Милиони дози вакцини во Германија ќе завршат во ѓубре?
18 август 2021Според истражувањата на Централниот институт за задолжително здравствено осигурување во Германија, достапно на политичкиот магазин на АРД, „Репорт Мајнц“, до 3,2 милиони дози вакцини против Ковид-19 само од лекарските ординации се загрозени да пропаднат зашто рокот им истекува наесен.
Тоа се однесува посебно на 1,5 милиони дози на вакцините АстраЗенека и Џонсон и Џонсон. Но, дури и за 1,7 милиони дози на Бионтек/Фајзер кои моментно се наоѓаат во ординациите, не е сигурно дали ќе бидат употребени. Имено, лекарските ординации, за разлика од Центрите за вакцинирање, не можат да ѝ ги вратат неискористените дози на вакцините кои уште имаат трајност, директно на сојузната влада. Неискористените дози во ординациите досега не беа централно евидентирани.
„Неверојатно и неодговорно“
„Неверојатно и неодговорно“, огорчено коментира лекарот по општа пракса д-р Бјерн Пареј во интервју за политичкиот магазин на АРД. Посебно со оглед на фактот дека вакцините очајно се барани во други земји во светот, ова е катастрофа, вели членот на Здружението на лекари по општа пракса во Хамбург. Уништување до 3,2 милиони дози вакцини, вели тој, е незамисливо, не само од перспектива на солидарност. „И за нас во Германија, важна е борбата против пандемијата во цел свет, зашто во спротивно вирусот постојано ќе се пренесува во земјата.“
Само во неговата ординација остануваат повеќе од 50 дози вакцина АстраЗенека, на кои рокот на употреба им истекува на крајот на октомври. Тој вели дека се обидел да ги предаде дозите за натамошно користење, но Центарот за вакцинирање во Хамбург тоа го одбил. Според постојните прописи, Центарот за вакцинирање не мора да ги прифати дозите.
„Овие вакцини тогаш ќе завршат во ѓубре“, критикува Бјерн Пареј.
-повеќе:
Германија фрла сѐ повеќе неискористени вакцини
Германија од август почнува со донација на вакцини во странство
Германија: Препорака за вакцинирање на сите над 12 години
Награда – пржен колбас, предизвика навала за вакцинирање
Ова го потврди и Министерството за здравство на сојузната покраина Северна Рајна Вестфалија на прашање на „Репорт Мајнц“: „Во Центрите за вакцинирање не може да дојде до прием на вакцини на АстраЗенека, зашто тие во моментот таму ретко се користат.“ Дури и дозите кои може да се чуваат уште со месеци, остануваат неискористени поради бирократски пречки. И тоа без оглед што се итно потребни во земјите во развој и за нив би имало купувачи.
Д-р Бјерн Пареј вели дека лекарските ординации во Хамбург уште на 1. јули се обратиле до покраинската влада и предупредиле на заканата од пропаѓање на дозите на АстраЗенека. Тој вели: „Овде мораше да се интервенира многу порано“. Реакција од Министерството за здравство во Хамбург уште нема.
Вакцините од Центрите за вакцинирање можат да ѝ се вратат на сојузната влада преку сојузните покраини, но моментно не постојат соодветни прописи за лекарските ординации. Сојузното министерство за здравство за тоа на „Репорт Мајнц“ одговори: „Моментно нема планови за враќање на вишокот на вакцини против Ковид-19 од лекарските ординации во централниот магацин на сојузната влада.“
Нема реакции од Берлин
Сојузнотоо министерство за здравство уште нема реакција на конкретните резултати на истражувањето за бројот на вакцини на кои им се заканува да завршат во ѓубре. Резултатите од истражувањето се темелат врз националните податоци за испорака на вакцини, кои се собрани за сите лекарски ординации на 10. август 2021 година и врз податоците за вакцинирање во целата земја од медицинските ординации, собрани на 15 август 2021 година.