Филипче најави вакцинација и на деца од 12 до 16 години
28 мај 2021Во текот на следните месеци ќе се прават анализи за можно вакцинирање на децата од 12 до 16 години во Северна Македонија, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Целта, според министерот, е да се изработат протоколи со кои ќе се овозможи децата да се вратат на физичка настава во училиштата од 1 септември. Филипче вели дека во САД е веќе во тек вакцинирање на децата на таа возраст, и најавува дека може да се проектираат доволни количества вакцини на Фајзер/Бионтек доколку се донесе одлука да се вакцинираат и помладите генерации. Таквата вакцинација нема да биде обврзувачка.
-повеќе на темата: Германија: Вакцини за деца
Македонските државјани кои се вакцинирале во соседна Србија наскоро ќе имаат можност да се пријават на нов сајт кој ќе го носи името „ревакцинација“ и ќе биде дел од вакцинација.мк. Граѓаните над 60 години ќе можат да се ревакцинираат со вакцината на АстраЗенека и во С. Македонија, а останатите тоа можат да го сторат во Србија, со тоа што ќе им биде признаен сертификатот и преку QR ќе можат да ги внесат податоците во македонскиот „зелен пасош“.
Филипче сѐ уште нема информации дали и кога ќе пристигнат следните дози на руската вакцина Спутник V во земјата, иако такво нешто беше најавено за крајот на месецов.
Министерот за здравство објасни дека со новите олеснувања на мерките се задржува полицискиот час по полноќ со цел да се ограничат групирањата на граѓаните во тој период од ноќта.