1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вардар останува во Првата лига

19 јули 2010

Се надевам дека ова е второ раѓање на Вардар по 1947 год. и дека ќе се најде онаму кадешто припаѓа, вели за ДВ Драги Сетинов, нов претседател на ФК „Вардар“. Во воскреснувањето на клубот, тој бара помош и од навивачите.

https://p.dw.com/p/OOjN
Драги СетиновФотографија: DW

Ливерпул одеднаш го разбранува зачмаениот македонски фудбал. Кога жрепката за наредното коло од Лигата на Европа го насочи славниот англиски клуб како можен противник на Работнички, одеднаш скопските дебармаалци со сосема поинакви очи гледаат на реваншот против Мика од Ерменија. Во него македонскиот тим влегува со предност од 1:0 и слатки надежи дека ќе истрча на Енфилд Роуд! А, македонската фудбалска јавност дека ќе биде сведок на гостувањето на повекекратниот европски шампион!

Во облаци е и Тетекс откако остана непоразен - одигра 0:0 на гостувањето во Летонија против Венспилс. Реваншот е голема шанса. Во безизлез во Лигата на шампионите е Ренова, откако настрада со 3:0 во Никозија против Омонија. Но, којзнае, надежта останува, а топката е тркалезна!

Драмата на Вардар

Вардар не е дел од Европа. Напротив, најславното македонско фудбалско име е на дното, во агонија. Во саботата попладне (17.07.2010), 15-тина фудбалери на Вардар се на игралиштето во Ѓорче Петров. Добиле повик! За што? За да си заминат или ...?! Горештината пеколна, неснослива, температурата е околу 40-от степен. Згора на тоа притиска неизвесноста.Човечка драма! Што е тоа што ќе им биде соопштено на младите спортисти?

Dragi Setinov
Златко Калински во разговор со Драги СетиновФотографија: DW

Конечно се појавува Драги Сетинов, екс-играч на Вардар, човек кој во неколку ситуации се обидува да дојде на чело на клубот, да го покрене изнемоштениот џин!

Најнапред застанува пред микрофонот на Дојче Веле за да сопшти каква е судбината на Вардар. Играчите собрани околу него слушаат без здив дека формалностите се завршени и, по повеќе од 6 децении, ова е ново раѓање на Вардар:

„Вардар не се пресели во третата лига. Се потрудивме тоа да го решиме. Направивме Вардар да остане во Првата лига и се надевам дека ова ќе е второ раѓање на Вардар по 1947 година и дека ќе се најде онаму кадешто припаѓа.“

Принцот стана бездомник

Вардаровото денес е исклучително тажна приказна, како на бездомник, без ништо свое, а некогаш беше принцот на македонскиот фудбалски двор:

„Вардар во моментов нема ништо! Не знаеме со кои играчи располагаме, немаме канцеларии, немаме помошно игралиште, немаме терен. Во моментов, Вардар нема апсолутно ништо!“

Десетина фудбалери дефинитивно си заминаа од клубот. Поголемиот дел од преостанатиот играчки кадар е присутен на првата средба со новото раководство.

„Денес ќе видиме со што располагаме во играчкиот погон. Не можеме да се засилиме, бидејќи преодниот рок заврши. Исто така , не знам кој се‘ си заминал од Вардар!“

Драги Сетинов им го соопштува и името на новиот шеф на стручниот штаб:

„Шеф на стручниот штаб ќе биде Џони Тодоровски, кој пред 6 месеци беше назначен, но по упадот на ЏН Менаџментот во Вардар беше отстранет од просториите со сите играчи. Тогаш дојдоа фудбалерите на Македонија Ѓорче Петров со целиот стручен штаб! Мислам дека е ред да се даде шанса на тренерот, кој почна да работи со младата генерација играчи на Вардар и да ја продолжи таа работа!“

Играчите ќе добијат што им следува

Што е тоа што од финансиска гледна точка може да вети новиот претседател на клубот?

„Финансискиот момент ќе биде согледан, откако деновиве ќе отидам во Централниот регистер, како потписник. Тогаш практично ќе го преземам клубот. Инаку, финансиската конструкција е направена. Тоа што на играчите им следува како на професионалци, ќе им биде обезбедено.“

Mazedonien Land und Leute Mazedonische Fußballfans
Сетинов за навивачите: Секогаш сум ги сметал за 12. играч на ВардарФотографија: Petr Stojanovski

Во поглед на подготвеноста, Сетинов е свесен дека за само две недели не може многу да се направи. Но, факт е дека и македонската лига не располага со којзнае каков квалитет, па ќе може да се надомести пропуштеното.Тој ги повикува на помош и навивачите.

„Се надевам дека со нашата ангажираност во тимот, со игрите кои Вардар ќе ги прикажува, ќе ги вратиме навивачите! Секогаш сум ги сметал за 12. играч на Вардар и мислам дека во ситуацијата во која е сега Вардар, многу ќе ни‘ значи нивната помош!“

На 31 јули, кога ќе се затркала топката означувајки го почетокот на новото првенство, Вардар ќе игра против Металург.

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска