Вардар во освојувачки поход
1 декември 2013Пред три месеци од најраната фаза во сезоната, ракометарките на Вардар влегоа во својот прв европски поход. Откако лесно ги мина квалификациите, вардаровиот „тим од сништата“ ја доби и следната многу потешка рунда. Вардае го освои првото место во групата на екипи со високи цели: норвешкиот Ларвик, хрватската Подравка и шпанската Бера Бера.
Индира Кастратовиќ од истурената тренерска позиција вака го коментира направеното досега: „Презадоволна сум што се пласиравме меѓу 8-те екипи во Европа. Да бидам искрена, на почетокот се плашев како сево ова ќе се одвива, бидејќи имав дури 14 нови ракометарки со име и со висок квалитет, но недоволно уиграни за Лигата на шампионите. Од натпревар до натпревар нашата игра станува сѐ подобра.“
Нова група, нова шанса
Жрепката за следната четвртфинална група на Вардар му ги спротиставува германскиот Тирингер, данскиот Митјиланд и шведскиот Савехоф. Многу позитивно и оптимистичко е ехото во македонските ракометни кругови во однос на следните опоненти на Вардар.
Кастратовиќ е внимателна и полна со респект: „Сите велат дека имавме среќа со жрепката. Всушност, ние ја заслуживме со тоа што го совладавме силниот Ларвик. Бевме први во групата и ја добивме малата повластеност во извлекувањето. Во спротивно, ќе бевме во потешката група.“
Како би ја рангирала силата на противниците?
„Малку е познато во јавноста дека Митјиланд е всушност Икаст, поранешниот европски шампион, претставник на моќниот дански ракомет со систем на игра сличен на данската репрезентација. Тирингер е претставник на Германија со извонередната Барбоса во своите редови. Тие го фатија последниот воз за четвртфиналето оставајќи го зад себе некогаш славниот Хипо. Деновиве ги гледам и касетите со мечевите на Савехоф. Тоа е добар, уигран и искусен тим.“
Едно од првите две места во групата, пласман во полуфиналето од Лигата на шампионите е достижно за Вардар, прогнозираат ракометните познавачи во Македонија.
Кастратовиќ се обидува да се дистанцира од преуранетите прогнози: „По победата над Ларвик луѓето ги зафати еуфорија, почнаа да не креваат високо. Тоа не ми се допаѓа. Сакам да одиме чекор по чекор задржувајќи го високото рамниште на нашата игра. Далеку е продолжението во европските купови. Сега, речиси сите вардарови ракометарки се со обврските кон своите национални тимови во пресрет на Светското првенство. Најважно ми е сите да се вратат во клубот здрави, без повреди. А, потоа ќе продолжиме онаму каде што застанавме.“
Ѓер, Вардар, Крим и Ларвик највпечатливи
Според Кастратовиќ има неколку екипи кои со своите игри оставаат силен впечаток: „Унгарскиот Ѓер е со максимален учинок досега. Тоа е екипата која ја брани титулата. Вардар е рамо до рамо со само еден нерешен резултат против Ларвик во Скопје. Словенечкиот Крим игра одлично. Ларвик сигурно ќе извлече поуки од поразот против Вардар. Ова е време за анализи, за правење тактика, за ковење на стратегии, за висока мотивираност...Ќе биде возбудливо.“
Тренерско деби на Кастратовиќ во Европа, гледа ли сличности со сезоните за паметење што ги имаше во своите играчки денови во дресот на Кометал Ѓорче Петров? „Ова е нешто сосема различно за мене. Никој не очекуваше еден ваков Вардар. Има скептици, многумина ја оспоруваат мојата работа, а мене ми е најважно да ја имам довербата на ракометрките и на луѓето од клубот. Покажувам дека можам, дека не се плашам од ништо. Што се однесува до асоцијациите на Кометал... сега сум тренер и морам да бидам цврсто на земја...“, вели во разговорот за Дојче веле, Индира Кастратовиќ.