1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вардар не успеа да стигне до Келн

ЖА/миа27 април 2014

Македонскиот ракометен првак Вардар го совлада германскиот Фленсбург со 27:25, со што ги анулира двата гола негатива од првиот дуел, но недоволно за пласман на завршниот „фајнл фор“ турнир во Лигата на шампионите.

https://p.dw.com/p/1Bp4R
Фотографија: Joern Pollex/Bongarts/Getty Images

Десетина секунди го делеа македонскиот ракометен првак Вардар од пласман на завршниот „фајнл фор“ турнир во Лигата на шампионите.

„Црвено-црните“ во СЦ „Борис Трајковски“ го совладаа германскиот претставник Фленсбург со 27:25, доволно да се анулираат двата гола негатива од првиот дуел (22:24), но не доволно за конечен триумф. Германците одат во полуфиналната фаза поради повеќе постигнати голови на гостински терен, а решавачкиот го дадоа од седмерец на 12 секунди пред крајот.

Со огромна поддршка од седумилјадната публика, која не се предаваше ни по лошиот резултат од првото полувреме (10:15), Вардарци по само 15 минути во вториот дел изедначија (19:19), а потоа во неколку наврати имаа водство со четири голови разлика. На минута и пол пред крајот Вардар остана со играч помалку по исклучувањето на Михаил Чипурин, а тој момент се покажа како еден од решавачките.

Фленсбург успеа двапати да погоди и да не прими гол, доволно за пласман на завршницата во Келн. Најефикасни во македонскиот состав беа Матјаж Брумен со седум голови и Алекс Душебајев со четири погодоци. Страхиња Милиќ, кој бранеше само во вторите 30 минути запиша седум одбрани.