1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Британскиот сој откриен кај 70 отсто од случаите

ДТЗ
25 февруари 2021

Бројот на заразени повторно расте, а имунизацијата на македонското население не се знае кога ќе започне. Владата ќе набавува 100.000 дози од руската вакцина. 

https://p.dw.com/p/3pvYB
Nord-Mazedonien | Coronavirus | Impfungen in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Зголемениот број на заразени лица со Ковид-19 во последните неколку дена се должи на присуството на британскиот сој на вирусот, за кој е карактеристично тоа што многу брзо се шири, смета македонскиот министер за здравство Венко Филипче.

Додека се чекаат анализите на МАНУ, од приватната клиника „Жан Митрев“ посочуваат дека според нивните податоци, кај 70% од пациентите е детектиран британски сој. Филипче вели дека во некои градови во државата е зголемен бројот на хоспитализирани лица. Станува збор за болниците во Кавадарци, Прилеп и Охрид, каде има и најголем број на заразени со мутацијата на коронавирусот, но надлежните уверуваат дека има доволно слободни кревети.  

Надминат прагот од 100 илјади заразени

Во текот на вчерашниот ден во земјата беше надминат прагот од 100.000 заразени со Ковид-19 од почетокот на епидемијата. Со 725 нови случаи кои беа регистрирани вчера, бројот се искачи на вкупно 100.632 заразени досега. Од почетокот на пандемијата од Ковид-19 починале 3.098 лица, а бројот на активни случаи се искачи на 7.223.

Според извештајот на Институтот за јавно здравје за 3,9 проценти е зголемен бројот на позитивни случаи. Голем број на заболени се регистрира кај возрасната група од 30-39 години - 19,2 проценти повеќе во однос на претходните недели. Пријавени се 70 смртни случаи од 13 градови, што е зголемување за 62,8% во однос на минатата недела. 

Филипче најави дека во следниот период е можна измена на мерките, во зависност од епидемиолошката состојба. „Следиме дали овој тренд ќе продолжи вака до тој степен да биде ризик, повторно да се преоптоварат болничките капацитети. Засега нема таква индиција, засега добро се менаџира, но не ја исклучувам таа можност“, рече тој.

Започна постапката за набавка на руската вакцина

Од вчера е започната постапката за набавка на 100.000 дози од руската вакцина. Владата на вчерашната седница го овластила министерот за здравство да потпише договор за набавка на вакцините за имунизација на населението. Во однос на кинеската вакцина, која беше најавувана дека ќе пристигне во земјата до крајот на овој месец, Филипче вели дека сѐ уште се работи на некои дополнителни документи.

Venko Filipce
Филипче: Во некои градови е зголемен бројот на хоспитализирани лицаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Засега нема најави кога би можела да започне вакцинацијата на населението. Имунизацијата се спроведува само за здравствените работници коишто се во првите редови во борбата против Ковид-19. Вакцинацијата се одвива на шест пункта во модуларната болница во Скопје, со вакцините на „Фајзер“ коишто пристигнаа од Србија.

Се работи за над 8.000 дози, кои министерот Филипче цени дека се доволни за да се комплетира првата фаза од вакцинацијата, на околу 4 000 здравствени работници. За 14 дена се очекува да заврши вакцинирањето на здравствените работници, по што ќе следуваат хронично болните и повозрасните лица.

Надлежните сезадоволни од интересот којшто го покажале и здравствените работници, но и граѓаните за вакцинирање. Досега околу 180 илјади граѓани се регистрирани во системот „МојТермин“ со возраст над 70 години и хронични болести.

„Од нив, 50 илјади се веќе пријавени преку веб-страницата ‘Vakcinacija.mk‘ или преку матичните лекари за вакцинација, меѓутоа ние имаме и дополнителни механизми коишто ќе ги активираме да се повикаат“, изјави Филипче.

Ковид-19 ги намножи бездомниците во Скопје

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема