Вакцините треба да се распределат праведно
26 февруари 2021Резолуцијата која ја предложи Велика Британија доби поддршка од сите 15 членови на Советот за безбедност на Обединетите нации. Намерата е да се подобри пристапот до вакцини пред се' на посиромашните земји и регионите каде има конфликти, се вели од дипломатски кругови.
Повеќе: Сега ги нема доволно, наскоро вакцини во Европа ќе има на претек
Ова е втора резолуција на Советот за безбедност на ОН во врска со пандемијата на коронавирус во рок од една година. Членовите на СБ на ОН со неа го повторуваат своето барање за солидарност со посиромашните држави и прекин на огнот во конфликтите.
Агенцијата АФП јавува дека во текстот на резолуцијата се охрабруваат побогатите земји да донираат вакцини против коронавирус на општества со низок или среден стандард. Членките на ОН јасно се повикуваат да не складираат вакцини. Освен тоа, се бара и зајакнување на „националните и мултилатералните пристапи во меѓународната соработка“ за да се постигне „рамноправен и финансиски возможен пристап до Ковид-19-вакцини во ситуации на вооружени конфликти, повоени состојби, како и во комплексни хуманитарни ургентни ситуации“. Според наводи на ОН, во вакви услови ширум светот живеат 120 милиони луѓе.
Повеќе: ЕУ- самит: Вакцинирањето е најголем приоритет
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, минатата недела опомена дека е неопходен „светски план за вакцинирање“, за да се спречи посиромашните држави да извисат во процесот на вакцинирање против коронавирус. Според Гутереш, досега 75% од сите вакцини кои стојат на располагање се даваат на граѓаните во само десет земји. Освен тоа, во 130 држави во светот досега воопшто не се почнало со вакцинирање на населението.