половината на Северната армија се спасила. Наполеон им дал втора шанса на Прусите по Лињи, и тактички ги подценил Британците. Непријателите го поразиле со неговото најсилно оружје.

Deutschland Gebhard Leberecht Fürst Blücher von Wahlstatt
Гебхард Леберехт фон БлихерФотографија: picture-alliance/dpa
Portrait of Arthur Wellesley 1st Duke of Wellington
Војводата од ВелингтонФотографија: picture alliance/Heritage Images

Проклетството и благословот на Виенскиот конгрес

Уште нешто му застанало на патот на Наполеон: Виенскиот конгрес. Французинот претпоставувал дека конференцијата на шефовите на држави кои го организирале новиот политички поредок во Европа е завршена, кога избегал од Елба. Но, не било така. Наполеон нападнал додека европските лидери се уште заеднички седеле на масата кај австрискиот император, и тоа им дало дополнителен мотив да формирата сојуз против него.
Без случајната коинциденција на овој собир на големите и моќните во Виена, сојузот против Французите никогаш не би можел да биде формиран толку брзо- а европската историја по 1815 година веројатно би била многу поинаква. Во секој случај, Ватерло го означува дефинитивниот крај на француската доминација во Европа и стана синоним за апсолутен пораз.